Достапни линкови

КРАФТВЕРК, ОРБИТАЛ и ЊУ ОРДЕР како акустика во Станица 26


„Акустик електроникс 2“ е насловен проектот што оваа среда, на 27 февруари во 22 часот, во рамките на Фестивалот за современа музика МОДОАРС 2019, ќе биде изведен во скопскиот клуб Станица 26. Триото Попивода, Јосифовски и Петров ќе свири теми на КРАФТВЕРК, ОРБИТАЛ, ЊУ ОРДЕР и други.

По нецела година од премиерното претставување на проектот „Акустик електроникс“ како оригинален музички перформанс во кој најпознатите електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано со придружба на моќниот звук на тапанот, Ема Попивода и Александар Петров повторно се враќаат на „местото на злосторот“ - во скопскиот клуб Станица 26. Овојпат зајакнати со присуството на контрабасистот Оливер Јосифовски ( ЉУБОЈНА) и со идеја да ја збогатат звучната слика и понудат несекојдневно доживување.

Инспирирани од современата електронска музика, во стилот на класичните композитори, на акустични инструменти, во сосема нова возбудлива атмосфера тие ќе се обидат да им дадат дел од сопственото автоско-изведувачко кредо на „класичните теми“ на бендови и артисти како родоначелниците КРАФТВЕРК, ЊУ ОРДЕР, ОРБИТАЛ, Моби, ФЈУЧР САУНД ОФ ЛОНДОН, Дејвид Моралес и други и сето тоа подредено „како да ја прелистувате историјата на овој тип современа музика“.

„Ја продолжуваме приказната на МОДОАРС со ова второ продолжение на „Акустик електроникс“ коешто го збогативме и со нови композиции. Згора на тоа за уште побогата придружба покрај Александар Петров на сцената ќе застане и контрбасистот Оливер Јосифовски со цел да креираме уште повозбудлива атмосфера врз основа на веќе познатите хитови од електронската музика. Бидејќи јас сум класичен пијанист композициите звучат делумно и класично бидејќи во таа форма и ги пишував, но токму со контрабасот и со тапанот и перкусиите сакаме да ја доловиме таа специфичната атмосфера на музиката со која патем и сме растеле“, вели Емилија Попивода.

Јосифовски, Петров и Попивода фото: Јована Зука

Таа дополнува дека овој концепт нема намера да го заокружува и дека ќе го работи се додека го бара публиката притоа оставајќи простор во него да влегуваат и излегуваат мнозина нејзини колеги професионални музичари со желба за една ваква авантура.

„Сета онаа музика што е создадена во последниве години, декади...или она што не сме успеале да го опфатиме со досегашниве концертни проекти како програма, како податлива музичка композиција би го вметнале во некое наредно издание. Овој проект планирам да го оставам како дел во мојата солистичка кариера на еден ваков тип на музика којшто лесно би можел да биде интегрален дел од мојот исполнителски репертоар во иднина. Целта е секако да звучиме што поразлично, што практично подразбира дека ќе се шири и формацијата. Се надевам дека во некое идно издание на проектот би биле вклучени повеќемина мои колеги, па дури не исклучувам дека е возможно во проектот да биде вклучен и цел еден оркестар“ , смета пијанистката.

Инаку, пред само една недела на Фестивалот за современа музика МОДОАРС 2019 гостуваше австрискиот уметник Винврид Хакл кој освен концертите за студентите на Академијата при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип одржа предавање за чембалото и настанокот на клавирот, а во периодов што следува Ема Попивода најавува уште два значајни културни настани.

Најнапред планирано е концерт да одржи Анте Милиќ од Хрватска кој ќе свири програма сочинета од дела на современи хрватски композитори, за да набрзо потоа биде одржана и „Вечер на танго“. Под ова заглавие се кријат ВИВА СТРИНГС со свое видување на музиката на аргентинското танго, танцов перформанс на танчери на аргентинско танго и изложба на уметникот Северин Бургерс од Белгија на тема „Танго и Медеа“.

Поголемиот дел од овие проекти е предвидено да бидат одржани во Уметничката галерија КО-РА во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, простор кој организаторите на МОДОАРС го сметаат за особено податлив кога станува збор за перформанси и изведби од поинтимен карактер.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG