Достапни линкови

„Јавачи на коњи“ победник на филмски фестивал во Непал


Македонскиот независен филм „Јавачи на коњи“ е победник на Yala International Film festival, што се одржа минатата недела во Непал, Јужна Азија. Станува збор за социјална драма работена по сценарио на Никола Кузелов, а во режија на Марјан Гавриловски.

По нецели шест месеци од наградата за најдобар филм на „Fam Fest International 2018“ што се одржа во Северна Каролина, САД, македонскиот независен филм „Јавачи на коњи“ на сценаристот Никола Кузелов и режисерот Марјан Гавриловски со слично признание во далечниот Непал. Жирито кое го сочинувале оскаровецот Марк Башет, Дина Јорданова - професор на филмската академија Сент Ендрус во Шкотска и на универзитетот во Хонгконг, и Том Велер - филмски продуцент, сценарист и режисер, одлучило на делото нашите филмаџии и творци да му ја додели главната награда. Згора на тоа, тие во своето образложение напишале дека станува збор за „интимен портрет на изгубените генерации од пост-конфликтна Југославија... За впечатлив и уверлив перформанс на тројцата главни ликови ... и за хармоничен и силно емотивен филм“.

„Коментарот и сега од самиот Фестивал во Непал беше дека приказната е многу емотивна, дека глумата е добра, дека филмот ритмички и режисерски е одлично спакуван и така со ред. Претпоставувам дека за една награда сето тоа треба да си е на свое место. Инаку, да речеме со тој филмски речник дека приказната е „фестивалска“. Во неа не се споменуваат ниту местото ниту времето, се со цел да се каже дека тоа се случува секаде и секогаш, иако притоа сега „Јавачи на коњи“ беше бележан како „интимен портрет на изгубените генерации од пост-конфликтна Југославија“. Значи, тоа сепак се гледа. Ние не можеме да избегаме од тоа, ама приказната и суштината која се обработува се социјалните проблеми ама повеќе чувствата и емоциите и личните проблеми на самите ликови. Сè друго е во втор, трет план и е споредно“, истакнува Никола Кузелов, сценарист на филмот и еден од актерите во „Јавачи на коњи“.

Покрај него во главните улоги настапуваат Бобан Кулески и Долорес Поповиќ, а филмот на режисерот Марјан Гавриловски ја следи приказната на тројца бескуќници од кои едниот е хендикепирано лице. Тие живеат во сопствените паралелни светови и нивната најголема желба е како да стасаат до храна.

Инаку, „Јавачи на коњи“ досега има учествувано на голем број фестивали низ Европа и светот, меѓу кои во оние Шпанија, Шведска, Италија, Јужна Африка, Швајцарија, Полска, Чешка, Романија и Бугарија. Сега со две значајни награди на глобални филмски манифестации, тој само ја надополнува убавата слика за актуелната состојба на современиот македонски филм онака како што го поимаат младите автори. Или барем каква што сите сакаме да биде по успесите на „Медена земја“, „Исцелител“ и други остварувања.

„Самите награди се потврда на некој начин за младите режисери, меѓутоа според мене не се главно мерило за успешноста на едно дело. Квалитетните филмови и нема потреба да добиваат награди за да ги прифатиме. Ако треба да се добие награда за да се увиди овде кај нас дека и младите можат да прават квалитетни филмови тогаш е супер. Еве две награди само во една недела. Ова несомнено говори дека конечно треба да се инфестира во младите режисери во Македонија“, вели Гавриловски.

Интересно е и тоа што продолжува и неговата натамошна соработка со Кузелов. Никола знае да каже дека тој во мигов интензивно работи на новото сценарио, дека е преокупиран со новата приказна. Тој не сака да открива многу детали, но забележува дека тоа ќе биде повторно игран филм и се разбира повторно независен.

„Новото остварување жанровски ќе биде некаква социјална драма, но ако претходниот пат се работеше за социјала со трилер овојпат ќе преовладува комедија. Преку социјалните елементи сега ќе кажеме дека сме во Македонија, нема да избегаме од просторот и од времето и ќе си играме со апсурдите, со апсурдите со кои се соочуваме секојдневно. Не би сакал да откривам повеќе работи за приказната, но се надевам дека за година-две неа ќе ја имаме како убаво спакуван филм“, потврдува Кузелов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG