Достапни линкови

Мицотакис сам ќе формира влада


Новоизбраниот премиер Кирјакос Мицотакис.

Нова демократија победник на изборите во Грција, покажуваат првичните резултати. Утре Кирјакос Мицотакис ќе положи свечена заклетва, откако претходно, од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос ќе го добие мандатот за формирање влада. Актуелниот премиер Алексис Ципрас му ја честитал победата на Мицотакис.

Централно десничарската партија Нова демократија е победник на предвремените парламентарни избори во Грција и освои доволен број на гласови и 158 пратеници за да формира еднопартиска влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Со пребројани 81,9 проценти од гласовите, според официјалните податоци од грчкото МВР, Нова демократија е прва со 39, 72 отсто, односно 8,13 проценти повеќе од СИРИЗА, додека пак изненадувањето на изборите е тоа што Златна зора, барем засега, не успева да ја достигне потребната граница од 3 отсто за влез во Парламентот.

Според досегашните резултати, Нова демократија освоиле 158 пратенички места, СИРИЗА– 86 пратенички места, Движење на промена 22 пратеника, Комунистичка партија на Грција 15 пратенички места, 10 има партијата Грчко решение, МЕРА има 9 и Златна зора нема пратеник.

Утре во 13 часот по локално време, како што соопштуваат од претседателската палата, Кирјакос Мицотакис ќе положи свечена заклетва, откако претходно, од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос ќе го добие мандатот за формирање влада.

Веднаш потоа, веројатно ќе замине за премиерската палата, каде што ќе биде и примо – предавањето на функцијата.

„Одлуката на народот е јасна, општеството сака обединети да одиме напред, пред се сака развој, работни места и безбедност за Грција одново да стане силна како што и заслужува“, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање до Грците, по победата на неговата партија на парламентарните избори.

Тој им се заблагодари на Грците за довербата, рече дека ќе биде премиер на сите граѓани и напорно ќе работи за да ги убеди и оние кои не гласале за него дека ќе се бори за сите. Истакна дека нивна должност е да ги обединат Грците и ќе го сторат тоа во пракса.

Новиот премиер на Грција кој од утре ќе ја преземе должноста рече дека со работа владата започнува веднаш, а Парламентот ќе работи цело лето.

Актуелниот премиер Алексис Ципрас изјави дека целосно ја почитуваат одлуката на народот.

„Се боревме и постигнавме многу секогаш со крената глава и сега, повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа каква беше Грција кога ја презедовме“, рече Ципрас.

Грчкиот премиер во заминување рече дека стапил во контакт со Кирјакос Мицотакис за да му честита за победата и утре ќе го прими во премиерската палата за да му ја предаде функцијата.

Алексис Ципрас истакна дека тие ќе бидат одговорна и динамична опозиција, а говорејќи за изминатите четири години рече дека донеле тешки одлуки и презеле тешка политичка цена, кое и денес го плаќаат, бидејќи „изборната доминација на Нова демократија е јасна“ и додаде дека изборниот резултат не е стратешки пораз за СИРИЗА.

XS
SM
MD
LG