Достапни линкови

Милчин вторпат со „Пантаглез“ - овојпат како распродажба на историјата


Режисерот Владимир Милчин по скоро половина век на сцената на Драмски театар – Скопје повторно ја донесува „Пантаглез“ претставата работена по актуелниот текст на белгискиот писател Мишел де Годоар. Премиерата на проектот е закажана за в сабота, 16 ноември во 20 часот.

Работена по мотив од пиесата на авангардниот белгиски автор Мишел де Гелдерод и по скоро 50 години од првата негова (тогаш „дипломска“) поставка на 28 март 1970, режисерот Владимир Милчин во Драмски театар – Скопје ја враќа претставата „Пантаглез“, чин што е многу редок дури и во пошироки рамки.

Од таму не чуди кога тој, во пресрет на премиерната изведба во сабота на 16 ноември, знае да каже дека „Пантаглез“ се „вратил дома“. И дека ако тогаш насловниот лик го толкувал Ацо Јовановски сега тоа е Зоран Љутков, дека ако Рахела своевремено ја играла Милица Стојанова сега ја игра Соња Стамболџиоска...и така со ред.

А барајќи одговор на тоа зошто се зафатил повторно со текст кој веќе еднаш го поставил на сцена, режисерот посочува на своето писание за новото видување каде меѓу другото забележал: Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната, Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во „најубавиот од сите светови“.

Сцена од новиот „Пантаглез“ на Милчин и Драмски театар

И, потем со појаснување дека последното е цитат од романот на Волтер - „Кандит“. Дека тоа го изговара филозофот Панглос кој цел живот тврди дека светот во кој живее е најубавиот од сите можни светови и поминува низ земјотреси, војни...И кој завршува така што го напушта градот, оди во некое селце и ја копа својата градинка. Дополнува дека нивниот филозоф, зошто и Пантаглез е филозоф, поминува низ цела една катаклизма без да биде свесен за последиците во нешто во што е вовлечен поради една „банална реченица која не обврзува на ништо“.

Вели дека тоа е некоја поразна поента затоа што „во светот во кој живееме денес главно се гласни оние кои кажуваат нешто што на ништо не обврзува и дека тоа е една од причините кај што сме, т.н. интелегенција или интелектуалци“. Тој потем и со дополна дека во текстот има уште еден филозоф кој се откажал од филозофијата. Кој се вика Инокентиј и кој изговара „една реченица која просто ѕуни во ушите“.

- Тој е инаку некој кој не се откажува од своите идеали дури и по цена на смрт. Дури и тогаш кога сфаќа дека идеалите се изиграни, дека се злоупотребени и дека и тој е злоупотребен. Затоа ја изговара реченицата: Владеењето на духот никогаш нема да дојде , појаснува Милчин.

Зоран Љутков и Соња Стамболџиоска во сцена од претставата

Во натамошната експликација режисерот и со информацијата дека текстот е напишан 1929 година, што за него е уште еден поразен факт бидејќи звучи како да е напишан денес.

- Тоа е страшно. Страшно е дека ние денес сме негде на потполн пораз на цивилизацијата. На хуманоста. На човечноста. Ако погледнеме што се случува на планетава на која владеат демагози, популисти, бескрупулозни, преку ноќ збогатени луѓе, многу често поврзани со тајните полиции, со државните служби за безбедност и т.н. Има и овде еден таков кој просто не само што ги следи револуционерите тој ги предвидува нивните идни чекори, истакнува Милчин.

Ќе рече и тоа дека Гелдерод е белгиски Фламанец, дека целиот негов опус е на француски јазик и дека комплетно е објавен од најголемиот француски издавач Галимари. Дека Гелдерод го сметаат за претходник на театарот на апсурд, претходник и на „театарот на суровост“ со тоа што кај него суровоста најчесто се изразува преку смеата.

Затоа, како што појаснува, „Пантаглез“ жанровски е тажен водвиљ. Но иако водвиљот е нешто весело, за разонода, според него „овој водвиљ бара нешто повеќе и се занимава со нешто што не е водвиљско туку трагично за светот во кој гледачот живее“. Во тој контекст ќе забележи дека опусот на Гелдерод е огромен и дека ова е единствена негова претстава која се занимава со современоста.

Сцена од „Пантаглез“

Згора режисерот не крие дека му е навистина драго што по цели 15 години од режијата на претставата „Марисол“ во јануари 2014 година повторно работи во Драмски театар. Притоа тој и со забелешка дека од предлогот за „Пантаглез“ што му го дал на Сашо Тасевски текстот морало да помине уште кај двајца директори на оваа институција – Викторија Рангелова и актуелната Катерина Коцевска, која патем решила да го оствари со почетокот на својот мандат.

Истакнува и тоа дека нему му било навистина удобно да работи со оваа екипа на актери во која се и Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Лазе Манаскоски, Игор Георгиев, Предраг павловски , Филип Трајковиќ и други, од кои со некои по прв пат во својата долга и плодна уметничка кариера.

- Знам дека процесот не беше лесен бидејќи ова е комплициран зафат кој бара посветеност. Се надевам дека не беше трауматичен за нив, али имам чувство дека имаме в раце одлична претстава. Дека таа ќе одекне кај гледачите. Некогаш ќе се смеат, некогаш насмевката ќе се претвора во гримаса, во грч, па можеби и во болка и загриженост бидејќи таа удира и ги растура илузиите за тоа дека живееме во најдобриот сите светови. Всушност ни вели дека сме многу, многу далеку од тоа. И да завршам: Мислам дека генерално културата, особено театарот бидејќи тој е оној кој комуницира со живиот човек ... има мисија да се бори против организираниот заборав. Тоа е наша обврска. Наша обврска е да воспоставиме некој континуитет со она што културата и театарот наназад векови го кажувале, донесувале, како цивилизираност, како хуманост, како умност, како мудрост. Не смееме да дозволиме постојано да бидеме изненадувани од исти работи. А, за тоа не ни се случува мора да воспоставуваме врска со она што цивилизациски вредности. Се надевам дека ние со оваа претстава направивме еден мал придонес во таквите заложби, заклучува Милчин.

Сцена од претставата

Во овој контекст, пак, во однос на актуелноста на текстот актерот Лазе Манаскоски, кој го игра генерал Мак-Бум, истакнува дека авторот Гелдерод иако пиесата ја напишал во некое одамна минато време, пред цели девет децении, како да ги гледал настаните што се случуваат денес а посебно кај нас во Македонија.

- Имам чувство дека во претставата само имињата на ликовите да ги сменевме и да ги напишевме со некои овдешни, онака како и што професорот во едно интервју пред месец и пол дена кажа: „Доста ни е од колективна одговорност сите луѓе имаат име и презиме!“, тогаш немаше да можеме да се одбраниме од публика на каса или,пак, ќе ја забранеа претставата, смета Манасковски.

Со иста мисла е и неговиот колега Зоран Љутков, или Пантаглез – овластениот јунак на денот, кој откако ќе потенцира дека сите се согласни дека текстот звучи многу актуелно, ќе рече дека кога тој го читал бил ужаснат од тој факт. Дека притоа од земја го удриле две реченици: Настаните се со попуст. Распродажба на историјата. Нему му е драго што по 14 години од „Ревизор“ тој повторно е во екипата на својот професор и дека почувствувал оти е време да одигра една толку комплексна задача.

Инаку, преводот на текстот е на Најден Настов, изборот на музиката е на Владимир Милчин, а за сценографијата и костимографијата се погрижиле Крсте С. Џидров и Марија Пупучевска, негови соработници во континуитет. Тон мајстор е Чедомир Младеновски, за светлото се погрижил Дејан Блажевски, за видео материјалите и фотограф е Филип Кондовски, а плакатот го изработила Нита Муча.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG