Достапни линкови

Нов политички пазар за судбината на СЈО


Архивска фотографија: Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство

Власта и опозицијата на лидерска средба разговараат за реформите и реформските закони во Собранието. Каков политички пазар ќе донесе оваа ситуација е клучното прашање, велат аналитичарите.

Империја, Талир, Пациент, Попис, Актор, Пропаганда, Моќник, Подарок и Хармонија се дел од истрагите на Специјалното јавно обвинителство за чија иднина ќе се одлучува во Собранието, во зависност од тоа како ќе помине новиот предлог закон за јавно обвинителство во кој е одреден и мандатот на СЈО. Пратениците од опозицијата ќе го имаат клучниот збор за тоа дали СЈО ќе продолжи кривично да ги гони вицепремиерот Бујар Османи, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговите бизнис соработници Јордан Камчев и десетмина други како и поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески и пратеникот Антонио Милошоски кои се главните осомничени во овие истраги. Откако Врховниот суд ги ослободи од куќен притвор дел од осомничените во Империја, прогласувајќи ги обвинителите за неовластен тужител, повторно се стави на тест иднината на Специјалното јавно обвинителство која сега се спасува со ново законско решение, а и се прави обид да се исполнат и критериумите за препораката од ЕУ која бара реформи во судскиот систем.

Иднината на ова обвинителство е од клучно значење за евроинтегративниот процес, посочија владините коалициони партнери по средбите со идниот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер.

Токму заглавувањето на овој закон во политички пазар и собраниски лавиринти може да донесе закочување на евроатлантскиот пат на државата, велат аналитичарите. Адвокатот Александар Тортевски вели дека досегашната пракса покажа дека просторот за политички маневар е голем и дека не може ни да се предвиди за што сè може да се испазарат пратениците со цел учество во донесувањето на реформските решенија.

„Јас не сум учел за политички пазар во врска со примена на кривично право, но видовме дека и тоа е можно, така што не можам да претпоставам до каде може да одат тие пазарења, а мислам дека можностите им се неограничени. На пример може преќутен пазар за споро водење на постапките, преќутен пазар за неизрекување на тешки мерки за безбедност против обвинетите, да нема притвор, да се влечат предметите, преќутен пазар да стигнат предметите до застарување, така што не знам, неограничени им се можностите и ништо веќе не ме изненадува, нема лимит на политичкиот пазар во оваа држава“, вели Тортевски.

Премиерот Зоран Заев изрази очекување дека законот ќе биде донесен со консензус и дека за тоа ќе разговара со опозицијата за да се обезбеди двотретинско мнозинство. Тој денеска најави дека ќе го испочитува барањето на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба.

„Секако, време е да оддржиме лидерска средба. Едно заради реформите и реформските закони во Собранието, второ, претстојните претседателски избори кои доааѓат. И трето, вредно е да се разговара за било кое отворено прашање. Јас секогаш давам шанса на дијалогот. Дијалогот е од помош за нашата земја, за сите отворени прашања. Верувам дека во најскоро време ќе се одржи лидерската средба, како одговара и за шефот на опозицијата, “ изјави денеска Заев.

Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески побара лидерска со цел да не се става сиот товар врз пратеничкиот грб.

„Прво што треба да се направи е лидерска средба на која ќе се разговара за сите отворени прашања вклучително и законот за СЈО“, изјави Мицевски.

Во пресрет на препораката од ЕУ, очекувањата на власта се дека токму овој закон во пакет со системот за антикорупција ќе донесе позитивни оценки во сегментот на владеењето на правото.

„Ние имавме одличен извештај минатиот јуни и ЕУ рече дека патот до преговорите се исцртува. Одлуката ја проектираa за јуни оваа година. Ќе биде голем проблем за кредибилитетот за целиот пристапен процес, за политиката на ЕУ кон Балканот ако не се поддржи успехот на нашата земја која успеа да си го расчисти патот кој беше забарикадиран сериозно последниве години од 2005. Мислам дека е од голема важност иднината на СЈО. Тоа е важно“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров неодамна во интервју за Радио Слободна Европа.

Додека се чека пратениците да го изгласаат новото законско решение со кое делумно ќе се измени работата на Специјалното јавно обвинителство чија цел беше гонење на нечесни функционери, има уште многу незавршена работа со досегашните надлежности кои произлегоа од скандалот со масовно прислушување.

Предлог-законот предвидува Специјалното јавно обвинителство да има своја улога во гонењето висока корупција и продолжување на сите предмети што се почнати во СЈО, без разлика дали се во фаза на обвинение, во истрага или предистрага, но без употреба на бомбите во Судот за предмети за кои не е покренато обвинение до 30 јуни 2017 година.

Шефицата на СЈО, Катица Јанева денеска изјави дека обвинителството си го заслужило местото во институциите на државата. На прашањето дали со новиот закон нема да се спаси некој од политичарите односно функционерите ако „бомбите“ нема да бидат докази, таа рече дека се е можно.

„Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет. Но, ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на бомбите бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, појасни таа.

Мандатот на шефот на СЈО и на обвинителите ќе биде идентичен како и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Новиот шеф на Катица Јанева ќе биде државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, со што тој ќе може да одлучува во одредени ситуации дали за некој предмет ќе биде надлежно СЈО или Јавното обвинителство за организиран криминал.

Предистражните постапки кои ги започнало СЈО може да ги преземе и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во согласност со надлежноста.

Мандатот на Јанева е предвидено да трае уште една година. Следниот специјален обвинител со мандат од 4 години би го бирал Советот на јавни обвинители, а не Собранието.

За да помине предлог-законот е потребно двотретинско мнозинство односно треба „за“ да гласаат 80 пратеници.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG