Достапни линкови

Си дала ли поротничката во „ТНТ“ оставка?


Архивска фотографија- судење за случајот „ТНТ“

Основниот кривичен суд Скопје реагира на писмото на Јовица Страшевски, адвокат на поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски во случајот ТНТ, кој наведе дека поротничката Лилјана Ивановска Кочковска си дала неотповиклива оставка.

„Неспорен е фактот дека судијата- поротник вчера побара прием кај претседателот на судот на кој му се пожали дека прима закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава. Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија- поротник и доколку е неопходно институциите може на секој судија и судија- поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет“, наведуваат од судот.

Адвокатот Страшевски во денешното негово соопштение тврди дека вчера добил информации дека судијата- поротник Ивановска- Кочковска поднела неотповиклива оставка која ја доставила во архивата на Основниот кривичен суд Скопје, но тврди дека по налог на претседателот на судот таа не била прифатена и била итно повикана кај него со цел, како што пишува, да се изврши притисок да мора да присуствува на рочиштата кои се закажани особено за предметот „ТНТ“.

Преписката на Страшевски со судот трае со денови. Адвокатот тврди дека поротничката треба веќе да биде во пензија и дека незаконски присуствува на рочиштата, а судот пак дека е пракса ако некој поротник присуствувал на судењата од почетокот на случајот да продолжи со работата за да го доврши случајот. Судот на повиците на Страшевски гледа како на притисок, закани и обид за одолговлекување на случајот „ТНТ“.

Овој случај, кој се однесува на уривањето на објектот Космос, е во завршна фаза и ако се смени судијата поротник ќе почне од почеток. Обвинети во „ТНТ“ се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, поранешниот градоначалник Трајковски и неколкумина вработени во општината Гази Баба.

XS
SM
MD
LG