Достапни линкови

Бизнисот со медицинска марихуана засега жив зијан, профитот допрва се очекува


Бизнисот со марихуана за медицинска употреба сè уште не почнал да носи пари. Производителите ги чекаат законските измени да може да им се дозволи извоз на сув цвет. Активистите бараат либерализација за да може и луѓето сами да си произведуваат, а не само лиценцирани производители. Властите очекуваат овој бизнис да носи по 100 милиони евра годишно.

Ќе стане ли Македонија канабис суперсила, како што ветуваше неформалниот крал на марихуаната Биг Мајк по неодамнешната средба со премиерот Зоран Заев? Властите очекуваат од бизнисот со медицинска марихуана во земјава да се вртат по 100 милиони евра. Производство има, но овој бизнис засега е жив зијан. Завршните сметки за 2018 година покажуваат дека дваесетината лиценцирани компании засега многу повеќе вложуваат отколку што заработуваат. Минатата година тие пријавиле расходи од 3,3 милиони евра, а заработиле само 300 илјади евра. Производителите, сепак, се оптимисти – ова е нова гранка во која сега се инвестира, но се работи за бизнис кој има иднина.

Има проблеми и со регулатива, и со стандарди, но и со експертиза. Во Македонија досега никој не знаел ни како се одгледува, ни како се произведува, ни како се извезува.

Домашниот пазар со масло од канабис е заситен, земјите од ЕУ бараат високи стандарди за тоа да може да се извезува, а Македонија забранува извоз на сув цвет од марихуана. Во магацините има сув цвет во вредност од 60 милиони евра.

Костадин Дуковски, претседател на Здружението на производители на канабис за медицински цели „Макканабис“, вели дека ги чекаат измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци со кој ќе се овозможи извоз на цветот.

„Со дозволувањето на цветот ние може побрзо да дојдеме до стандардите. Ако зборуваме за маслото, тоа е многу позахтевно и со стандарди и со имплементација на фармацевтски валидирани процеси, таму мора да се спроведат и испитувања, значи не е толку едноставно. За разлика од преработките на цветот и како краен производ цветот е многу поедноставен и можеме побрзо да дојдеме до извоз“, вели Дуковски.

Тој вели дека на една фирма ѝ требаат околу три години за да ги достигне стандардите за производство и извоз на масло од канабис, додека стандардите за цвет може да се постигнат за една година.

Предлог измените на Законот предвидуваат отворање на државна агенција за канабис, а производителите се надеваат дека тоа ќе помогне за забрзување на процедурите за извоз.

Македонија ја легализираше марихуаната за медицинска употреба во 2016 година и досега има 23 лиценцирани фирми за производство на канабис, а две од нив се лиценцирани и за производство на масло. Уште дваесетина фирми чекаат лиценца за да почнат со работа.

Во дел од компаниите, особено оние поголемите, има странски партнери. Поради недостигот на домашна експертиза, домашните компании бараат странски стратешки партнери, кои освен пазар може да им обезбедат и знаење за бизнисот.

Дуковски вели дека главните проблеми се во тоа што Македонија досега немала искуство со одгледување на канабис, дел од фирмите извадиле лиценци, а не знаеле што да прават потоа. Ова не е земјоделска дејност, туку е фармација, вели тој. Друг проблем со извозот е што ЕУ не го признава македонскиот ГМП стандард, односно стандардот за добра производствена пракса. Сега, некоја меѓународна институција треба да ги валидира процесите на производство за да може да се извезува.

„Бизнисот воопшто не е наивен, е сериозен и ако ние имаме сериозен пристап како бизнисмени во Македонија и како стратешки партнери од странство, ако ништо друго, може и ќе ни поделат малку знаење, нормално дека не сме најпаметни или дека имаме знаење за оваа работа, така што ценам дека ни треба странска помош за да успееме, за да може да бидеме, не профитабилни, но да бидеме на некоја позитивна нула, којашто ќе има иднина зашто ценам дека ќе има доста работни места. Досега можеби имавме две фармацевтски фирми, а сега можеби ќе имаме десетина фирми коишто ќе се занимаваат со производство на фармацевтски производи“, вели Дуковски.

Тој сепак е оптимист дека бизнисот со медицински канабис има иднина во земјава.

„Можам да кажам дека ние ќе бидеме една од трите држави коишто сериозно го работат медицинскиот канабис. Во иднина, ако реагираме малку побрзо, како што ќе се регулира медицинскиот канабис, ние веќе ќе бидеме пет години понапред од тие фирми што ќе сакаат да отворат, така што веќе пазарот не става во некоја друга позиција со што реално може да ја кренеме економијата во Република Македонија“, вели Дуковски.

Северна Македонија и Лесото, со марихуана против сиромаштијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:39 0:00

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку месеци најави дека дел од парите за лиценца за производство на медицински канабис, која што ја доделува Министерството за здравство, ќе одат во буџетот за ретки болести. Тој неодамна за Ројтерс изјави дека медицинската марихуана може да биде голем придонес за домашната економија. Тој рече дека проценките на владата се дека тој бизнис може да придонесе околу 100 милиони евра, односно околу 1 отсто од БДП-то на Македонија.

„Сметаме дека е добра инвестиција, затоа што се инвестира во една технологија којашто станува сè поатрактивна во светот со оглед на тоа што канабисот сè повеќе, како прво, се истражува, а тоа е неговата употреба за различни дијагнози во медицински цели, се отвораат нови работни места“, вели Филипче.

Семејството на премиерот Заев е вклучено во бизнисот со медицинска марихуана

Легализацијата на канабисот за медицинска употреба доби поддршка и од власта и од опозицијата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во чие време беше донесен законот за легализација, критикува дека лиценците за производство ги добиваат членови на семејството на премиерот Зоран Заев и негови блиски луѓе.

Трајче Заев, братучед на премиерот, е дел од сопствеништвото на компаниите „МАМ“ од Свети Николе и „Фарма-медика канабис“ од Валандово.

Одговарајќи на пратеничко прашање, уште во април минатата година Заев ја обелодени вклученоста на неговиот братучед во овој бизнис, но рече дека во тоа нема ништо спорно. Тој не е поставен на функција за да има етички проблем, туку инвестира во приватен бизнис, рече премиерот.

„Јас сум лично поддржувач на ваквите работи заради тоа што од производството на лек од канабис очекуваме 100 милиони евра во бруто домашниот производ во државата, нови работни места и секако тоа е согласно меѓународните стандарди и регулативи, Германија истото го прави, Канада го прави комплетно, Америка во некои држави го има дозволено така да јас верувам дека ќе има се повеќе и повеќе инвестиции во Република Македонија. Убеден сум дека ваквите инвестиции може да донесат само добро на Република Македонија“, рече Заев во април минатата година.

Неодамна тој во владата се сретна со самопрогласениот крал на марихуаната Мајкл Штрауметис, познат како Биг Мајк. Владата не издаде соопштение за разговорот, но јавноста дозна за средбите од Инстаграм профилот на Биг Мајк.

„Оваа земја има огромен потенцијал и возбуден сум што ќе бидам дел од претворањето на Македонија во една од европските први канабис суперсили“, напиша тој на Инстаграм, објавувајќи фотографија со премиерот Заев во владата.

Тој смета дека во оваа индустрија има 40 илјади потенцијални работни места во Македонија. Тој соопшти дека со премиерот Зоран Заев разговарале за „фер лиценцирање за канабис и како да се расчисти патот до европскиот пазар“.

„Со економично земјиште, струја и вода, Северна Македонија е главна локација за канабис бум“, напиша тој на Инстаграм.

Биг Мајк, освен со Заев, се сретнал и со министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство Трајан Димковски, со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, како и со бизнисмени во земјата.

Контроверзниот Биг Мајк живеел во бегство повеќе од една деценија со седум различни идентитети. Во 1996 година откако е фатен како нелегално сади марихуана во Калифорнија, со лажен пасош влегува во Канада каде ја отвара својата компанија „Advanced Nutrients“. Денес неговата фирма е број еден компанија во светот за продажба на хранливи продукти специјализирани за канабис, со 90 милиони американски долари годишно во продажба во повеќе од 93 земји.

Илјада стебла се бизнис, а пет стебла се криминал

Во Здружението за декриминализација на канабисот Билка, пак, велат дека Македонија не го легализирала, туку го приватизирала бизнисот со марихуана за медицински цели и бараат олеснување на условите за да може да се развива и на микро ниво. Апсурдно е некој што има 1000 стебла марихуана да биде бизнисмен, а некој болен што има 5 стебла за лична употреба да се третира како криминалец, велат тие.

„Нацрт измените на Законот за опојни дроги и психотропни супстанци се дизајнирани, и тоа е мое длабоко убедување да ја сузбијат конкуренцијата и да го остават бизнисот во рацете на шака моќни луѓе, доволно ситуирани и со силни политички врски. Она што беа барања и предлози на Билка и на состаноците во Министерството за земјоделство и со останатите политички авторитети беше да се создаде модел од којшто бенефит ќе имаат широк круг на граѓани, односно да може бизнисот со канабис да се развива на микро, мало, па и семејно ниво, без непотребни услови од типот еден милион евра банкарска гаранција“, вели адвокатот Јанаки Митровски од Здружението Билка.

Филип Достовски од здружението Зелена алтернатива, пак, оди уште подалеку – вели дека треба марихуаната да не се смета за забранета супстанца. Производството за домашна употреба, треба да се смета како производството на ракија или вино за лична употреба, вели тој.

„Се залагаме за слободна употреба во смисла секој што му треба да има пристап. Дали ќе се продава во аптека, дали во кофишоп, дали ќе се продава онлајн, небитно. Ама реално, и ако мора да се регулира, еве се користи и за луксуз нели, највеќе што би требало да биде регулирана, ама зборувам највеќе, би требало да биде регулирана како вино или како пиво“, вели Достовски.

Тој смета дека е тенка границата меѓу медицинска и рекреативна употреба, затоа што луѓе ја употребуваат рекреативно, но за да им смири стрес или анксиозност, наместо на пример дијазепам.

Достовски е болен од карцином и сам си произведува масло од канабис кое го користи како лек. Минатата година беше уапсен со 238 грама марихуана. Обвинителството се откажа од гонење на кривичното дело продажба, а го обвинува само за поседување дрога. Тој призна дека поседувал коноп, а не дрога и дека правел лек, но не продавал. Рече дека луѓето сами му ги носеле состојките за да им направи масло од канабис. Последната доза била намената за дете на вработен во МВР, но и за него бидејќи повеќе од 20 години боледува од карционом. Тој се соочува со казна затвор до три години.

„Еве и семки да купиш, зашто нели има различни сорти на семки, тие се од 5 до 10 евра за една семка, така што со 500 евра ќе одгледаш и ќе направиш масло, што да би го купил би чинело над 5000 евра“, вели тој.

Сашо Василевски призна дека пробал, Павле Богоевски поднесе оставка

Во мај годинава беше објавен нелегално прислушуван разговор на поранешниот пратеник Павле Богоевски на руската социјална мрежа Вконтакте, на кој наводно нарачува кокаин. Богоевски негираше и соопшти дека договара набавка на масло од канабис.

„За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис ѝ помогна таму каде другите лекови не можеа да ѝ помогнат“, напиша тогаш Богоевски.

Потоа тој поднесе оставка од морални причини.

Богоевски за Радио Слободна Европа вели дека актуелната законска рамка за медицинска употреба на канабис е премногу рестриктивна и не ги задоволува потребите на граѓаните.

„Идеалното решение е целосно олеснување на условите за одгледување и конзумирање од приватни лица, а доколку тоа не е можно, тогаш во најмала рака треба да се предвиди пуштање во употреба на поквалитетни и посилни производи за поголем број на болести и состојби од оние предвидени со сегашната легислатива“, вели Богоевски.

Тој исто така смета дека е потребно сериозно преиспитување на законите кои ја криминализираат и рекреативната употреба на марихуана. Вели дека е добро време за отворање дебата на оваа тема.

„Во законодавниот дом има расположение за вакви измени во регулативата. За жал, мислам дека мнозинството во моментов не може да прифати регулатива со која целосно ќе се олеснат условите за одгледување и конзумирање од приватни лица“, вели тој.

Кога се носеше законот за легализирање на марихуаната за медицинска употреба, пратеникот Сашо Василевски, тогаш од ВМРО-ДПМНЕ, а сега од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието призна дека тој лично го пробал „лекот“ од канабис кој на црно бил набавен од роднини на негов пријател кој бил болен од канцер. Тоа тогаш не наиде на жестоки реакции од јавноста.

Во 2013 година, актерот Кирил Поп Христов беше осуден на една година затвор, откако полицијата во неговата викендичка откри десетици саксии со марихуана. Тој пред судот тврдеше дека ги одгледувал растенијата за да произведува масло кое ќе го користи како лек против ракот од кој боледува. Актерот призна дека бил свесен дека прави кривично дело, но сето тоа било во име на животот.

„Кога одите по работ на ножот и кога треба да одберете меѓу животот и смртта, воопшто не ве интересираат закони“, рече тогаш актерот.

По излегувањето од затвор во 2014 година, тој со семејството се пресели во Еквадор каде може слободно да се лекува со алтернативна медицина и да се бори со ракот на коските.

Македонија ја легализираше марихуаната во медицински цели во 2016 година.

Лесото со марихуана против сиромаштија

Пред две години планинското Кралство Лесото ја легализираше медицинската марихуана, со надеж дека тоа ќе создаде нови работни места и ќе ги зголеми приходите на оваа африканска земја. За жал, астрономските такси за лиценцирање натера некои ситни локални земјоделци да влезат во опасниот пат со шверц на дрогата.

Гоце Атанасов

Огромни бели оранжерии се сместени високо на падините во Лесото. Скриени се од погледот, можеби и затоа што таму нема овошје или зеленчук, туку илјадници садници канабис. Сепак, марихуаната се одгледува легално од компанијата Медигоу која инвестираше над 19 милиони долари во објекти за одгледување канабис и е регулирано од владата. Медицинската марихуана е глобална индустрија од 150 милијарди долари, а малото кралство Лесото се надева дека ќе го добие својот дел од таканареченото „зелено злато“. Така пред две години Лесото стана првата африканска земја која го легализираше одгледувањето медицински канабис.

Алберт Терон од Медигроу вели:

„Мислам дека Лесото е одлично во смисла на тоа дека е многу недопрено, така што воздухот што го дишете овде е чист, планинскиот воздух е неверојатен, потоците се чисти, така што условите се поволни за одгледување канабис, дефинитивно“, вели Терон.

За да се исполнат правните стандарди, повеќето траги од тетрахидроканабинол - главната психоактивна состојка одговорна за психо ефектите на марихуаната - се отстрануваат од семето. Медицинската верзија е првенствено направена од непсихоактивна супстанција, канабидиол. Целосно опкружена со Јужна Африка, Лесото е една од најсиромашните земји во светот, рангирана на 159-тото од 189 места на последниот индекс за човечки развој на ОН. Невработеноста е голема, јавните услуги се слаби и скоро една четвртина од населението е заразено со ХИВ вирусот. Владата наплаќа 30.000 евра за едногодишна лиценца за одгледување канабис. Но, цената е преголема за повеќето локални жители, а на пазарот доминираат странски компании, главно од Канада и Соединетите Држави.

Инвестирање во „зелено злато“

Земјоделецот Мотиба Тамае посакува да има корист од пазарот на канабис.

„Повеќето луѓе живеат од марихуаната, но нелегално, па се надевавме дека ова би можело да биде можност за нив легално да го одгледуваат сега и да се обидат да го подобрат животот. Значи, ако не ја добијат таа можност заради финансирањето, мислам дека е малку нефер за луѓето“, вели Тамае.

Во земја во која марихуаната секогаш се одгледувала традиционално, многумина сè уште се принудени да ја шверцуваат преку границата кон Јужна Африка.

Еден анонимен шверцер вели:

„Тоа е опасна активност, но моите деца живеат од тоа. Тие можат да имаат облека и храна, но можам од шверц и да умрам.“

Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал проценува дека 70 отсто од потрошената марихуана во Јужна Африка се одгледува во Лесото, со што канабисот е третиот извор на приходи во земјата. Но, во оваа фаза, законодавството им дава приоритет на странските компании - во голема мера исклучувајќи ги локалните земјоделци од индустријата што за помалку од 10 години се очекува да достигне околу 270 милијарди американски долари.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG