Достапни линкови

Вести

Македонија на десетто место во светот по фрлање храна

„Сите сити“

Системот на мрежата „Сите сити“ кој овозможува вишокот храна наместо во ѓубре да заврши кај ранливите категории и семејства на кои им е потребна, е поддржан од Министерството за труд и социјална политика и Фондод за иновации, како што е наведено, со цел да се види неговата одржливост и да се разгледа можноста тој да стане системско решение.

Координаторот на мрежата Блаже Јосифовски објаснува дека станува збор за систем коиј има за цел вишокот храна која е во добра состојба и е безбедна, да не завршува во депониите.

Тој на доделувањето на наградите и признанија на поддржувачите и на волонтерите вклужени во активностите од изминатата година, рече дека изминатиот период 210 илјади оброци биле донирани на повеќе од 3.300 граѓани.

„Овој систем треба да ги промени состојбите и фактите дека кои покажуваат дека Македонија е земја која е на 10 место во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460 илјади граѓани живеат под праг на сиромаштија и не можат да си обезбедат три оброци дневно“, вели Јосифовски.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска изјави дека пореку ваквиот систем се постигнуваат два ефекти: помалку отпад и помалку градни луѓе во земјава.

види ги сите денешни вести

Двајцата хрватски пилоти од воениот авион што се урна се живи и надвор од животна опасност

Архивска фотографија: Авион МиГ-21 на Хрватското воено воздухопловство

Двајцата пилоти на хрватскиот МиГ-21 кој денеска падна, се пронајдени живи и надвор од животна опасност, соопшти денеска Министерството за одбрана во Загреб.

Тие успешно се катапултирале и се приземјиле од авионот на Хрватското воено воздухопловство, кога за време на обука авионот се урна во ненаселено шумско подрачје во Вировитичко-подравската жупанија кај Слатина.


Во соопштението се наведува дека пилотите се во стабилна состојба, вон животна опасност и дека ќе бидат превезени во болница на лекарски прегледи.

Според дел од медиумите, еден од пилотите си ја повредил ногата. Медиумите неофицијално објавија дека авионот се урнал зашто му откажал моторот.

Падот на авионот МиГ-21 е трета тешка воена авионска несреќа во последните 2,5 години во Хрватска. Во 2020 година, во две несреќи загинаа четворица офицери на Хрватското воено воздухопловство.

Милановиќ – Воената помош за Украина е правно спорна, ЕУ не е воен сојуз

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Европската унија не е одбранбена алијанса, изјави денеска во Дубровник хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и додаде дека европската мисија за воена помош за Украина за која се залага хрватската Влада, исто така е спорна според Договорот за функционирање на ЕУ, бидејќи таквите мисии може да се одвиваат само надвор од нејзина територија.

„Таа мисија е сомнителна од гледна точка на правото на Европската унија. За мене, по сите овие години, Европската унија е дефинитивно пред сè трговска асоцијација“, рече Милановиќ, пренесе Хина.

„Таа е и заедница на вредности, но не е одбранбен сојуз и никогаш нема да биде. Независно од нечиите налудничави желби тоа да стане. Едноставно не може“, додаде тој.

Милановиќ појасни дека според Член 42, Став 1 од Договорот за Европската унија, такви мисии можат да постојат само надвор од териториите на членките на ЕУ.

„Тоа не може да биде на територијата на земјите-членки. Тоа напросто не е предвидено. Тие што ја донеле одлуката го знаат тоа, но се преправаат дека се мртви“, тврди Милановиќ.

Според хрватскиот претседател, таквите одлуки „чекор по чекор водат кон анархија“, бидејќи Европската унија не била замислена како воен сојуз.

„Сите тие обиди се покажаа како неприродни во однос на тоа што е ЕУ. Таа нема да биде она што би сакале некои агресивни бирократи, туку еден простор на мир, безбедност, слободна размена на луѓе и идеи“, рече Милановиќ.

„Некој очигледно почувствува дека сега е вистинската можност да направи чекор понатаму. Следно најверојатно ќе биде униформата на Европската унија. Јас нема да ја носам“, додаде тој.

Советот на ЕУ на 15 ноември ја усвои одлуката за започнување мисија за воена помош на ЕУ за поддршка на Украина (EUMAM – European Union Military Assistance Mission in support of Ukraine), во чии рамки е предвидена обука на 15 илјади украински војници во земјите на ЕУ.

Блокадите продолжуваат, Град Скопје со нов јавен повик за приватни превозници

Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје

Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна и засега блокадите ќе останат, изјави за МИА директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

„Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, засега блокадите остануваат“, изјави Јовановски.

Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ од вчера наутро повторно протестираат со блокади на три од клучните сообраќајни точки во Скопје, односно на крстосницата пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градот Скопје.

Градот Скопје соопшти дека утре ќе објави јавен повик за приватни автобуски превозници на линиите со број 20 и 22. Единствена разлика, како што информираат од Градот Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

Возилата на брза помош во сообраќаен клинч
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

„ Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници“, се вели во соопштението на Градот.

Оттаму потенцираат дека јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи, и, како што се вели во соопштението, во случајот, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје.

Приватните превозници два дена со автобуси блокираат три клучни крстосници во Скопје со што го парализираа целиот сообраќај во центарот на главниот град.

Ковачевски во Тирана разговарал со Макрон и Шолц

Премиерот Димитар Ковачевски разговара со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Тирана на 6 декември 2022

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски соопшти дека за европската иднина на земјата денеска во Тирана разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Со претседателот на Франција Емануел Макрон и канцеларот на Германија Олаф Шолц, кои се наши големи поддржувачи, секогаш имаме конструктивни разговори за европската иднина на Северна Македонија“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Тој напиша дека за време на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана, со Макрон и Шолц разговарал „за актуелните процеси во Република Северна Македонија, посебно во делот на започнатиот скрининг процес како и за предизвиците со кои се соочуваме и успешно ги надминуваме“.

„Тема на нашиот разговор беше и енергетската криза, актуелните состојби во Европа и војната во Украина“, напиша Ковачевски.

Пред почетокот на панел дискусијата на Самитот, Ковачевски, како што објави, се сретнал и со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

„Разговаравме за актуелните случувањa во Европа, кризата со енергијата, војната во Украина“, напиша Ковачевски.

Лидерите на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан се собраа во албанскиот главен град Тирана на разговори со цел зајакнување на нивното партнерство во услови на руска инвазија на Украина.

Турција – Ќе го поддржиме влезот на Финска во НАТО кога ќе ни го укине ембаргото за оружје

Илустрација: Знамињата на Финска, НАТО и на Шведска

Финска мора јавно да соопшти дека ја укинува забраната за продажба на оружје на Турција за Анкара да даде согласност за членство на таа земја во НАТО, изјави денеска шефот на турксата дипломатија Мевлут Чавушоглу.

Тој ги изнесе очекувањата на Турција од Хелсинки во пресрет на доаѓањето на финскиот министер за одбрана Анти Кајконен во посета на Анкара, кој в четврток со неговиот турски колега Хулуси Акар ќе разговара за желбата на Финска да влезе во НАТО.

Загрижени дека би можеле да станат мети на Москва, Шведска и Финска ја напуштија долгогодишната политика на воена неутралност и поднесоа барање за членство во НАТО, откако Русија изврши инвазија врз Украина во февруари годинава.

Турција, која е членка на НАТО, го отежнува придружувањето на Шведска и Финска кон Алијансата, обвинувајќи ги да ги игнорираат заканите кон Турција од курдските оружени формации и другите групи кои Анкара ги смета за терористички. Анкара врши притисок врз Финска и Шведска да се пресметаат со припадниците на таквите групи, со барање за укинување на ембаргото на оружје за Турција.

Шведска во септември објави дека ја укинува забраната за продажба на оружје во Турција, која ја воведе во 2019 година после турската операција против курдските сили во Сирија.

Турција и Унгарија се единствените две држави од НАТО кои не го ратификуваа протоколот за пристапување на Финска и Шведска во Алијансата, додека останатите 28 членки веќе го ратификуваа.

Се урна хрватски авион МиГ-21, по еден од пилотите се уште се трага

Архивска фотографија: Авион МиГ-21 на Хрватската армија

Авион МиГ-21 на Хрватската армија денеска се урна во близина на Дарувар, јавија хрватските медиуми.

Авионот се урнал за време на тренинг лет при што еден од пилотите се катапултирал, а по другиот се трага.

Според хрватското Министерство за одбрана, авионот се урнал кусо пред 14 часот во област кај Слатина во вировитско-подравинската жупанија.

Министерот за човекови права и бегалци на БиХ е уапсен поради корупција

Милош Лучиќ

Министерот за човекови права и бегалци во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Милош Лучиќ денеска е уапсен во областа на источно Сараево, соопшти Обвинителството на Босна и Херцеговина. Лучиќ (1986) беше уапсен од припадници на Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА), а Обвинителството на БиХ го товари за злоупотреба на службената положба и овластување, корупција и непотизам. Истрагата прибрала докази дека Лучиќ трошел средства наменети за репрезентацијата, неовластено сервисирал возила со неовластени лица, извршил малверзации при вработување, како и низа други незаконитости кои се опфатени со истрагата, посочуваат од Обвинителството на БиХ.

Полициска акција во БиХ против организиран криминал

Во април оваа година, СИПА го уапси помошникот на Лучиќ Милош Николиќ за време на операцијата „Дијамант“, поради продажба на дрога. Николиќ тогаш бил фатен како продава десет килограми дрога.

Владата одлучи - ќе се поништи државјанството на Онишченко

Одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко ќе биде поништена. Оваа одлука ја донесе денеска македонската влада откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи за можноста за одземање на веќе дадено државјанство, што беше побарано од страна на Владата, на претходна владина седница.

„Денешната одлука на Владата е базирана на Законот за државјанство на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од владината прес служба.


Во соопштението е наведено дека Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да постапи веднаш по донесената одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија.

По истражувачката сторија на „Бирн Призма“ за овој случај во Собранието директорот на АНБ Виктор Димовски даваше отчет за пропустите во постапката за проверка за издавање на државјанство на Онишченко. Димовски тогаш изјави дека службеник во Агенцијата е виновен , затоа што без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дал согласност дека издавање на државјанство за украинскиот државјанин Олексндр Онишченко, односно констатирал дека нема безбедносен ризик.

Украинскиот државјанин Онишченко кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко ја донесе Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Бугарија им се закани на Холандија и Австрија со контрамерки поради Шенген

бугарски премиер Галаб Донев

Софија се заканува со контрамерки против Холандија и Австрија доколку тие земји стават вето на пристапот на Бугарија во Шенген зоната, рече вршителот на должноста бугарски премиер Галаб Донев, додавајќи дека до клучното гласање „би можело да преовладее здравиот разум“. Експертската мисија на Европската комисија оцени дека Бугарија, Романија и Хрватска се подготвени да влезат во Шенген, но Холандија и Австрија не се согласуваат со тоа - Холандија остро се противи на приемот на Бугарија, а Австрија е против Бугарија, но и Романија. Донев не прецизираше какви би можеле да бидат бугарските контрамерки, но рече дека се надева оти Бугарија нема да мора да ги спроведува, објави денеска Еуроактив.

Софија лута поради холандското „не“ за влез во Шенген

Според неофицијални информации од Софија, доколку Холандија не се премисли, Бугарија првично би можела да ја блокира кандидатурата на Ханс Лајтенс за шеф на Фронтекс. Бугарскиот министер за правда Крум Зарков изјави дека овојпат бугарската закана е многу реална и нејзината цел е да предизвика реакција од земјите на ЕУ. Бугарските власти тврдат дека позициите на холандскиот премиер и на австриската канцеларка се диктирани повеќе од внатрешно-политички причини, отколку од конкретни пропусти во примената на шенгенските правила од страна на Бугарија. „Постои сомнеж за двојни стандарди, особено за Холандија“, рече Донев.

Австрија се противи на влезот на Хрватска, Бугарија и Романија во шенген зоната

Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи на 8 декември треба да гласа за две одлуки за влез во Шенген, при што првата одлука се однесува на Бугарија и Романија, а втората за Хрватска. Потребни се едногласни одлуки. Бугарскиот претседател Румен Радев за време на викендот ја опиша позицијата на Холандија како „цинизам“. Холандскиот премиер Марк Руте пред неколку дена изјави дека бугарската граница може да се помине со поткуп од 50 евра, на што жестоко реагираше официјална Софија.

Во тек протест на албанската опозиција, нападнат Сали Бериша

Протест на албанската опозиција во Тирана, 06.12.2022.

Лидерот на албанските демократи Сали Бериша денеска беше нападнат за време на протестот во Тирана, каде што се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан. Бериша бил удрен со бокс во лице, од 25-годишен маж, кој присутните, го оттргнале и го претепале па бил пренесен во болница.

Опозициски протест во Тирана, Бериша и Мета му порачаа на Рама дека ќе заврши во затвор

Бериша, иако беше удрен во лицето, излезе на говорницата и ги поздрави учесниците велејќи „ништо на светот нема да ги порази народот и опозицијата“. „Долу Еди Рама, долу криминалците, ќе победиме. Да живее албанската опозиција. Голема почит што сте овде денеска за да протестирате против режимот на криминалците“, изјави тој. Протестот се одржува во близина на хотелот „Дајти“, а учествува и лидерот на Партијата на слободата Илир Мета. Демонстрантите не се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и оградата која е поставена на булеварот „Народни херои“, каде целосно е забрането движењето.

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан на самит во Тирана во услови на војна во Украина

Учесниците извикуваат “Рама оди си“, „Рама мафија“ а оние кои се обратија кажаа дека не се против ЕУ туку за и оти ова е начин да им ја кажат на европските лидери вистината за Албанија “заробена од мафијата предводена од Рама”.

ЕУ подготви нов предлог за односите меѓу Косово и Србија

Европската унија подготви нов предлог за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија со јасна временска рамка на активности, јави Ројтерс, повикувајќи се на висок дипломат на ЕУ кој зборувал на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Нацрт-предлогот вчера е испратен до двете страни, рече дипломатот, кој сакаше да остане анонимен. „Има многу работи што го прават тоа голем чекор напред во однос на моменталната ситуација... Тоа не е целосно признавање...но тоа е целосна нормализација на односите“, рече дипломатот. Белград и Приштина во 2013 година се обврзаа на дијалог под покровителство на ЕУ за решавање на отворените прашања, но постигнат е мал напредок.

Курти: Ако има волја, ќе има и договор за Косово и Србија

Договорот со Косово останува еден од главните предуслови за влез на Србија во ЕУ. „Откако ги сослушавме двете страни, го реконструиравме предлогот“, рече дипломатот. Предлогот содржи анекс „со јасен календар на активности - кога и како работите треба да се случат“, додава дипломатот. Денеска во Тирана и косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и српскиот претседател Александар Вучиќ изјавија дека остануваат посветени на дијалогот под покровителство на ЕУ.

Летонија и ја укина дозволата на независната руска телевизија Дожд

Управата за електронски медиуми на Летонија му ја одзеде дозволата за емитување на независниот руски телевизиски канал Дожд. Одлуката, која треба да стапи на сила на 8 декември, е донесена „во врска со заканата за националната безбедност и јавниот ред“, изјави претседателот на Националниот совет за електронски медиуми, Иварс Аболинс. му даде дозвола за емитување на Дожд во јуни, откако беше принудена да ги прекине операциите во Русија во март поради притисокот поврзан со нејзиното покривање на руската инвазија на Украина.

Естонија ќе купи американски артилериски систем ХИМАРС

На 2 декември, Дожд беше казнет со 10.000 евра затоа што користел карта на Русија со Крим припоен од Украина од Москва и ги нарекол руските вооружени сили кои ја нападнале Украина „наша армија“. Истиот ден, службата за државна безбедност на Летонија соопшти дека започнала истрага во врска со изјавите „кои предизвикуваат сомневања за помошта што овој ТВ канал им ја дава на војниците на руските окупаторски сили во Украина“. Неколку други новински организации, исто така, најдоа засолниште во летонскиот главен град Рига, вклучувајќи ги Новаја Газета Европа и московскиот огранок на Дојче веле. Рига, исто така, е домаќин на независна веб-страница за вести Медуза од 2014 година.

Фон дер Лајен: Соработката на ЕУ со Западен Балкан доби нов замав

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Тирана изјави дека процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав и дека Унијата сега многу поинтензивно соработува со Западен Балкан. Фон дер Лајен по пристигнувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан рече дека овој нов импулс во процесот на проширување се докажува со многу почести средби отколку во последните години. Потсетувајќи дека неодамна ги посетила сите земји од Западен Балкан, дека се одржал самитот на Берлинскиот процес и дека пред неколку месеци веќе бил одржан самит ЕУ-Западен Балкан, таа нагласи дека тоа е многу јасен напредок.

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан на самит во Тирана во услови на војна во Украина

„Подготвивме пакет за Западен Балкан кој е одраз на она што го прави ЕУ и кој содржи 500 милиони евра кои земјите од регионот ќе ги искористат за да им помогнат на своите граѓани и бизниси во овие тешки времиња“, рече Вон дер Лајен. Таа додаде дека пакетот содржи уште 500 милиони евра за директни инвестиции во инфраструктурата за зелената енергија на иднината, како што се сончевата и ветерната енергија, во интерконекции, но и во програми во насока на зелен водород. Запрашана за влијанието на војната во Украина, таа рече дека не е само руската агресија врз Украина, туку се работи и за тоа дали ќе надвладее автократијата и владеењето на силата или демократијата и владеењето на правото. „На вас е да одлучите на која страна сте. На страната на демократијата, која е ЕУ, која е ваш пријател и партнер, или сакате да одите на друг начин. Тоа се основните прашања за кои ќе разговараме. Забележувам со сите шест земји од Западен Балкан дека членството во ЕУ и ЕУ се нивна приоритетна цел и токму тоа го поддржуваме“, рече претседателката на Европската комисија.

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан на самит во Тирана во услови на војна во Украина

ЕУ-Западен Балкан самит, Тирана

Лидерите на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан се собраа во албанскиот главен град Тирана на разговори со цел зајакнување на нивното партнерство во услови на руска инвазија на Украина. Брисел сака да го искористи еднодневниот собир - првиот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи надвор од Европската унија - за да им каже на лидерите од Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија да им дадат конкретни знаци, наместо само нејасни ветувања, дека еден ден ќе се приклучат на тој блок од 27 нации.

Самит ЕУ-Западен Балкан, што да се очекува?

„Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со Западен Балкан во рамките на Европската унија и се надеваме дека ќе напредуваме во таа насока“, рече претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на почетокот на самитот. Највисокиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, повтори дека засилувањето на ангажманот на блокот со шесте нации е поклучно од кога било за одржување на безбедноста на Европа со оглед на руската војна во Украина. Тензиите, исто така, се зголемија на Балканот од почетокот на конфликтот и ЕУ сака да избегне други точки на удар блиску до нејзините граници. Брисел е претпазлив и од битката за зголемување на влијанието во регионот од страна на Москва и Пекинг. „На Западен Балкан се наѕираат неколку кризи, а партнерите го чувствуваат непосредното штетно влијание на руската агресија врз Украина“, рече Борел минатиот месец. Според нацртот на декларацијата што треба да се усвои на самитот, ЕУ ќе ја повтори „својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во Европската унија на Западен Балкан“ и ќе повика на забрзување на пристапните преговори со актуелните држави. За возврат, ЕУ очекува целосна солидарност од своите партнери од Западен Балкан и сака тие целосно да се усогласат со нејзината надворешна политика.

Вучиќ во Тирана: Кога не си на маса, си на менито

Присуството на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој тврди дека сака да ја внесе Србија во Европската унија, но негува врски со Русија, беше неизвесно до ден пред самитот. Вучиќ рече дека одлучил да дојде во Тирана „по консултации со државните институции“. „Секогаш е подобро да се биде на маса затоа што кога не си на маса, ти си на менито“, изјави Вучиќ. Косовската претседателка Вјоса Османи истакна дека очекува јасни пораки од Европската Унија за перспективите за членство на нејзината земја. Османи ја потврди намерата на Косово овој месец да поднесе апликација за полноправно членство во ЕУ.

Американски тим во Македонија за поагресивно истражување на корупција

Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер

Вашингтон испраќа тим во Македонија за поагресивен поглед на корумпирани учесници и сегашни и минати, напиша американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер на Твитер. Таа пишува дека тимот ќе ги разгледа сите можни одговори.

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, твитна амбасадорката.
Во последниот период борбата против корупцијата е мета на гласни критики од претставниците на меѓународната заедница.

Најпрво изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција кој има лични познанства со челниците на ДУИ, ја збуни американската амбасадорка Ангела Агелер, бидејќи како што рече, „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем.

Набрзо потоа реагираше и евромбасадорот Дејвид Гир кој побара професионалност во институциите во случајот со доделувањето на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД.

Вчера и амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Холштајн истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата.

Владата најави дека преку обезбедување непречена работа на институциите, внимавање на интегритетот и професионалноста на оние кои ги водат институциите и политичка волја, ќе се бори против корупцијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG