Достапни линкови

Протекоа документи за Рекет, Заев, Димитров и Шекеринска најавуваат тужби


Обвинителката Вилма Русковска и првоосомничениот во Рекет, Бојан Јовановски.
Обвинителката Вилма Русковска и првоосомничениот во Рекет, Бојан Јовановски.

ОЈО го осудува нелегалното објавување документи за Рекет. Премиерот Зоран Заев најавува тужба за новинарот кој го објавил текстот. Тужби најавија и Шекеринска, Димитров и Ременски, оти текстовите за нивната вмешан во Рекет биле лага. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека се затега обрачот околу Заев и СДСМ за овој случај.

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски најавуваат тужби против новинарите кои објавуваат текстови во кои нивните имиња се поврзуваат со случајот Рекет. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“. Порталот Инфомакс синоќа објави документ, за кој тврдат дека е од пријавата на случајот од страна на бизнисменот Орце Камчев пред Обвинителството. Потоа други медиуми го презедоа и го надградија текстот споменувајќи дека високи функционери од СДСМ се поврзуваат со Рекет.

Од Обвинителството соопштуваат дека нема да ги коментираат информациите изнесени во јавноста, но потенцираат дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело.

„Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката“, се вели во соопштението.

Новинарот Саше Димовски во емисијата Стадиот на Канал 77 изјави дека обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот, му ја потврдила автентичноста на документот.

Порталот Инфомакс синоќа објави факсимил, за кој пишува дека е од записник за примање кривична пријава од Камчев, дадена пред ОЈО на 2 мај 2019. Но се гледа само една страница од документот, а медиумот објавува делови од пријавата, кои не може да се прочитаат на таа страница. Во делот кој може да се прочита Камчев објаснува, како што пишува, како бил уценуван за да изнудат од него голема сума пари. Во тој дел што е објавен се читаат имињата на Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои се осомничени во „Рекет“, потоа се споменува и името и на синот на сега притоворената обвинителка Катица Јанева, имиња и на други бизнимени, кои според Камчев биле рекетирани.

Заев - Ги повикувам Ременски, Шекеринска и Димитров заедно со мене да поднесат тужба

Премиерот Зоран Заев вели објавениот текст во кој и неговото име се поврзува со Рекет е невистинит. Тој ја повика јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот и рече дека ќе го тужи новинарот кој го објави документот.

„Отфрлав неколкупати секаква поврзаност со Боки 13 поврзана со случајот „Рекет“ и стојам на тие ставови. Обврска на Обвинителството е да каже дали тоа е така кажано. Колку што можев да видам и прочитав објавена е една страна од записникот, а потоа е прераскажувано, што претставува манипулација, за тоа има одговорност. Сакам да ги охрабрам новинарите да истражуваат, но доколку новинарите прават манипулации, има одговорност. Јас лично, а верувам заедно со мене и Шекеринска и Димитров и ременки, сите што сме спомнати таму, заедно со мене да поднесат тужба за клевета, за да се потврди дека се лаже“ , рече Зоран Заев денеска во Прилеп.

Заев рече дека ако се докаже дека има вмешани политичари, ќе побара одговорност.

Димитров - Повлекување на лагата или ќе тужам

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, чие име исто така во објавените текстови се поврзува со Рекет, бара текстот да се повлече, оти е лага.

„Барам веднаш „Република“ да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот "Рекет" и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам. Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска“, реагира министерот.

Шекеринска - Ќе тужам оти реакциите не допираат до нив

Потоа и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на својот Фејсбук профил објави дека ќе покрене тужба против порталот „Република“ за, како што вели, лагите насочени против неа.

„Ќе ја тужам „Република“ за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни“, пишува Шекеринска.

Пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, вели дека манипулациите, дезинформациите и клеветите за неа и нејзиниот сопруг и го нарушуваат угледот и безбедноста.

„Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други“, пишува Ремнски на својот Фејсбук профил.

ВМРО-ДПМНЕ - Се затега обрачот околу Заев и СДСМ за случајот „Рекет“

Од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рекоа дека се затега обрачот околу Заев и СДСМ за случајот „Рекет“

„Очигледно е дека Зоран Заев знаел за случајот Рекет и не само што знаел, туку и позадински го водел и управувал целиот Рекет, како да се одвива и ги полнел со информации оние кои што биле негови извршители, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Зоран Заев е главата на криминалниот октопод

„Зоран Заев не само што не го пријавил случајот Рекет, туку како што видовме од записникот и го опструирал. Од она што можеше јавноста да го види е дека Заев кога дознал дека оштетениот го пријавил случајот, ги предупредил извршителите на рекетот, неговите извршители да прекинат комуникација со оштетениот бизнисмен“, изјава Арсовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат колку од парите кои што се земени од рекетот во Луј Витон ташна завршиле кај Зоран Заев и зошто се уште не е притворен синот на Катица Јанева?

Од ВМРО- ДПМНЕ повикуваат Обвинителството да ги повика на распит сите споменати во исказот на Камчев.

Од СДСМ преку соопштение реагираат дека „обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку дезинформации да ги спасат криминалците и тајкуните нема да успеат, институциите да ја забрзаат истрагата“.

Од партијата повикуваат надлежните институции да расчистат како исказот на еден од осомничените стигнал до медиумите, а Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се изјасни за веродостојноста на објавениот исказ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG