Достапни линкови

Ќе има ли и македонски Биг Мајк?


По посетата на големиот светски производител на канабис Биг Мајк, владата се уште не соопштува детали од средбата. Во меѓувреме правници велат дека новиот предлог закон го отежнува одледување на канабис за медицински цели и го монополизира пазарот.

Молкот во Владата по вчерашната посета на американскиот милионер Мајк Штрауметис познат како еден од поголемите производители на канабис со прекар Биг Мајк предизвика шпекулации во јавноста за тоа што се разговарало на средбата. Тој на социјалната мрежа Инстраграм објави фотографии и видео од неговото пристигнување со приватен авион, како и од средбите во Владата со премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ. Во видеото Биг Мајк вели дека Македонија ќе ја претвори во „европска супер сила на канабисот“.

До сега во министерството за здравство се лиценцирани најмалку 20 компании за производство на канабис, а уште најмалку 20 други чекаат дозвола за одгледување на марихуана за медицински цели. Според она што е веќе објавено во медиумите две од овие компании се во сопственост на роднини односно братучеди на премиерот Зоран Заев. Станува збор за фирмите „МАМ“ од Свети Никола и „Фарма- медика канбис “од Валандово.

Новинарски истражувања покажа дека голем дел од фирмите кои обезбедиле лиценца во сопственичката структура имаат странци, односно дел од основачите се фирми од Полска, Бугарија, Словенија,Србија, Албанија, Турција и Холандија.

Активистите од здруженијата за легализација и декриминализација на канабисот сметаат дека со новиот предлог закон се врши ефективна монополизација на овој сектор. Адвокатот и активист Јанаки Митровски вели дека со предлог измените на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци ќе ги исфрли од игра помалите играчи на пазарот.

Фирми, поврзани со премиерот

„Со новите измени токму тоа е интенцијата. Граѓаните треба да знаат дека повеќе од половина фирми на овој или оној начин се поврзани со роднините на премиерот. Или во директна нивна сопственост или на блиски лица како што е адвокатот на Заев“, вели Митровски.

Тој додава дека според него тоа е не спорниот дел, туку измените во законот со кои се зголемуваат критериуми со кои се брка конкуренцијата. Со новиот предлог закон се зголемува бројот на вработени од минималните 4 на 15 вработени со што се оневозможува мали или семејни бизниси да влезат во овој сектор, објаснува Митровски.

„Се бара банкарска гаранција од милион евра, што е крајно невообичаено за ваков бизнис затоа што ваква гаранција се бара за осигурителни компании, кладилници, банки, онакви институции каде што е можно да следува голема исплата па се бара финансиска безбедност. Не гледам ниту една причина да се бара таква гаранција освен да се набрка конкуренцијата“, вели Митровски.

Премиерот Заев од собраниската говорница твредеше дека со овој бизнис во земјава ќе влезат 100 милиони евра приход. Според истражувањето на 360 степени минатата година, вкупните приходи на фирмите изнесувале 330 илјади евра, наспроти 3,3 милиони евра расходи. Според нивните годишни сметки, 20-те компании пријавиле 210 вработени, се вели во новинарското истражување.

Активисти од здруженија за легализација и декриминализација на канабисот честопати досега тврдеа дека компаниите имаат големи бенефиции од лиценците за медицински канабис, укажувајќи дека од другата страна уживатели на канабис жестоко се гонети од државата.

Одгледувањето на канабис во Македонија според законот е дозволено само за правни лица, кои тоа ќе го прават во медицински и научни цели. Тие прво треба да добијат лиценца од Министерството за здравство, по претходна согласност од Владата. Македонија е 14 тата европска држава која дозволи легализација на марихуана за медицински цели.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG