Достапни линкови

Кого ќе спасат измените во Кривичниот законик?


Седница на Собрание на РМ.

Со 63 гласа „за“ и еден воздржан и без дискусија, пратениците во Собранието ги изгласаа измените на Кривичниот законик. Со измените би можело да се намалат казните на дел од осудените во предметите на СЈО, поконкретно во предметот Труст.

Собранието попладнево без расправа ги изгласа измените на Кривичниот законик со 63 гласа „за“ и еден воздржан. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои најавија дека нема да учестуваваат во расправата за Кривичниот законик ја напуштија собраниската сала кога оваа точка се најде на дневен ред.

Во измените на Кривичниот законик не се најде членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службена положба, а кој претходно пратениците од владејачкото мнозинство сe обидоа да го вметнат. Овој член е поврзан со најголем дел од обвиниетите за кои има предмети од СЈО, а под влијание на јавноста беше тргнат од предлогот за измени на законот. Остана спорниот член 275-в кој се однесува за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство.

Со овие измени би можело да се намалат казните на дел од осудените во предметите на СЈО, поконкретно во предметот Труст. Во него се осудени на затворска казна бизнисменот Сеад Кочан и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василие.

Со измените на Кривичниот законик кои сега ќе стапат на сила се воведува и ново кривично дело „попречување правда“, а клучните измени се однесуваат на кривични дела сторени од омраза. Предлогот е доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди.

Денешната промена на Кривичниот законик предложена од група пратеници е усогласена со верзијата која ја предложи и Владата на Република Македонија согласно Планот 18 и Стратегијата за реформи во правосудството,тврдат од СДСМ.

По изгласувањето на измените од таму наведуваат дека целта на донесување на овие измени е пред сè, ревидирање на одредбите во неколку области, од кои како најзначајни, меѓудругото се, криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете-жртва. Од владејачката партија посочуваат дека во рамките на политиката на генералното намалување на санкциите, е предложена и измената на висната на казната за кривичното дело од членот 275-в од Кривичниот законик.

„Оваа измена нема да влијае на никаков начин на застарување на кој било предмет отворен од Специјалното јавно обвинителство пред надлежните судови“, рекоа од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.

Инаку пред денешната седница во Собранието 16 граѓански организации побараа итно повлекување од дневен ред на предлог-измените на Кривичниот закони. Во писмото до претседателот на Собранието Талат Џафери и до пратениците-предлагачи на измените, организациите инсистираат на повлекување на предлогот, „поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот“.

„Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, пишува во писмото, кое меѓу другото го потпишуваат Фондацијата Отворено општество – Македонија, Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Хелсиншки комитет на Македонија и Институтот за европска политика.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG