Достапни линкови

Македонија со едната нога во НАТО


Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и министерот за надворешни работи Никола Димитров
Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и министерот за надворешни работи Никола Димитров

По потпишувањето на протоколот за членсто во НАТО, земјите членки треба да го ратификуваат во своите земји. Како што најави претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис, тие в петок ќе го ратификуваат протоколот. Од тогаш во сила влегуваат и уставните измени што ги донесе македонското собрание, па Македонија и официјално станува Северна Македонија.

Македонија денеска го потишува протоколот за членство во НАТО, во согласност со договорот за името со Грција. На церемонијата во седиштето на НАТО во Брисел присуствуваат дваесет и деветте амбасадори на земјите членки во Алијансата и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Земјите членки ќе дадат согласност за членство на нашата земја во Сојузот со новото уставно име Република Северна Македонија. Откако ќе биде потпишан протоколот

Македонија ќе може да учествува во сите „клучни формати“ на северноатлантскиот совет, односно Македонија ќе стане дел од системот и процедурите на НАТО, и ќе учествува во работата на телата на Алијансата како поканета земја членка, без право на глас.

Членство во НАТО - придобивки и последици

НАТО, безбедност, но и економски развој
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:54 0:00

​Граѓаните во Македонија, пак, имаат поделени мисења за тоа дали земјата треба да биде дел од НАТО и кои би биле придобивките или последиците од нашето членство во Алијансата. Повеќето од оние кои ги анкетиравме велат дека се радуваат на членството во НАТО бидејќи очекуваат со тоа да се зголемат инвестициите во земјата, економската и безбедносната стабилност на земјата.

„Стабилноста сепак е најважна, ова е некакво балканско буре барут и сметам дека од тој аспект некаква стабилност би била обезбедена”, вели Петре Андреевски, пензионер од Скопје.

„Штом влегуваме во НАТО би требало да има нови инвестиции, подобра работа за младите и сè што е потребно за подобра иднина“, вели млад скопјанец, вработен во фризерски салон.

„Економски ќе биде подобро, и стабилност, и кога ќе има стабилност секој од надвор ќе може да вложува во нашата земја, јас верувам во тоа, нема ништо лошо во тоа. Никој не може да те нападне, нема да има ниту „Голема Албанија”, ни ништо друго, вели Шабан Мемедовски”, вработен во државна администрација

А граѓаните кои не сакаат Македонија да влезе во Алијансата како свои причини ги наведуваат нарушените односи со Русија, историјата на Србија со НАТО, зголемениот одлив на млади во странство.

„Не, повеќе сум за да не примат во Европа, да постои надзор за сè што се случува тука. Па еве, и Русите ќе се бунат, и нив ќе им ставиме трн во око”, изјави Љупчо Несторовски, пензионер од Скопје

„Не сакам во НАТО. Заради Србија, пред сè, прв показател е Србија. Секој втор е болен од рак. Што направи НАТО? Ги уништи. Секаде се уништува. Зошто НАТО?“, вели една скопјанка”, вработена во приватен сектор.

Поблиску до НАТО - Понервозна Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Испишување историја

Потпишувањето на протоколот за влез во НАТО уследи по ратификацијата на Преспанскиот Договор во Македонија, а потоа и во Грција, со што е отстранета последната пречка за зачленувањето на земјава во Алијансата, речиси единаесет години по грчката блокада на Самитот во Букурешт, во април 2008.

Објавувајќи ја веста за потпишување на протоколот генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред неколку денови на Твитер напишта дека „На 6 февруари ќе испишеме историја“.

Премиерот Зоран Заев неодамна рече дека очекува по завршувањето на целиот процес повторно да се сретне со својот грчки колега Алексис Ципрас, за, како што нагласи, уште еднаш да им потврдат на граѓаните дека ќе имаат големи бенефити од Преспанскиот договор.

Во наредните фази обврските ќе се префрлат на официјално Скопје. Според Договорот од Преспа, по стапувањето во сила, сега веќе Северна Македонија ќе треба да ги извести сите меѓународни организации и институции каде членува, дека договорот стапил на сила, односно дека има ново име и од нив да побара да го прифатат новото име. Истата постапка треба да побараат да се спроведе и од сите држави членки на ОН. Тоа треба да значи дека другите држави и организации да и се обраќаат со новото име - Република Северна Македонија.

Од друга страна, пак, граѓаните ќе имаат рок од пет години, односно најдоцна до 2014, да ги променат личните документи и во нив да биде впишано новоото име. И регистарските таблици на возилата ќе треба да се променат и да добијат скратеници НМ или НМК.

На владина седници минатата недела формирано е меѓуресорска група за спроведување на одредбите од Договорот.

На вчерашната владина седница, пак, донесена е одлука за отворање амбасада во Атина и на Генерален конзулат во Солун. Одлуките ќе започнат да се применуваат со влегувањето во сила на уставните измени во Македонија.

По потпишувањето на протоколот, секоја земја членка на НАТО ќе треба да го ратификува членството и таа процедура може да трае максимум две години, иако се очекува сè да се заврши до почетокот на следната година. Откако сите 29 земји членки ќе го ратификуваат протоколот, Северна Македонија ќе стане 30 земја членка на НАТО.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG