Достапни линкови

Македонија ќе има само две годишни времиња


Видливо е влијанието на годинашнава суша во околината на Езеро Козјак.

Македонија и земјите од Балканот веќе ги чувствуваат сушите од кои најмногу страдаат водните ресурси и храната. За експертите, нема дилеми за врската меѓу продолжените сушни периоди и климатските промени предизвикани од согорувањето фосилни горива и покрај бројните меѓународни договори.

Македонија не е единствена земја каде што има продолжен сушен период. Јуни беше најтопол во Европа и светот од 1880 година наваму, кога просечните температури беа повисоки за два целзиусови степена од нормалното, слично како и во јули, август и септември кои беа топли приближно како во 2016 година кога се измерени рекордно високи температури, според сервисот за климатските промени на ЕУ „Коперникус.“ Податоците на организацијата покажуваат дека изминатите пет години се најтопли откако светот врши мерења на температурите.

Сушата и топлотните бранови значат помалку вода, а со тоа и помалку храна, бидејќи земјоделството е секторот кој е еден од најпогодените во деловите од светот каде климатските промени ги намалуваат количините на вода. Земјоделците во Македонија веќе се пожалија дека ќе мораат да го одложат садењето на некои од есенските култури поради неколкумесечниот сушен период со значително намалени количини на врнежи.

„Имаме појава на недостиг на влага во почвата во моментот кога треба да се изведе есенската сеидба. Оптималниот рок за сеидба на некои од културите веќе е во тек, а нема доволно влага во почвата за се обезбеди поникнување на семето. Со тоа доаѓа до доцнење на сеидбата и понатамошни други реперкусии како резултат на задоцнетата сеидба“, вели професор Ордан Чукалиев од Земјоделскиот факултет во Скопје.

Светската банка уште пред неколку години излезе со податоци дека поради влијанието на климатските промени Балканот ќе станува се потопол регион каде ќе има повеќе комарци кои ќе шират болести.

Предупредувањата на научниците од целиот свет се дека зголемените емисии на стакленички гасови во атмосферата ќе ги зголемуваат температурите, што значи дека во некои региони ќе има многу вода, додека во други ќе има суша, а дека решенијата мора да се бараат во намалување на емисиите на стакленички гасови и поддршка на алтернативни економии е градење на енергетски ефикасна инфраструктура.

Екоактвистката Елена Николовска од граѓанската организација „Еко свест“ вели дека причините за високите температури се антропоген притисок, односно континуираното горење на фосилни горива во светот и покрај сите меѓунардни договори и напори за климатска акција, што значи дополнителни стакленички гасови во атмосферата каде веќе има големи количини, што предизвикува глобално затоплување.

„Подигнувањето на глобалните температури на еден степен можеби ништо не ни значи ако го земеме локално, но еден степен зголемување на глобалните температури во превод значи продолжени сушни периоди. Четири месеци сушен период значи помалку вода во реките и голем проблем за земјоделците“, вели Николовска.

Зголемените температури и недостатоците на вода особено ќе ги погодат и градовите. Во Скопје, според истражувањата, топлотните бранови ќе бидат подолготрајни, а врнежите ќе се намалуваат.

Според Третиот национален план за климатски промени, температурата во земјата до 2025 година ќе се зголеми за 1,2 целзиусови степена , додека до 2100 година за 3,9 степени.

Намалено ниво на водата во Река Пчиња поради долготрајниот сушен период.
Намалено ниво на водата во Река Пчиња поради долготрајниот сушен период.

За професор Чукалиев нема дилеми дека климатските промени се причина за сушите.

„Дефинитивно сите овие зачестени појави на екстремни временски услови јас ги поврзувам со климатските промени“, вели Чукалиев.

Според Николовска, во Македонија поради повисоките температури и сушните периоди ќе исчезнат досегашните четири сезони и ќе бидат скратени само на две, појава што ќе има влијание и врз биодиверзитетот.

„Се е поврзано. Дефинитивно ако продолжиме да согоруваме фосилни горива со ова темпо, ние ќе треба да бараме начин како во иднина да си обезбедиме храна“, вели Николовска.

Таа посочува дека долгорочно ни е потребна национална стратегија за климатска акција и национална стратегија за енергетика која ќе оди во насока на праведна транзиција на сите термоелектрани на јаглен, до нивно затворање и преминување на обновливи извори.

„Сега треба да се стремиме кон тоа како да ги зачуваме водните ресурси, односно да работиме на прилагодување на тоа што го имаме сега, но во новонастанатите климатски услови. Да ги истуриме сите финасии што ги имаме и да бараме повеќе за заштита и зачувување на водните ресурси“, вели Николовска.

Откако цел октомври дневните температури достигнуваа до 30 степени целзиусови, од Хидрометеролошкиот завод прогнозираат врнежи кон крајот на оваа недела.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG