Достапни линкови

Спасовски разочаран од СЈО


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски помалку верува во СЈО сега од кога ова обвинителство почна да работи. Намалената доверба, според него, се должи на последните случувања околу ослободувањето од притвор на осомничени во случаи на СЈО, како и бегството на Груевски.

Довербата во Специјалното јавно обвинителство ми е намалена, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната неформална средба со новинарите. Тој на одговор на новинарско прашање објасни дека откако станал дел од системот, довербата во ова обвинителство му е намалена, во споредба со очекувањата кои ги имал кога, како што рече, и самиот се залагал за формирање на специјалното обвинителство и кога тоа почна да работи.

Министерот Спасовски изјави и тоа дека една од многуте причини за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски е небарањето мерка притвор веднаш по изрекувањето на пресудата. „Несреќна одлука“ пак, беше кусиот негов коментар за преиначувањето на затворскиот притвор во домашен на обвинетиот Јордан Камчев. Тој ова го искоментира додека ги објаснуваше обврските на МВР кои беа наведени во судското решение кое стигнало до нив. Според тоа решение, полицијата ќе има обврска ненајавено да го посетува Камчев во домот каде што ќе ја издржува мерката куќен притвор. Министерот не сакаше да коментира дали е загрижен да не се случи уште едно бегство како тоа на Груевски.

Во однос на бегството на Груевски, Спасовски беше скромен во споделувањето на информации во јавноста под изговор дека кога ќе дојде време ќе сподели се што треба, индиректно префрлајќи ја вината врв судот и СЈО затоа што правно и навремено не побарале мерки од МВР. Неколку пати повтори дека „МВР не е УДБА“ и оти без наредба не можеле да го следат Груевски ниту да го сопрат неговото движење.
Но, според документите кои излегоа во јавност, за притворените Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски, во барањето за мерка притвор беше наведено дека постојат службени белешки од УБК, според кои, постои сомневање дека тие сакаат да ја напуштат државата.

Спасовски додаде дека сите информации кои ги имаат ги доставуваат навремено до надлежните институции.

На новинарското прашање дали е поведена некаква дисциплинска постапка за граничната полиција која била на смена, одговори со прашање до новинарите: „на која граница мислите дека поминал и зошто сте убедени дека поминал низ граничен премин?“.

Во меѓувреме, истече и рокот што обвинителката Вилма Русковска сама го даде, според кој, до денеска требаше да излезе со првите детали во јавноста од истрагата за бегството. Од Јавното обвинителство ни одговорија дека најава за такво нешто нема и оти сега се фокусирани врз одговорите на барањата за амнестија, каде што законски се предвидени рокови од пет дена.

Oбвинителката Вилма Русковска во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат, зборувајќи за бегството на Груевски и предистрагата која се води за овој случај, рече дека се истражува и одговорноста на институциите.

„Мислам дека кај дел од институциите има пропусти, мислам дека станува збор за ненамерни пропусти, барем од она што досега го имаме. Не би коментирала за која инстутиција се работи,“ рече Русковска.

Таа на прес конференција пред две недели рече дека од колегите од Црна Гора добила информација оти се обезбедени снимки проврзани со бегството на Груевски и дека и од Албанија е побарано најбрзо да им се достават материјалите со кои располагаат.

Премиерот Зоран Заев пак, деновиве имплицираше дека во бегството бил вмешан и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Сите знаат дека бегството е помогнато однадвор. Мицкоски ги посети Вучиќ и Орбан и не објави за што разговарале, дали тоа таму е договорено? Мицкоски не објави што разговарале и после тоа се случува ова. Се сомневам дека е вмешан врз основа на сите информации кои ги имам“, изјави Заев во емисијата Отворено на ТВ24.

Специјалното јавно обвинителство нема никаква вина за бегството на Никола Груевски. Постојано укажуваме и поднесуваме барање за притвор, а судот одлучуваше, изјави два дена по бегството обвинителката Лиле Стефанова. Таа посочи дека вината ја гледа во институциите.

„СЈО во целиот изминат период постојано апелираше, сугерираше и поднесуваше барања за притвор за осомничениот Никола Груевски и другите осомничени во предметот „Титаник“. Уште при првото поднесено барање за спроведување на истрага беа предложени мерки за притвор и истите беа одбиени. Кога го поднесовме обвинителниот акт поднесовме барање за определување мерка притвор и тогаш Кривичниот совет го одби таквото барање со наводи дека иако постои опасност од бегство, тоа може да го обезбедат со одземање на патната исправа и јавување на обвинетите еднаш неделно. Во меѓувреме, Груевски побара јавувањето во Судот еднаш неделно да му биде заменето со јавување еднаш месечно по кое барање ние дадовме мислење дека треба да биде одбиено како неосновано, меѓутоа Советот на Судот го прифати неговото барање. Сите овие услови беа предиспозиција да се случи ова бегство“, изјави Стефанова.

Додека институциите се обвинуваат меѓусебно за пропустите кои доведоа до бегството, во јавноста недостасуваат основните информации за тоа како и каде Груевски ја напуштил Македонија пред 48 дена.

Засега е познато дека тој поминал низ три држави со унгарско дипломатско возило при што на 11 ноември пристигнал во Будимпешта и на 13 ноември се чекираше на Фејсбук. Неодамна доби и азил.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG