Достапни линкови

Камчева: Јанева не побара пари, Боки бараше


Ана Камчева во Кривичниот суд сведочи за случајот „Рекет“
Ана Камчева во Кривичниот суд сведочи за случајот „Рекет“

На денешното рочиште за случајот „Рекет“ сведочеше сопругата на биснизменот и осомничен во Империја, Орце Камчев, Ана Камчева. Таа во судот нагласи дека обвинетиот Бојан Јовановски ги знаел сите чекори на СЈО и дека поранешната обвинителка Катица Јанева ѝ се заканувала со својата моќ, но пари од неа барал Боки, а не Јанева.

Со црвено тефтерче и пенкало во рака застана зад пултот за сведоци во Основниот суд Скопје 1, Ана Камчева, сопруга на Јордан Камчев осомничен во предметот „Империја“ за измама и перење пари. Камчева денеска сведочеше дека обвинетите Бојан Јовановски. менаџер во 1ТВ и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во предметот „Рекет“, барале пари за нејзиниот сопруг да се спаси од кривично гонење за „Империја“.

„Катица Јанева од мене лично никогаш не побара пари, тоа го правеше Боки 13“, рече во Судот Камчева.

Според исказот, Камчев во два наврата платил вкупно 1,5 милион евра за Јанева да му ја олесни положбата во истрагата „Империја“.

Камчева сведочењето го почна со информацијата дека вечерта пред приведувањето на Камчев за „Империја“, сега осудениот Зоран Милески-Кичеец некаде пред полноќ ги предупредил дека во 6 часот наутро ќе биде извршен претрес во домот на Камчеви. Се пожали на односот на обвинителката Лиле Стефанова во судот кога чекале дали судијата ќе одреди мерка притвор во ноември 2018 година. Имено, Стефанова пред Камчева на адвокатите им рекла дека ништо не и можат, моќта била во неа.

Според нејзиното сведочење, пред Боки 13, пари од нив барал адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова. Таа во судот истакна дека Димишков им ги нудел своите услуги за 2, 4 или 6 милиони евра за да се посредува со цел да има поповолни услови за Камчев во целата приказна.

„Тој ми кажа дека неговата сестра Весна Димишкова била блиска со Јанева и Лиле Стефанова. Ми рече ќе ни среди за поблага мерка за 2, 4 или 6 милиони евра, пари со кои сестра му може да се пензионира. Не знаше прво која точна сума на пари да ми ја понуди, не се срамам да кажам дека плачев после тој состанок. Бев многу вознемирена. За после да ми побара 6 милиони евра, па тогаш сфатив дека ние немаме предмет, туку дека имаме проблем“, рече Камчева во судницата.

Таа во Судот објаснуваше и за првите контакти со обвинетиот Боки 13 кога тој од неа барал да влијае врз новинар кој објавил информација дека синот на Јанева е вработен во 1ТВ.

Боки 13 се шегувал за несерот во кој му биле донесени првите 350 илјади евра

Првата средба Камчева во придружба на Милески ја имала во канцеларијата на Јовановски во телевизијата за подоцна тие да се среќаваат и во Сушико, но и во домот на Јовановски. Камчева тврди дека Јованоски парите ги побарал на подоцнежните средби, таа требала да му исплати половина милион евра, но во договор со Милески кај Јовановски во несер однела само 350 илјади евра, а остатокот требало Милески да го донесе.

„Со мојот сопруг се договоривме да ги исплатам затоа што бевме уверени дека нема друг избор. Поднесовме гаранција за укинување на мерката притвор од 14 милиони евра на што тој доби нова мерка притвор. Од страна на Боки 13 односно од страна на Јанева ни беше кажувано кои мерки како да ги преземеме. Парите му ги предадовме на Боки 13 кој се шегуваше со несерот во кој му ги дадовме, реагираше што биле во банкноти по 50 евра“, посочи Камчева.

На таа средба пред да биде предавањето на парите зборувала со Јанева за мајчинството и за децата, по што Камчева посочи дека Јанева истакнала дека е благодарна што нејзиниот син се вработил во 1ТВ, со што Боки 13 го спасил од тоа да не мора да работи на брод.

Камчева се присети дека Милески се познавал со Јанева од претходно односно уште кога работел на Царина, па така ја разбрала и конекцијата меѓу нив.

Камчева помош барала од директорот на УБК

Камчева вели дека не била присутна на средбите меѓу нејзиниот сопруг Милески и Јовановски, а дека предавањето на торбата со еден милион евра ја видела на снимките од домашниот видео надзор.

„За ова не и кажав ни на мајка ми, затоа што се плашев од фингирани процеси, но еве помина една година и за Империја не видовме ниту еден доказ. Се плашев од моќта на Јанева, но набрзо сфатив дека всушност Боки 13 бил специјалниот обвинител, а не Јанева. Ми раскажуваше детали и информации од други случаи како и правни настани кои се уште се немаа случено и после излегоа како што ми ги раскажување. Од прв момент сакав да го пријавам случајот. За тоа го информирав директорот на УБК Горан Николоски. Кога тој ме праша зошто немам доверба во институциите му реков дека многу пати пред мене Боки 13 разговараше со судии, обвинители, политичари па и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој му беше многу близок“, објаснуваше Камчева.

На вкрстените прашања на одбраната додаде дека со Николовски не се сретнала во канцелариите на УБК затоа што стравувала дека ќе биде видена од Јовче Ременски, кој е вработен во МВР а е сопруг на пратеничката од владејачката СДСМ Фросина Ременски.

„На Николовски му кажав дека од нас се бараат многу пари, нешто што не можев да го издржам веќе. Не дека и да беа помалку, немаше да пријавам. Сепак во домот на два листа од А4 формат беа испишани суми од 5 до 8 милиони евра. Бараа осум милиони евра за да го снема предметот Империја“, рече Камчева.

„Велелепната палата“ на Камчеви и гала вечерите за Боки 13

Поголемиот дел од прашањата кои ги постави првообвинетиот Јовановски судот ги сметаше или за неправилно поставени или за нерелевантни. Јовановски прашуваше колку пати Камчева го посетила во болницата, дали се сеќава на гала вечерите на кои го канеле во нивната како што вели Јовановски велелепна палата, каква вечера му подготвувала и какви се подароци добил од нејзиното семејство, на што се побуни Обвинителката Вилма Русковска.

„Дали Јовановски добивал подароци и е јасно на јавноста, добил милион и пол евра, што повеќе од тоа е важно?, рече Русковска во приговорот.

Јовановски ја праша Камчева какви биле нивните средби, дали се сеќава што му зборувала за нејзината свекрва и золва, прашања кои не беа дозволени, но и на кои дел од нив Камчева рече дека не се сеќава.

За време на вкрстените прашања, Јовановски и Камчева беа неколку пати опоменати од судијката дека не треба меѓусебно да разговараат и да се препираат туку да ги почитуваат правилата на судот, да не зборуваат без дозвола. Јовановски беше опоменат и за епитетите и квалификациите во прашањата.

Камчева на прашањата од одбраната често одговараше дека не се сеќава на ништо друго освен на како што вели, кривично-правниот настан.

По сведочењето на Камчева во судницата зад пултот застана и сметководителката односно Мирјана Бошковска, девизен референт во „Орка холдинг“ која , рече дека во декември 2018 година и во февруари годинава има вадено на неколку пати поголеми суми од приватни сметки на семејството Камчеви. Одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска, рече дека во декември извадила од три сметки на Ана и Ратка Камчеви (двапати по 5 милиони и еднаш 12 милиони денари), а во февруари и од сметката на Кристина Камчева. Ги вадела во денари, ги менувала во евра во менувачница. На прашање од Боки 13, во што ги донела парите во домот на Орце Камчев, сведокот рече во две спортски торби.

„Точно 710 илјади евра во две спортски торби,“ изјави Бошковска.

Судењето продолжува на 25 декември, кога меѓу сведоците ќе биде и бизнисменот од Гевгелија Томе Главчев, осомничен во истрагата „Поштенска банка“. Одбраната најави дека во процесот како сведок ќе го повикаат и Зоран Милески кој ја призна вината и за ова дело е осуден на три години казна затвор.

Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела перење пари и за примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеец, исто така, беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка. Тројцата ги пријави Орце Камчев дека го рекетирале за да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG