Достапни линкови

Преговорите за ЈО неуспешни, но не и мртви


Скопје- средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, 11.09.2019

Премиерот Зоран Заев вели дека ВМРО-ДПМНЕ единствено барале предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола. Од опозицијата, пак, тврдат дека власта е подготвена да носи неуставни закони, спротивно на европската пракса и меѓународните конвенции за да се амнестираат од одговорност.

Речиси седум часовната средба на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски со своите тимови не донесе резултат во преговорите за Законот за Јавно обвинителство. Уште претпладнето почнаа меѓусебните обвинувања, кој не бил конструктивен, кој штител криминал и кој бил против Европската унија и НАТО.

Чувства, впечатоци, разочараност, беа зборовите со кои премиерот Зоран Заев се обрати на прес конференцијата во владата по долгата преговарачка ноќ во Собранието.

Неговиот впечаток вели е дека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ било заробено од „претходното раководство“, а разочаран е од исходот на средбата и однесувањето на политичките опоненти. Груевизам до доцна во ноќта, оцени Заев, правејќи паралела со преговорите во Пржино додека ВМРО-ДПМНЕ беа на власт.

„Постојано, секојпат, колку и да постигнеме некаков напредок на други полиња, колку и да бидеме попустливи, на крајот секојпат, постојано неизбежно кај Мицкоски сѐ се сведува на едно барање: амнестија и уништување на случаите од претходниот режим. Се соочувавме со невозможно барање против ЕУ и НАТО, против граѓаните, тие бараат предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола за конечно и да запрат. Ништо друго не беше нивна цел “, рече Заев.

Премиерот рече дека понудиле ново обвинителство за висока корупција кое би го водел кадар по предлог на опозицијата и би било на исто ниво со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

На четири дена пред завршувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и без донесен Закон за јавно обвинителство со кој ќе се реши иднината и на вработените и на предметите, Заев и покрај разочараноста од долгата ноќна средба, сепак не е песимист.

„Добро е да има договор, така и синоќа се разделивме. Добро е да имаме договор, ако имате идеја, повелете јавете се, ако имаме ќе се јавиме, да седнеме и да изнајдеме решение. Не бевме далеку, но пуста е желбата да се има контрола врз тие предмети, тоа е недозволиво“, рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега реагираа со соопштение. Од таму обвинуваат дека „Зоран Заев и СДСМ не ги интересира европската иднина на Македонија“.

„Зоран Заев и СДСМ се подготвени да носат неуставни закони, спротивно на европската пракса и меѓународните конвенции за да се амнестираат од одговорност. Зоран Заев и СДСМ сакаат конфузни и неодржливи решенија само за да може на мала врата да си заминат од функција неказнети. Нови Катици и нови специјални решенија по крими теркови му требаат само на Заев за да се надева на трета амнестија!„, наведоа од опозициската партија.

Инаку меѓупартиските преговори за новиот закон за Јавно обвинителство со кој треба да се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство почнаа пролетва, а минатата недела во тимовите владееше оптимизам дека е можно да се дојде до решение со кое ќе се обезбедат 80-те пратенички гласа неопходни за да се усвои законот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG