Достапни линкови

Попивода и Петров со проектот „Акустик електроникс“ во „Станица 26“


Акустик електроникс - музички проект на Ема Попивода и Александар Петров
Акустик електроникс - музички проект на Ема Попивода и Александар Петров

„Акустик електроникс“ е насловен концертот којшто, во рамките на фестивалот „Модоарс“, во четврток, на 12 април, во скопскиот клуб „Станица 26“, ќе го одржат пијанистката Ема Попивода и Александар Петров на тапан. Уметниците ќе понудат свои видувања на композиции на најзначајните претставници на современата електронска музика.

„Акустик електроникс“, според неговите потписници - Ема Попивода и Александар Петров, е оригинален музички перформанс во кој најпознатите композиции од современата електронска сцена се обработени и се изведуваат на пијано и тапан.

По „Средба на џезот и класиката“ во кој соработуваше со кларинетистот Бранко Павловски, потем посегањата по ноктурната на композиторот Димитрије Бужаровски, заедничкиот проект со црногорската сопранистка Милица Добај и македонската поетеса и преведувачка Наташа Сарџовска, експериментот со гитаристот Бојан Петков Шамба од ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, во потрага по нова звуковна возбуда, Ема Попивода се реши на редок експеримент. Да ги искористи темите на одбрани електронски теми од различен временски период, кои се подредени во еден вид историјат на електронската музика, за да реверзибилно ги обработи во класичен пијанистички стил. Ова подразбира дека во придружба на Александар Петров и моќниот звук на неговиот тапан, кој во целост ја дополнува атмосферата, „класичната“ електронска музика е основа за експериментот во кој авторските енергии преку акустичните инструменти креираат нови звуковни пространства. Па така, инспирирани од современата музика, во една сосема нова и возбудлива атмосфера, во просторот се пластат пасажите од веќе познатите и многупати вртени песни на KRAFTWERK, ORBITAL, NEW ORDER, FUTURE SОUND OF LONDON, Моби, Дејвид Моралес, Лајо и Бушвака, Дерик Меј и други.

„Сите песни одбележале одреден период и дел од мојот живот. При нивниот избор се трудев да направам една ретроспектива, односно еден историски преглед на композициите коишто одбележале различни периоди во електронската музика од една страна. Од друга, пак, сакав тие да бидат податни за обработка на пијано, односно да немаат некоја осложена мелодиско-хармонска структура за да биде поедноставно сето тоа да се долови на акустични инструменти. Сите тие песни честопати сум ги слушала во текот на мојот живот и некои од нив и денес ми се омилени“, вели пијанистката Попивода.

Александар Петров, пак, знае да каже дека за него како музичар ова е новитет бидејќи самиот ниту бил, ниту е толку навлезен во сферата на електронската музика.

„Мене овој терен ми е безмалку непознат, но морам да признам дека е многу интересен бидејќи сум човек кој е отворен за нови авантури, посебно во музичкиот дел. Оваа соработка за мене отвара нов пристап, нова творечка соработка. Јас имам свирено со пијано и знам дека обата инструменти се доста моќни и ете на наша радост се случи оваа размена на енергии. Инаку, со Ема идејата ја разработувавме на првата средба во Њујорк, потем контактите си останаа и ова е една преубава можност да соработуваме на сцена“, вели тој.

Кон ова и информацијата дека за „Акустик електроникс“ се подготвени и уметнички визуелизации кои ќе се прикажуваат на екранот за време на изведбата на концертот, а кои се дело на Милан Тоциновски и Давор Попивода.

Инаку, збор – два и за потписниците на концертот.

Ема Потевска Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот. За време на студиите, имала привилегија да учи од реномирани педагози како Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка.

Во 2014 година, Попивода со највисок успех ги завршува докторските студии по пијано, под менторство на професор Стела Слејанска и професор Димитрије Бужаровски.

Интернационално активна, оваа млада пијанистка ги завршува и студиите на „Моцартеум академија“ во Салцбург, Австрија, „Дартингтон академија“ во Девон, Англија и згора на тоа и оние на Универзитетот Кембриџ, со што се здобива со акредитација за предавање на британската програма за музика.

Концертната кариера на Ема Попивода е богата и разновидна. Нејзиниот репертоар вклучува изведби на дела од класичниот репертоар, но и дела од современи автори, македонски композитори и нови иновативни музички стилови во кои и самата се јавува како креатор и изведувач. Како солист и камерен изведувач настапувала во Њујорк, Токио, Лондон, Рим, Брисел, Гдањск, Будимпешта, Ница, Братислава, Солун, Софија, Цетиње итн.

Повеќе од 10 години, Ема како основач и уметничи селектор, раководи со Фестивалот за современа музика „Модоарс“, во чии рамки настапувале врвни уметници од целиот свет, а таа е и претставник на Република Македонија како член на светската лидерска мрежа „Global bridges“.

Александар Петров своето формално образование го заокружил на престижниот Музички конзерваториум во Париз кадешто студирал ударни инструменти. Потоа целосно му се посветува на традиционалниот македонски инструмент – тапан, со чии настапи низ светот зборува за својата земја и својот идентитет. Настапувал во Јемен, Јордан, Мароко, Алжир, Либан, Бахреин, САД, како и низ цела Европа.

Член е на триото „Imaginary Folklore“ кој е космополитски микс од три силни музички карактера – пијанистот Лео Џеновезе, басистот Франческо Маркиочи и Петров, секој од нив икона на традиционалната музика во својата земја: Аргентина, Италија и Македонија.

Нивната музика претставува трансферзала помеѓу три држави со оригинални композиции. Ова космополитско трио постои од 2014 година под името „Por Ché Ne Trio“, а од неодамна се преименуваа во „Imaginary Folklore“. Досега имаат настапувано на различни сцени во светот – од Аргентина, преку САД, во повеќе еевропски земји, на Балканот и во Македонија.

Инаку, Александар Петров на македонската музичка публика и е познат најмногу по извонредните концерти што ги одржа со квартетот „Баце", во кој членуваа и Васил Хаџиманов на клавијатури, Теодосиј Спасов на кавал и Либанецот Башар Калифе на ударни инструменти.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG