Достапни линкови

Дали „Лајка“ ќе ги спаси кучињата скитници во Скопје?


Улични кучиња во Скопје
Улични кучиња во Скопје

Приказната за проблемот со бездомните кучиња и искасани луѓе не застарува со години. Дали новото претпријатие „Лајка“, заедно со регистарот на домашни миленици и одговорно сопствеништво ќе понудат излез? Поради бавното решавање на проблемот страдаат и граѓани и животните.

Тажните слики на масовно отруени кучиња, како последните од Пехчево, и извештаи за каснати луѓе продолжуваат да зборуваат дека од проблемот кој државата не може да го реши страдаат и животните и луѓето. Упатените коментираат дека проблемот со големиот број бездомните кучиња по улиците е индикатор и на нашата зрелост и култура на однесување. Во други земји повеќе луѓе да бидат искасани е незамисливо, затоа што таму сите кучиња се згрижени, регистрирани и вакцинирани. Тие велат дека држава која сака да биде развиена не смее да си го дозволи тоа и не треба да штеди пари за решавање на овој проблем.

Кучињата често се инспирација и на писатели за книжевни дела и за сценарија за филмови со кои израснаа и генерации на скопјани, но денес за жал има и такви кои се откажуваат од нивните миленици кои стануваат бездомници и на крај завршуваат во стационарот „Вардариште“ за којшто активистите сметаат дека е казна за животните поради лошите услови.

Фотографите на изгладнети и болни кучиња од транзитниот стационар „Вардариште“ кои граѓаните повремено ги објавуваа на социјалните мрежи во изминатите години, го наметнаа впечатокот дека Скопје е далеку од тоа успешно да го реши проблемот на напуштени животни. Проблем со кучињата скитници е честа тема и меѓу граѓаните, но оваа недела е тема и во градскиот совет каде се гласа за основање на новото претпријатие.

Коренот на проблемот е во напуштањето на милениците

Од невладината организација „Анима мунди“ истакнуваат дека проблемот не може да се реши само со отстранување на кучињата од улиците, туку дека неодговорните сопственици во овој момент се најголемата причина за постојаниот прираст на напуштени животни.

Радмила Пешева, член на „Анима Мунди“, вели дека груба проценка е дека на улиците во Скопје има околу 6 илјади кучиња и оти не може сите да бидат ставени во стационар.

„Ниту еден стационар не може да го реши проблемот, додека изворот на проблемот не се реши, а проблемот е неодговорно сопствеништво. Имаме постојано нови кучиња на улица зашто имаме неодговорни сопственици и општество. Има неконтролирано размножување на кучиња и невозможно е да се стационираат 6 илјади кучиња. 500 кучиња да се стационираат, прво е неодржливо, тоа е 15 илјади евра само за храна месечно. Потребно е програмата „залови, стерилизирај, врати на локација“ да се спроведува ревносно и со голем процент на стерилизирани кучиња, затоа што на тој начин има контролирана ситуација. Од друга страна, да се прават мерки за одговорно сопствеништво и да се контролира кој размножува куче и каде завршуваат“ вели Пешева.

Од Градот потврдуваат дека тие издвојуваат огромни суми на пари за да ги обесштетат граѓаните кои биле нападнати од кучиња скитници. Од таму очекуваат дека со новите решенија што ги планираат, проблемот со кучињата скитници во иднина нема да биде приказна која во Скопје не застарува со години. Со основање на новото претпријатие кое ќе се грижи за проблемот со уличните кучиња, досегашниот стационар Вардариште преминува под надлежност на градот. Новото претпријатие Градот предлага да се вика Лајка, а со него ќе управуваат и дел од невладините организации, вели Ваљон Салиу, портпарол на Градот Скопје.

„Моментално Вардариште е одговорност на Комунална хигиена, а нивна примарна дејност е сè друго освен третманот на животните, па сакавме да дадеме нов момент и да дадеме на значење на проблемот. Со ова ќе има фокус на вработените кои исклучиво ќе работат на овој план. Ќе можеме во целост да ги имплементираме сите политики“, вели Салиу.

Од Градот ветуваат дека до крајот на март ќе заврши и регистрацијата на домашните миленици и оти тоа ќе придонесе за одговорно чување и нивно ненапуштање од сопствениците.

Во однос на проблемот некои сметаат дека треба да се пресликаат одредени модели кои се применливи во други земји.

Соња Богдановска, активистка која живее во Канада, вели дека освен миленици кои ги шетаат нивните сопственици, во град е несоодветно да се видат глутници на бездомни животни. Таа посочува дека во провинцијата во која живее бездомните кучиња се згрижени во природни средини.

„Во Канада не постојат улични кучиња. Сите се вдомени. Во провинцијата каде што живеам се регистрирани 100 илјади домашни миленици. Единствен проблем има во резерватите каде живеат домородните Индијанци, кои имаа голем проблем во последните 20-тина години, но побара помош од провинцијата како да се справат со бездомните кучиња. Се направија масовни стерилизации организирани од невладините организации кои соработуваа со градот и се направи таа стерилизација каде наталитет на кучињата потоа се намали многу“, вели Богдановска.

Додека се чека институциите да го решат проблемот без да штедат пари, во Скопје може да се видат и убави примери од граѓани кои станаа синоним за градски јунаци. Тие сами дошле до идеа да ги хранат уличните кучиња, затоа што додека продаваат, виделе многу скитници, па им било жал и смислиле дел од парите кои ги заработуваат да ги даваат за да обезбедат храна за кучињата скитници.

На дело сме и ние граѓаните

Во решавање на проблемот со бездомните кучиња, на дело сме и ние граѓаните, вели младата скопјанка, Теона Георгиевска. Таа посочува дека сите ние како индивидуи или како организации и институции треба да ја шириме идејата за одговорно сопствеништво и да се грижиме за нашите најдобри пријатели.

Таа е член на неформална група граѓани кои од пред две години се борат да им помагаат на напуштените животни во Вардариште носејќи им храна и овозможувајќи им дополнителна помош секоја сабота. Теона се надева дека со одвојувањето на стационарот Вардариште од Комунална хигиена и отворањето на посебно претпријатие драстично ќе бидат подобрени условите за бездомните кучиња, пред сè во поглед на грижата за хигиената и исхраната.

Во Вардариште нема стандарди за одржување на хигиената и моментално владее епидемија од вирус од кој, ако не се третираат, животните во најголем процент умираат. Тие болести се заразни за сите кои не се вакцинирани. Вториот момент зошто започна нашето одење во Вардариште е бидејќи излегоа вознемирувачки фотографии каде животно по две недели престој во стационар е претворено во коска и кожа. Замислата ни е еднаш во недела, во сабота да се нахранат. Носиме донации од хумани граѓани. Има и доста случаи каде животно по кастрација не е сошиено добро и тече крв, па викнавме ветеринар повторно да се сошие оти ќе искрвари“, вели Георгиевска.

Вардариште е казна за кучињата. Дали Лајка ќе ги спаси?

Во стационарот Вардариште во изминатите години се спроведуваа мерки на заловување на кучиња, нивно стерилизирање и вакцинација, по што животните се враќаат на местото на кое претходно биле најдени, односно на улица каде тие навикнале да живеат. Од Комунална хигиена, која стопанисува со Вардариште, се жалеа дека тоа е тешка работа затоа што тие се занимаваат и со многу други дејности, а оти парите што ги добиваат не се доволни за да обезбедат за плата за вработените, за нафта за возилата, за храна на животните итн. Но, од таму посочуваа дека со инспекциските контроли кои биле правени никогаш не биле утврдени неправилности во работата.

Активистите меѓутоа се загрижени и од тоа што има примери дека спротивно од прописите тука се заловуваат и кутриња кои, бидејќи се мали за вакцинација, се подложни на вируси, а забележуваат и дека проблем е и што вработените не соработуваат со активисти.

Според зборовите на Теона, новото претпријатие Лајка отвора надеж, но најдобро решение би било да има што повеќе транзитни прифатилишта за уличните кучиња за стерилизација. На тој начин тие би се тргнале од улиците, со што би се намалила опасноста од напади врз луѓе, а истовремено нивните животни услови би се подобриле.

„Ги сликаме животните од Вардариште и ги објавуваме, за да поттикнеме свест за вдомување. Добар чекор е што ќе се одвои стационарот од Комунална хигиена и ќе се отвори засебно претпријатие кое енергијата ќе ја насочи само кон кучињата. Потребно е стационарот да се реконструира и да се смени односот на вработените кон животните и да се отворат уште неколку со цел стерилизација и намалување на животните на улица кои се размножуваат неконтролирано“, вели Георгиевска.

Проблем исто така е и тоа што кучињата кои имаат сопственик често не беа чипирани и заведени, што отвора уште едно сложено прашање за единствена база на податоци која мора да постои на ниво на градот.

Теона порачува дека ако некој зема животно, мора да ги почитува прописите да се грижи за животното и да го спречи неговото размножување, ако не знае што да прави со кутрињата. Според неа, неопходна е строга законска регулатива за сопствениците кои тоа не го почитуваат.

„Мора да се воочи дека главниот извор на кучиња на улица се од оние кои чуваат дома животни, ги парат, а потоа малечките ги оставаат на улица или им здосадува миленикот и го оставаат на улица. Треба да има регистар за да има увид кој сè чува животни, за да не може туку така секој да фрла куче на улица, да не се знае кој е, и да не сноси одговорност“, вели Теона.

Истанбул се грижи за десетици илјади бездомни животни

Луѓето се проблем за кучињата скитници
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:52 0:00

Истанбул е град со 15 милиони жители и со неколку десетици илјади домашни животни кои всушност и немаат дом. За овие животни се грижат властите. Ветеринарен автобус оди во различни населби во градот, каде што граѓаните носат бездомни мачки и кучиња кои имаат потреба да бидат лечени и згрижени.

Гоце Атанасов

Загрижена за здравјето на една црна мачка која се шета низ универзитетскиот кампус каде што работи, Мевлуде ја остави во ветеринарната клиника за улични животни водена од градот Истанбул.

„Ѝ беше потребна помош, видовме дека нејзиното око е затворено, работиме во кампусот и често се поврзуваме со градското собрание кога ќе видиме животни кои имаат потреба од лекување“, вели таа.

Посетителите на овој турски град, кои се воодушевуваат од старите џамии и отомански палати, често се изненадени кога гледаат мачки и кучиња како безгрижно лежат и седат на најдобрите места во кафулињата и рестораните. Како и Мевлуде, многу други жители на Истанбул се обидуваат да им помогнат на четириножните пријатели во нивното соседство, оставајќи чинии со храна и нудејќи им засолниште покрај нивните врати или прозорци. Сега градските власти ги зголемуваат напорите за лечење на уличните животни, а со тоа и на жителите кои доаѓаат во контакт со нив.

„Ветбас“ е мобилна клиника која по неколку дена е стационарина низ разни населби во турската метропола. Ветеринарката Нихан Динчер вели:

„Кога овие животни се нездрави, некои паразитни болести можат да се пренесат врз луѓето. Затоа одржувањето на овие животни здрави всушност ги чува луѓето околу нив здрави, што ја прави нашата работа уште поважна“, вели таа.

Исламска традиција

Грижата на жителите на Истанбул за животните на улица делумно доаѓа од исламската традиција. Ветеринарот Умут Демир вели:

„Во Турција, поради нашите верувања, мораме да сочувствуваме со другите живи суштества. Нивната ситуација и е врз нашата совест, па не можеме едноставно да ги напуштиме овие животни“, вели тој.

Законот за заштита на животните, донесен во 2004 година, ги принуди општините да се грижат за улични животни. Во Истанбул има и шест здравствени центри. Нивната цел е да вакцинираат, стерилизираат и да се згрижат за околу 130 илјади кучиња и 165 илјади мачки кои живеат на улиците. Тугче Демирлек е главна ветеринарка во здравствениот центар во областа Султангази вели:

„Ние ги знаеме сите кучиња благодарение на нивните чипови. Електронскиот систем за ознаки што сега ви го покажувам, ова е уред за нивно читање. Откако ги скенираме, можете да го видите бројот тука и со бројот може да ги најдеме сите информации што треба да ги знаеме за ова куче во нашата база на податоци“, вели тој.

Животните, опремени со микрочип, потоа се враќаат назад каде што се најдени, а некои се прифаќаат од поединци. Според Демирлек, фактот што животните се добро нахранети и згрижени гарантира тие да бидат смирени и го ограничува секое агресивно однесување. Но, бројот на кучиња во изминатите неколку години останува прилично висок и покрај напорите за стерилизација.

„Ние систематски ги стерилизирааме, но животните што не ги фаќаме продолжуваат да се репродуцираат“, објасни таа.

Поради развојот на овие услуги, општината лани се грижела за 73.608 животни што е многу повеќе од 2.470 во 2004 година. Во Истанбул немало ниту еден случај на беснило од 2016 година. И додека општината одбива да каже колку чини услугите, министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемири, деновиве изјави дека неговото министерство обезбедило околу 6 милиони долари за поддршка на локалните власти во цела Турција за грижа за уличните животни меѓу 2009 и 2018 година.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG