Достапни линкови

„Скупи фест 2019“ со порака „Логирај се на театар!“


Седум грижливо одбрани претстави на театри од Русија, Словенија, Бугарија, Србија, Косово, Албанија и од Македонија ќе бидат прикажани на 13-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фест“, што под мотото „Логирај се на театар!“ од 21 до 27 октомври ќе се одржи во Скопје.

Откако минатата година со успех ги „надминуваше границите“, овојпат Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фест“ и сугерира на публиката „да се логира на театар“. Тоа е впрочем мотото на 13 издание на кое, безмалку во идентичен термин како лани, од 21 до 27 октомври, во седумте фестивалски вечери донесува исто толку претстави на театри и трупи од Русија, Словенија, Бугарија, Србија, Косово, Албанија и од земјата домаќин Македонија. Само што овојпат, наместо во кино „Фросина“ во Младински културен центар како во последните неколку години, тие ќе се играат во Театар Комедија. Со тоа „Скупи фест“ е веројатно рекордер во менувањето на локациите досега ако се знае дека ги „помина“ Албанскиот театар, Драмски театар, МНТ, МКЦ...со тенденција конечно да и се врати на почетната сцена.

Но да го оставиме тоа настрана. Манифестација која во целото свое постоење упорно и без сензационализми, се обидуваше и успеваше да го пополни празниот простор во македонското театарско живеење и да стане промотор на посебни артистички вредности, ќе започне со претставата со „Карневалите на Корча“ на Спиро Чомора, во режија на Алтин Баша и продукција на националниот театар на Косово од Приштина. Станува збор за комедија лоцирана во 19 век која се бави со „природата на богатите и нивната тенденција да ги диригираат браковите на членовите на своите семејства“.

Во вторник на 22 октомври ќе биде прикажана „Вујко Вања“, претставата на рускиот писател и прочуен драматург Антон Павлович Чехов со најмногу изведби, овојпат прочитана и исправена на сцена од режисерот Григор Антонов и во продукција на Театар Вазраждане од Софија, Бугарија. „Вујко Вања“ ја открива приказната за човекот кој се обидува да стане некој. Животот на „малиот“ човек само поминува,носејќи ги на плеќи сите потешкотии и неправди и ние тешко можеме да замислиме дека постојат такви луѓе.

Веќе следната вечер уште една претстава за која организаторите знаат да кажат дека ќе се бара карта повеќе. Доаѓа прочуениот руски театар „У Моста“ од Перм со „Осамениот Запад“ на хит авторот Мартин Мек Дона во режија на Сергеј Федотов. Изведбата во 2008 година била номинирана за националната награда „Златна маска“.

Во четврток со „Жените на Ибзен“ од Мирел Кнез во режија на Ник Упер на „Скупи фест“ доаѓа Покет театар студио од Љубљана, Словенија. Во неа авторката толкува жена која „создава огледало на нашето време и се обидува да дознае што изгубивме и што повторно најдовме ние луѓето во последните 100 години“.

Потем, следува и „Кири и Клодел“ од Моња Ловиќ во режија на Иван Јовиќ, заеднички проект на Пулс театар и Терирем продукција од Белград, соседна Србија. Оваа драма во која играат пет актерки ( Јелена Цвијетиќ, Анѓела Поповиќ, Ана Ѓук, маја Софронијевиќ и Марина Милошевиќ) се обидува да го прикаже процесот во кој од секој срушен мит произлегува нов мит кој го спречува натамошното трагање, но во исто време обезбедува значење и утеха. Во овој процес, до исполнување доведува само сочувството, погледот во другиот и подготвеноста со разбирање да се скроти сопствената природа“.

Сцена од претставата „Кири и Клодел“

На претпоследниот ден од фестивалот е предвидено љубителите на театарот да ја видат „Добра ноќ, мајко“, претстава работена по текстот на Марша Норман кој во 1983 година беше добитник на Пулицеровата награда за драма. Проектот е во режија Ема Андреа и продукција на Метропол театар од Тирана Албанија, а за крај во недела на 27 октомври е оставена нам добро познатата „Жени пред нервен слом“ на Театар Комедија од Скопје. Проектот е работен според филмот на култниот шпански автор, режисер и продуцент Педро Алмодовар, овојпат виден од Иван Лео Лемо и со идеја да посочи дека „реката на човештвото, без оглед на мрачните канони и опасни меандри, се влева во океанот на љубовта“.

Преку својата програма фестивалот нуди поглед кон современи светски културни текови преку прикажување на иновативни и прогресивни претстави, како во театарскиот израз така и во способноста да поттикнат критичко размислување кон општествените и социјалните предизвици, вели Осман Ахмети, уметнички директор на Фестивалот.

Кон ова само уште информацијата дека за скоро сите претстави на „Скупи фест“ е подготвен превод на македонски јазик, а годинава жици комисијата што ќе ги оценува ја сочинуваат Улка Мујо, актерка од Албанија, нејзиниот колега Борче Начев, актер од ансамблот на Македонскиот народен театар и Емин Аземи долгогодишен театарски критичар и новинар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG