Достапни линкови

Предизборието и злосторствата од омраза


Илустрација
Илустрација

Само во првото тримесечје годинава има ист број случаи на злосторства од омраза колку во целата 2015 година. Политичката поларизација во предизборниот период го зголемува говорот на омраза, а со тоа се зголемува и бројот на злосторства од омраза, посочува Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Зголемувањата на кривичните дела од омраза и говорот на омраза се должи на поларизираната политичка ситуација, односно потпишувањето и ратификацијата на Преспанскиот договор и предизборните кампањи, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија. Таа посочува дека е вообичаено пред секој изборен процес, кога се засилува националистичката реторика, да се зголемува говорот на омраза и злосторствата од омраза.

„Значи, ние и во 2014 година исто така нотиравме дека има зголемување, бидејќи тоа се должеше на тогашниот изборен процес. Не е нешто невообичаено, меѓутоа она што го нотиравме, а се однесува пред сè на говорот на омраза, секогаш го кажувам како причинско-последична врска, е тоа што во најголем дел случаите што ги регистриравме беа по основ на етничка припадност и на политичка припадност и тоа се истите карактеристики пред секој изборен процес, особено што пред овој изборен процес имаше и многу други случувања коишто ја зголемија и националистичката реторика и голем дел од тие случаи на говор на омраза беа и поттикнувачи на одреден вид на насилства, инциденти и мислам дека највеќе на тоа се должи тоа зголемување“, вели Пировска.

Само во првите три месеци од годинава, Хелсиншкиот комитет на Македонија регистрирал 42 инцидентa од омраза. Во најголем дел злосторствата се мотивирани од етничката припадност на жртвата, еден е поради верска припадност, еден поради сексуалната ориентација, четири случаи се поради политичка припадност и два поради некои други карактеристики на жртвата.

Во првото тримесечје од годинава има речиси ист број инциденти како во цела 2015 година, кога биле регистрирани 44 случаи. Во 2014 година биле регистрирани 87 случаи, а во 2013 – 116 инциденти поради омраза. Повеќе од половина од сите злосторства се случуваат во Скопје, а потоа следуваат Велес, Куманово и Тетово.

Кон крајот на минатата година, Собранието го измени Кривичниот законик за да ги вметне и злосторствата од омраза како категорија. Пировска вели декa тоа е еден од соодветните одговори на државата, но уште поважно е како ќе се процесуираат случаите.

„Ние во досегашното работење многу пати нотиравме дека делата од омраза не се квалификуваат соодветно. Најчесто се квалификуваат како насилство, се водат како насилство и понатаму така и се санкционираат. Пресудата во случајот „Саздо“ е да речам можеби една од поригорозните, токму поради тоа што зад ова дело стои омраза на етничка основа. Санкционирањето е многу важно, односно досегашното несанкционирање на говорот на омраза и делата од омраза беа на некој начин окуражувачки факт за сторителите и за сите идни сторители на ваквите дела.

Таа посочува дека делата од омраза секогаш се во врска со говорот на омраза, кој ги поттикнува и потсетува дека досега има само еден осуден за говор на омраза во Македонија.

Едно од покарактеристичните злосторства од омраза кое дојде во фокусот на јавноста е убиството на младиот Никола Саздовски. Судот во првостепена постапка ги осуди неговите убијци на по 19 години затвор.

Во изминатите години, пак, во предизборните периоди се зголемуваше бројот на меѓуетнички тепачки во автобусите од градскиот превоз во Скопје.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG