Достапни линкови

Се отвора вратата за членство на Македонија во НАТО и ЕУ


По тридневна жестока дебата и постојани протести во Атина, мнозинството во грчкиот Парламент даде зелено светло за Договорот од Преспа и се отстранува грчката пречка за членство на нашата земја во евроатлантските организации.

Со 153 гласови „за“ и 146 „против“, грчкиот Парламент го верификуваше Договорот од Преспа со чие стапување на сила Македонија станува Република Северна Македонија и Грција нема да ги блокира преговорите и македонското членство во НАТО и во ЕУ.
И гласањето, како и тридневната дебата, помина со жестоки кавги, дофрлања и со истакнување транспаренти што опозициските пратеници ги внесоа во главната сала. Пратениците, 300 колку што брои грчкиот Парламент, гласаа еден по еден и јавно се изјаснуваа за Спогодбата.

Грчкиот Парламент го ратификува Договорот од Преспа
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:33 0:00

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во последното обраќање порача дека Преспанскиот договор носи стабилност за целиот Блакан и дека со него интересите на Грција не се загрозени. Тој на пратениците им порача дека неговата ратификација претставува историски чекор. Претседателот на Парламентот, Никос Вуцис, го поздрави гласањето кое го нарече историски чекор. Тридневната дебата, со говор ја затвори алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.

Заев: Честито мој пријателе Алексис, нека ни е вечен Договорот

По гласањето, македонскиот премиер Зоран Заев не го криеше задоволството од ратификацијата на Договорот од Преспа. Тој со објава на неговите официјални профили на социјалните мрежи му се заблагодари на неговиот грчки колега Алесис Ципрас за успешното гласање.

„Честито мој пријателе Алексис Ципрас, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, напиша Заев на својот Твитер налог.

Честитки за ратификацијата од Јункер, Могерини, Хан...

Веднаш по гласањето, највисоките европски политичари испратија честитки до премиерот Ципрас и до грчкиот Парламент за ратификацијата.

„Тие имаа имагинација, тие го презедоа ризикот, тие беа подготвени да ги жртвуваат сопствените интереси за општото добро. Зоран, Алексис – Браво! Невозможната мисија се исполни“, напиша на Твитер по денешното гласање во грчкиот парламент Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, кој го поздрави заокружувањето на Договорот од Преспа.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес хан, ја поздравија ратификацијата и изјавија дека „веќе со сигурност може да се каже дека Скопје и Атина испишале нова страница во заедничката европска иднина“.

„Од самиот почеток, Европската унија силно го поддржа историскиот договор. Потребна е политичка храброст, водство и одговорност на сите страни за решавање на еден од најосновните спорови во регионот. И двете земји ја искористија оваа единствена можност која претставува пример за помирување за Европа и ќе даде дополнителен поттик за европската перспектива на регионот“, порачаа Јункер, Могерини и Хан во заедничкото писмо.

Додека се надеваме на следните процедурални чекори кои водат кон целосна имплементација на договорот, веќе можеме со сигурност да кажеме дека Атина и Скопје, заедно, напишаа нова страница од нашата заедничка иднина на ЕУ.

Кој ја поддржа Спогодбата од Нивици

„За“ решението на спорот меѓу Македонија и Грција гласаа 145 пратеници од СИРИЗА, односно целата пратеничка група, седум независни пратеници и еден пратеник од Независни Грци.

Осумте пратеници кои го поддржаа Договорот од Преспа се: претседателот на Демократска левица, Танасис Теохраопулос, кој беше избришан од коалицијата Демократска алијанса, сега независен пратеник; Спирос Данелис, кој беше избришан од Река, сега независен пратеник; Ставрос Теодоракис, Јоргос Мавротас и Спирос Ликудис, од Река, кои по распадот на пратеничката група официјално се независни пратеници; Елена Кундура, министерката за туризам, поранешна членка на Независни Грци, сега независна пратеничка; Катерина Папакоста, заменик министерка за цивилна заштита, сега независна пратеничка; Танасис Папахристопулос, пратеник од Независни Грци.

Ципрас ги разгневи комунистите со „Децата бегалци“

На гласањето му претходеше тридневна жестока дискусија, главно на пратениците од опозицијата која беше во насока дека со Договорот премиерот Ципрас му ги подарил македонскиот идентитет и македонскиот јазик на Скопје, загрузувајќи ги грчките национални интереси. И онака жестоката дебата дополнително ја разгоре грчкиот премиер, кој, обраќајќи им се директно на пратениците од Комунистичката партија, кои се меѓу најголемите противници на Договорот, ги споемна „Децата бегалци“, Мирка Гинова и егзодусот по втората светска војна.

„„Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот Буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам на 70.000 бегалци од Граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам како на Славомакедонката Ирини Гини-Мирка Гинова, првата жена егзекутирана во Граѓанската војна, комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате, да си се справите сами. Ќе говорам политички, нема да се осврнам на историјата на Комунистичката партија на Грција“, рече Ципрас.

Дебатата пожестока од протестите

Паралелно со жестоката дебата, особено на пратениците од опозициската Нова демократија, во центарот на Атина се одржуваа, како што коментираа грчките медиуми, не така жестоки протести против Договорот од Преспа, иако имаше и неколку судири на демонстрантите со полицијата полицијата која неколку дена претходно издаде наредба за засилено обезбедување.

Протести пред грчкиот парламент
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Протестот на првиот ден од дебатата помина со насилни демонстрации и со судири со полицијата, која не им дозволи на демонстрантите да дојдат до Парламентот. Веќе вториот ден протестот изгуби на интензитет.

Следни чекори по ратификација на Договорот

По ратификувањето на Договорот, следна постапка е грчката Влада да го информира Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа алијансата треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште во почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш потоа, а според најавите, Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој новите уставни амандмани влегуваат во сила, а Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.

Во оваа фаза, која се очекува да се случи рано пролетва, обврските се префрлуваат кај официјално Скопје. Според Договорот од Преспа “веднаш по влегувањето во сила, земјава треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа Спогодба”. Потоа, предвидува Договорот, треба да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат новото име, а истата постапка владата во Скопје ќе ја спроведе и со сите држави – членки на Обединети нации. Ова би значело дека тогаш ќе почне и официјално другите држави и организации да и се обраќаат на земјава со Република Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG