Достапни линкови

Училиштa игнорираат насилство меѓу децата?


Ученици трпат насилство од деца од исто одделениe каде се пресметуваат со удари, велат родители кои ги обвинуваат наставниците и дел од родителите за игнорирање на проблемот. Наставниците се жалат дека е изгубена довербата во образовните работници и затоа се немоќни.

Во училиштата речиси нема одделение без барем тројца нетолерантни или невоспитани ученици кои со своето однесување ја попречуваат работат на своите врсници или од кои другите деца трпат и насилство.

Ова го покажуваат искуствата на наставниците, кои посочуваат дека проблемот е во семејствата на децата кои психички или физички ги напаѓаат нивните врсници. Родителите чии деца се жртви на испади од нивните врсници тврдат дека најлошо е што тие деца може да продолжат така да се однесуваат, зашто имаат впечаток дека нема да бидат казнети. Родители наведуваат дека нивни деца трпат удари од ученик од истото одделениe и го обвинуваат училиштето за игнорирање на случајот, затоа што сметаат дека наставниците не реагираат.

Мајка на девојче во второ одделениe во училиште во општината Центар во Скопје вели дека ја загрижува дека насилство се случува и кај најмалите деца во основни училишта.

„Неодамна имавме случај кога дете од второ одделение заврши со расцепена глава внатре во училница. Тоа е навистина голема агресија кај деца на возраст од 8 години. Се прашувам колкумина од родителите поставуваат граници до каде нивното дете може да оди во односите со другите“, вели таа.

Таа нагласува дека училиштата, наставниците и родителите треба да реагираат на првите предупредувачки знаци кога една дете ќе покаже насилство.

„Наставникот да не вели ништо не е, ќе помине, туку повеќе да се вклучи, а родителот да признае дека неговото дете има проблем и да почне да го решава. Јас би разговарала сериозно ако слушнам дека моето дете тепа или „кубе“ или кажува погрдни зборови кон своето другарче. И ми пречи што ваквите повтoрувачки инциденти се игнорираат, наместо да се свикуваат родителски средби и за тоа отворено да се разговара“, вели таа.

Наставниците тврдат дека речиси нема одделение без барем еден немирен или невоспитан ученик кој со своето однесување на часот ја попречува работата на своите врсници. За таквите ученици, како што посочуваат, и разговорите со педагози и психолози не помагаат, а на наставниците им се спротивставуваат родители доколку се обидат да им укажат нека нивното детето има непримерно однесување.

„Не по едни и по три деца има во секое одделениe кои се нетолерантни и практикуваат насилство, обично имаат лош пример од дома, а децата се помалку комуницираат со родителите и се јавува нетолерантност која претходи на насилство. За жал, тоа ни се случува родител секогаш доаѓа со оправдување за своето дете. Како да сме на две различни страни. Изгубена е довербата во наставникот и родителите мислат дека тие знаат како треба да се реши проблемот, а не ние. Имаме и програма за насилно однесување, психологот секоја среда ги вика на советување, секој наставник кој ќе забележи несоодветно однесување на ученик се обраќа кај психологот, но родителите едноставно не прифаќаат затоа што имаат различна перцепција за моралните вредности“, вели Елка Даскалова директор во ОУ Владо Тасевски во општината Карпош во Скопје.

Наставниците исто така наведуваат дека невоспитаните деца со испадите кои ги прават се главни во друштвото, а оти поради нив најмногу трпат децата кои се примерни. Даскалова вели дека во училиштата е застапено и психичкото насилство.

„Нетолерантни се децата кон оние кои се со некоја попречност, има деца кои тоа не го толерираат, потоа го исмеваат и тоа психичко насилство се одразува врз детето“, вели таа.

Социолозите велат дека насилството или нетолеранцијата и дискриминацијата која може да забележува меѓу учениците е научено однесување од дома и е порадикален одраз на кризата на вредносоти во општеството. Тие велат дека од опкружувањето младите луѓе наоѓаат модели на однесување за кои тие мислат дека се во ред.

Поради овие согледувања нашите соговорници велат дека недостасува етика во образованието и оти е потребно да се вратат луѓето кон вредности како пријателство, заедништво солидарност и почитување.

Стефани Спирковска од Младинскиот образовен форум вели дека за намалување на насилството кое се јавува во училишта значајно учениците да имаат каде да се обратат и да се воведат содржини за грижа за менталното здравје. Таа посочува дека потребно е да се зголеми и бројот на психолози во училиштата, но нагласува дека е неопходно и родителите да се вклучат во решавање на проблемот.

„Значаен аспект е освен со жртвите на насилство да се работи со насилниците и со нивните родители, затоа што се работи за деца. Значајно е да се креира постапка која ќе ги вклучи и родителите како дел од проблемот, затоа што тие и де факто се“, вели Спировска.

Од МОФ велат дека огромна улога има и воспитно - педагошката функција на самото опкружување без разлика дали е во домашното воспитување или од страна на професорите и нивните врсници. Од таму се надеваат дека сите овие принципи и вредности каде ќе се залагаат за намалување на дискриминација, стереотипи, каде што ќе се намали говорот на омраза и насилството, повторно ќе станат актуелни и дека младите ќе ги бранат и своите лични интереси, ќе се организираат, но и во заштитата на останатите, особено оние кои се обесправени и дека таа култура на заедништво на соживот и помагање ќе преовлада повторно во наредниот период.

Во изминатиот период јавноста ја загрижија сликите на кои се гледаше како две ученички тепаат и влачат за коса друга соученичка, а останатите деца само немо набљудуваат, како и случајот со фрлање на ученичка од прозорец.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG