Достапни линкови

Сарџоска: Треба да почнеме да размислуваме отаде границите!


Наташа Сарџоска во постојана потрага по свежина на духот
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:53 0:00

Наташа Сарџоска во постојана потрага по свежина на духот

За мене припадноста е бројот на лична карта, место на раѓање, датум на раѓање, име и презиме. Но тоа што сум јас, тое е и Париз, тоа е и Берлин, тоа е и Брисел, Лисабон...сите оние елементи што се врежале во мене, коишто ме обележиле како еден вид на тула и го изградиле храмот на мојата мисла.

Родена во Скопје 1977 година, Наташа Сарџоска e поет, писател, преведувач и толкувач. Перформер, сонувач и патник. Авторка е на поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“ и „Жива вода“, а нејзината поезија е препеана на италијански, англиски и српски јазик. Застапена е во неколку антологии на поезија на македонски јазик, меѓу кои и Антологијата на еротска поезија. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на катедрата за романски јазици – италијански јазик и книжевност со француски јазик и компаративна книжевност. Магистрирала на Новиот Универзитет во Лисабон, на Универзитетот во Перпињан и Бергамо, а докторирала антропологија на Карлс Еберхард во Тубинген, Германија и на Универзитетот во Бергамо, Италија, со студиски престој на Сорбона во Париз, Франција.

Како со неколку реченици би се обиделе да се опише себе си? Што во основа би напишале за себе – поет, преведувач, толкувач, доктор на науки, патник, перформер, трагач по убави луѓе и предели... Која е всушност Наташа Сарџоска?

- Пред се би рекла љубопитен сонувач. Сонувач којшто сака да ги запознае бесконечните можности на човечкото суштество. Од таму и поезијата, бидејќи поезијата е екперимент со нашиот јазик. Од таму и толкувањето, преводот затоа што е запознавање на туѓиот јазик, на туѓата мисла. А од таму и мојата професионална ориентација. Имам докторат по антропологија кој е резултат на желбата да ги запознаам човечките навики, човечкиот живот, човечките пориви и навики. Кога би ме прашале кој се активностите кои најмногу ги правам во текот на денот, што најдобро би можело да ме долови, би рекла нешто вакво. Сакам да гледам низ прозорец. Сакам да сонувам. Да ја наоѓам инспирацијата во боите на природата, во некаков лет на некоја птица, во некаков шум...Еве сега препејував еден поет за Струшките вечери на поезијата којшто има еден многу убав стих. Вели: Човечкото постоење не е карпа, туку е шумот на летот на штиглицот. На таа птица која е чудесна и по вокалитетот и по боите. Ете така би се опишала. Во една постојана покорност и понизност да ги запознаам новите хоризонти на моето постоење. Новите луѓе коишто доаѓаат во мојот живот. Оние кои ќе ме инспирираат да творам, да преведувам и да пренесувам.

Оние кои го следат вашиот творечки пат ве споредуваат со „птица“. Често ги менувате пределите околу себе и дури е тешко човек да успее да ве сретне овде дома. Многу почесто ве има по светот отколку во својата родна земја. На улиците од родниот град.

- Мојот покоен татко, кога ќе му се јавев од некој европски град, често ме прашуваше: Каде си? Велев: дома. И тој тогаш знаеше да каже – ма која е твојата дома? Тоа чувство на неприпадност, на неприпаѓање, на откоренетост од моето родно место ме следи изминативе 15 години. Тоа и го истражував во мојот докторат. Кога докторирав антропологија на Сорбона и во Карлс Еберхард работев на иселени уметници од поранешна Југославија којшто поради дадениот политички контекст, војната ги довела до состојба на егзил. Таа нивна миграција, тоа нивно патување станува начин на нивниот живот и на нивната уметност. Така и себе си се најдов. И емпириски и теоретски во тој контекст на постојано патување затоа што мислам дека тоа станува еден вид на модус вивенди. Не можете да функционирате доколку немате просторни координати во различни култури и различни јазици, различни движења и простори. Мислам дека тоа многу ме одредува и како автор, но и како личност што ми дава една постојана, непресушна свежина на духот. Еден вид на младешки дух затоа што постојано откривам како да е ново. Се сеќавам дека еден многу познат македонски драмски режисер ми кажа дека моето постојано патување го доживува како некаков грч, како некаков страв од минливото. Такашто можеби и тоа е еден вид на толкување. Знаете, сведоци сме на големи политички проблеми со кои Македонија се соочува...И со именувањето и со соседите. Но, мислам дека предизвикот на иднината, на утрешнината, е всушност да почнеме да размислуваме отаде границите. Отаде припаѓањето коешто е сушто идентификациско. За мене припадноста е бројот на лична карта, место на раѓање, датум на раѓање, име и презиме. Но тоа што сум јас, тое е и Париз, тоа е и Берлин, тоа е и Брисел, Лисабон...сите оние елементи што се врежале во мене, коишто ме обележиле како еден вид на тула и го изградиле храмот на мојата мисла. Од таму и јас како и анголанскиот лозофонски писател Мио Коуто верувам дека на светот постојат две нации – нацијата на живите и нацијата на покојните. Не верувам во граници коишто можат да го ограничат човечкото суштество, можностите на човечката комуникација, инспирација и дијалог.

Од таму е сосема разбирливо што само во изминатиов месец својата поезија и ја дарувававте на публиката во Берлин, потем во Скопје, па во Софија... И, притоа интересно е и тоа што не станува збор за секојдневни читања на песни, туку за перформанси во кои зборот е облагороден со соодветна музичка поткрепа. Поетско – музички рецитали кои малкумина оставаат рамнодушни. Ја пишувате и доживувате поезијата како перформанс или сето тоа ви доаѓа интуитивно, во мигот кога босонога стапувате на сцена?

- Професорката и академик Катица Чулафкова кога напиша поговор за една моја поетска книга „Тој ме повлече со невидлив конец“ рече дека „мојата поезија е како драматургија на просторот на куклениот театар којшто ја опфаќа целата камерна суштина на човечкото постоење“. И, да во право сте, кога пишувам поезија и ги замислувам тие перформативни сцени којшто потоа ги изведувам. Многу често просторите кајшто се инспирирам се простори полни со движења – аеродроми, железнички станици, хотели...коишто преку една еуфорија на човечкото суштествување ме доведуваат во некаков тивок дијалог со самата себе си. Поезијата е експеримент со јазикот, но е и нешто што е отаде јазикот. Поезијата не е уметност на вистината, на веродостојноста. Како што вели Октавио Пас поезијата е воскресение на присуства. И затоа сакам кога изведувам, значи не велам „читам“, да ги пренесам тие присуства на публиката. И многу често за тоа ги користам моето тело, моите раце, танцот и музиката затоа што многу често ми се случува да настапувам пред публика којашто не го разбира македонскиот јазик. И затоа сакам мелодичноста на мојот мајчин јазик да ја протолкувам со музика. Ете во Германија настапував во Академијата за уметности во Берлин заедно со македонскиот композитор и гитарист Ѓорѓи Шаревски којшто преку една џез импровизација ги толкуваше акордите, суштинските акорди на моето рецитирање, на моето говорење на поезија. Таа синергија беше многу свежа и беше предизвик и публиката тоа да го доживее како импровизација затоа што бевме комплементарни и во ритамот и во мелодијата и во тоа што јас го говорев. А, со пијанистката Емилија Потевска Попивода на настапот во Даут пашин амам направивме еден поетски рецитал со музиката на Ерик Сати којшто е попознат но чија звуковност и не е директно поврзана со мојата поезија. А, во Македонскиот културен центар во Софија гостував во рамките на една книжевна визита што ја организираше издавачот и поет Бранко Цветковски од Макавеј и таму ја пеев акапела македонската песна „Море сокол пие “. Сите беа изненадени и воодушевени од она што го сторив. Всушност никој не очекува од поетите да ја изведуваат својата поезија. Еве ќе бидам малку критична и ќе речам дека поезијата не е популарна уметност затоа што авторите ја читаат со некаков сосема разбирлив срам затоа што изложуваат дел од сопственото срце, од сопственото чувствување. Таа скромност постои на сцената и од таму велат дека актерите подобро ја толкуваат поезијата, но јас не се согласувам. Мислам дека актерите не можат добро да ја толкуваат поезијата на некој автор затоа што таа е уникатна уметност. Затоа и земав часови по оперско пеење. Не толку за самото пеење, туку часови за дикција, за глас...кај оперската певица Александра Коцевска. Идејата ми беше да можам експериментално да ја пренесам мојата поезија којашто освен што е екперимент со јазикот е и експеримент со ритамот и тоа треба да ја допре публиката. Еднаш се сеќавам дека плачев кога ја гледав либанската пејачка Фајрус како пее. Не разбирав арапски, но начинот на којшто таа го изведе песната ме расплака. И од таму дојде идејата да се обидам и јас на некој начин да ја допрам публиката бидејќи мислам дека без неа нема смисла поетското читање.

„Жива вода“ е последната ваша поетска објава. Со неа влеговте во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“. Од тогаш до денес се испишуваа ли нови стихови. Кога тие песни со еден заеднички наслов меѓу две корици би дошле пред читателите?

- Јас не сакам да бидам машина за производство на дела. Во оној момент кога се препознавам, кога се фаќам себе си во стапица на истиот дискурс, на истиот наратив – престанувам. Не сакам на читателите да им понудам иста поетика. Ист ритам. „Жива вода“ беше доста тешка и сложена книга поделена во четири циклуси, песни на припаѓањето, на препознавањето, разделбата и слободата. Таа беше номинирана за наградата „Браќа Миладиновци“. И, после тоа решив да направам една мала пауза и да истражувам нови форми на поетско изразување. Сега работам една нова, сосема поинаква книга со многу куси, не хаику но речиси куси фотографски поетски творби. Се надевам дека ќе ја објавам не само во Македонија туку и во една од соседните земји. Тоа би било двојазично издание затоа што би сакала да имам поголем опсег на читатели, поголем интерес. Се надевам дека ќе биде поразлично од сето она што досега сум го творела. Повторувањето, не само во уметноста туку еве и во науката не е добредојдено. Мислам дека оној уметник кој себе си се повторува треба да престане да твори.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG