Достапни линкови

Ваши коментари - Грците пак ќе бидат во була


Луѓе слават пред седиштето на Неа демократија во Атина.

За победата на Мицотакис во Грција коментираат читатели на социјалните мрежи. Пишуваат и за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ на сметка на директорот на Агенцијата за разузнавање, како и за тврдењето на Мицкоски дека може да го апсат.

Прва вест од Балканов е победата на Нова демократија на Мицотакис на вонредните парламентарни избори во соседна Грција. Победата на десноцентристичката партија ја коментираат и посетителите на нашата ФБ страница.

Марјан Јаневски, „предвидува“: „Кај и да е за година-две Грците пак ќе бидат во була“. И Мајло Тетова е со истото мислење: „Без Ципрас пак одат на банкрот Грците...“, а Дарко Пресилски веднаш прави повратна споредба: „Сега нека му ја мисли Зоко...“ Георги Стојановски реагира на ваквите постови: „Со ваквите коментари за жалење сме, затоа не нè бива“. Изјавата на Мицотакис дека Договорот од Преспа не може еднострано да се раскине, за Динко Киров е лага, но Дарко Стојчески им се обраќа директно на членовите на ВМРО-ДПМНЕ: „Вмровци слушате или турски серии гледате? Нема раскинување на договорот ко’ што ви велат во партијата!“ Рамадан Вејсели подбивно ироничен: „Не бре, овие вмровциве ќе го сменат со помош на азилантот“.

Најголемата опозициска партија обвини дека директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу го назначил Васко Шутаров за свој помошник, инаку проектен истражувач во невладината Нексус регистрирана на домашната адреса на Муслиу. Давитков Ранко прашува: „Овој Васко Шутаров нели беше кадар на ВМРО-ДПМНЕ...?“ Рашко Марковиќ со потсмев констатира: „Овие од ДПМНЕ се заборавија дека не се на власт, сакаат тие да назначуваат по нивна желба. Здосадија веќе, плачат како бебиња за сè и сешто...“ Алберто Албертини ѝ одговара на Венера Македонска која забележува дека власта не го исполнила ветувањето дека ќе работи според правила и закони, а „излегоа бетер од ДПМНЕ“: „Венера, а што можат овие да прават кога знаеме во каква состојба беше државата... најмалку 10 години требаат државата да ги лечи раните од претходните“.

Тврдењето на Христијан Мицкоски дека го следеле специјалци на МВР и дека Зоран Заев ќе го апсел, за Дарко Стојчески е „финта за рејтинг“ и му порачува: „Ова не поминува. Ни ќе те апсат ни му требаш искрено“. „Празни зборови на лидер на една криминална групација која се крие зад маската на политичка партија“ – коментирал Зулко Зуко Зекири, а Тони Русковски проширува: „Па со плата на асистент не се прават хидроцентрали“. Андрија Дедовски во својот пост е уште поконкретен со забелешка дека „да беше ова правна држава што функционира, ти одамна ќе беше зандана...“ и додава прашање: „Ти како ќе објаснеше имот од 10 милиони евра инвестиран во 5 хидроцентрали... со цели 3-4 години професура, 1 година директорување во ЕЛЕМ... така ли се заработуваат 10 милиони евра?!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG