Достапни линкови

Ставрески: „Исцелител“ е филм за уривањето на рационалните вредности


Ставрески на прес-конференцијата по македонската премиера на „Исцелител“.

Со овации и воодушевеност беше пречекана македонската премиера на „Исцелител“, дебитантскиот долгометражен филм на Ѓорче Ставрески, што се случи на затворањето на 16-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Оваа црна комедија пред десеттина дена ја освои наградата на публиката на годинашниот Солунски филмски фестивал, а селектирана е за прикажување и на најголемиот интернационалнен филмски фестивал во Индија – Гоа.

Ѓорче Ставрески, режисерот и сценарист на „Исцелител“ - филмот во кој е раскажана приказна за механичар од железничко депо, кому синот немајќи пари да купи лекови, му дава колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, знае да каже дека низ годините наназад ја гледал својата земја, Република Македонија, како пропаѓа во сиромаштија. Ги слушал луѓето како сè повеќе и повеќе кажуваат дека не веруваат во медицината, во моќта на науката во нашето општество, „да ни помогне, да го придвижи тој наш свет напред“. Ги гледал како лесно им се препуштаат на „теориите на заговор“, на исцелителите коишто би можеле да им го „најдат лекот за лутата рана“.

„Ги прашував луѓето и сфатив колку многу од нив не веруваат во еволуција, туку напротив еден голем број од нив си имаат сите некакви теории на заговор за тоа како настанал човекот и тоа всушност е некако корелативно поврзано со пропаѓањето на сите наши вредности, на сите рационални, на сите здрави вредности на коишто би требало да се темели едно општество, вклучувајќи го нормално тука и здравството и образованието. И, така некако дојдов до идејата дека сакам да направам еден филм којшто зборува за тоа рушење на некои рационални вредности на кои треба да се базира едно општество. Со посебен акцент на здравството. Мислам дека човек прво треба да појде на лекар, таму ни е најголемата шанса за помош, а после тоа доколку навистина кренат раце од тебе човек треба сè да проба. А, ние сега ја немаме ни таа шанса. Ете тоа мене ми беше болката“, вели тој.

Актерот Анастас Тановски.
Актерот Анастас Тановски.

Ставрески појаснува дека пишување на сценариото го започнал во 2010 година и дека тој процес траел навистина долго. Дополнува дека тоа нималку не му е криво затоа што на тој начин тие „поминале еден европски процес на формирање на приказна којшто нему му овозможил средби со многу луѓе и којшто потрајал безмалку седум години“. Вели дека „Исцелител“ почнал да го креира како драма затоа што отсекогаш многу го љуби тој жанр, дури такви биле и првите три верзии на сценариото, за да потем откако го сработил „Скопски љубовџии“ како дел од омнибусот „Скопје ремикс“, посака „таа своја класична семејна драма“ да ја преиначи во „црна комедија“.

„Си реков што имам да изгубам. Толку уживав додека ја правев таа мала црна комедија, тоа кратко сценарио, што не ми остана ништо друго туку да пробам. Зошто да не? Може ќе го освежи, ќе му даде некој друг агол на целото сценарио, на целата приказна. И така се роди комедијата во целиот тој спој“, вели режисерот.

Инаку, куриозитет е што првиот долгометражен игран филм на Ѓорче Ставрески е и првата македонско-грчка копродукција во која финансиски помогна Грчкиот филмски центар. Режисерот истакнува дека соработката всушност почнала кога на работилница за продуценти на EAVE ја запознал Константина Ставрианоу од копродукцијата GRAAL S.A. од Атина.

„На таа работилница се створи убава вибрација околу филмот. Копродуцентката Ставрианоу беше одушевена од филмот и неколку пати инсистираше да разговараме за филмот. Се видовме и набрзо станавме блиски пријатели. Јас не верував дека тие ќе земат пари за филмот кај нив во Грција, особено не за македонски филм, зашто тие беа во најголемите кризи. Тогаш кога на државно ниво ги контролираа средствата. На пример, филмот не доби пари од Словенија или од Бугарија каде што аплициравме пред да аплицираме во Грција, Но, добивме пари токму од Грчкиот филмски центар. Тоа беше убава приказна со Грците и навистина сум горд на тоа што е прва таква соработка“, вели Ставрески.

Тој истакнува дека на филмот работеле посветени домашни и интернационални професионалци – луѓе како Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мемет, актери кои органски без преглумување ја изнеле на виделина приказната. Тука биле и монтажерот Мартин Иванов, директорот на фотографија Дејан Димески, потем и Бранислав Николов, Пеце Трајковски – Брада и Гоце Јовановски кои ја потпишуваат музиката, Мојца Горогранц – Петрушевска која се погрижила за шминката и така со ред. Дека домаќински, сплотено и без нервоза заеднички потпишуваат еден „добар производ“.

Актерот Благој Веселинов.
Актерот Благој Веселинов.

Инаку, на „Исцелител“ во периодов што следува му претстојат прикажувања на фестивали во Естонија, Индија, Белгија и во Санта Барбара, во САД, а прашан за тоа какви реакции очекува од публиката на една ваква универзална тема и воопшто за сиромаштијата, Ставрески вели дека „тој лично е фасциниран од феноменот на сиромаштијата“.

„Некако многу лесно парите одат нагоре кај побогатите, а надолу се спуштаат само со револуции. Со војни. И тоа навистина ме фасцинира. Во последно време почнува една дискусија која во еден период беше малку контроверзна и која сега се враќа на голема врата, а се нарекува „Плата за сите – Плата за живот!“. Со автоматизацијата, со роботиката има сè повеќе и повеќе луѓе кои остануваат на улица. И сè повеќе се дискутира за некои концепти за давање на некаква „сигурносна мрежа“ за да можат луѓето тој шок да го истрпат полесно. Ова го говорам во контекст на тоа што филмот сега ќе се прикажува во Естонија, во Талин, на фестивалот „Црни ноќи“. Тој ефект на осиромашување некаде од 1970 наваму го почувствуваа и многу богати економии и не за џабе се случуваат тие процеси како Брегзит, случувањата во Шпанија и токму затоа едвај чекам да го видам ефектот на „Исцелител“ во тој дел на светот. Ме интересира како тие од сопствениот агол ќе го видат филмот – посебно во контекст на сиромаштијата и згора на тоа користењето на марихуаната како медицинско средство“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG