Достапни линкови

Во НАТО по своја воља, а не со сила како што тврди Путин


Русин облечен како царот Николај Втори поставува слика од Путин и знаме со ликот на рускиот диктатор Сталин на Црвениот плоштад во Москва

Изјавата на Путин дека САД со сила ја вовлекуваат Македонија во НАТО и го дестабилизираат регионот, според македонските политиколози, е говор од времето на студената војна и нема врска со вистината, бидејќи, како што велат, НАТО е стратешка цел на Македонија и решавање на безбедносните дилеми

Рускиот претседател Владимир Путин смета дека САД и неколку други западни земји со сила сакаат да ги вовлечат во НАТО Македонија и другите земји од регионот за да остварат доминација и дека со тоа ги дестабилизираат не само тие држави туку и целиот регион.

Тој во интервју за белградските весници „Политика“ и „Вечерње новости“, а пред посетата на Србија, изјави дека „Македонија со сила, исто како и Црна Гора претходно, се внесува во Алијансата, наспроти волјата на народот“.

„Минатата година, дури и започна процесот на донесување уставни амандмани и преименување на оваа држава, ревидирање на темелите на македонскиот национален идентитет за насилно внесување на Република Македонија во НАТО. Беше игнорирана волјата на македонските гласачи, референдумот за промена на името не успеа, но надворешниот притисок продолжи“, вели Путин во интервјуто во кое ги набројува балканските пријатели на Русија, без да ја спомне Македонија во тој контекст, иако вели дека Русија и натаму ќе ги оддржува пријателските врски на Балканот.

Членството во НАТО е стратешка определба на Македонија од пред 27 години

Наспроти неговите тврдења, политиколозите и експертите велат дека македонското членство во Алијансата нема да биде резултат на западен притисок и не е против волјата на граѓаните, бидејќи, како што вели универзитетскиот професор и прв македонски министер за надворешни работи Денко Малески, зачленувањето во НАТО и во ЕУ е стратешката определба на Македонија уште од нејзиното осамостојување околу што се обединети сите.

„Во овие времиња на зголемен ривалитет меѓу демократскиот свет и путинова Русија, треба да се знае дека уште во 1991 година Македонија ги постави своите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ и сите политички партии и граѓаните се обединија околу тие цели. Тие цели до сега не ги остваривме поради познатиот проблем со Грција, но не треба да се заборави фактот дека ние веќе 26 години работиме на остварување на тие стратешки цели. Не треба да се заборави ниту фактот дека токму со поддршка на САД и западните демократии Македонија ја оствари својата идеја за мирољубово самоопределување и ја стекна својата независност на мирен начин“, вели професорот Малески за Радио Слободна Европа.

Решавање на безбедносните дилеми

Професорот смета дека не само што македонското зачленување во НАТО не е закана за безбедноста на Македонија и на регионот, туку дека токму тоа е остварување на долгогодишните напори за безбедни и просперитни Македонија и Балкан. А мешањето на Западот, како што вели Путин, всушност е помош од западните демократии Македонија да ги оствари тие свои стратешки цели.

„Тоа не е ситуација која САД и Европа ја измислиле сега, во овој момент заради некакви свои интереси туку е помагање во остварување на волјата на македонските граѓани искажана уште пред 27 години. За ние да станеме дел од Унијата и Алијансата, ние мора да се трансформираме во демократско и стабилно општество, и потоа влегувајќи во НАТО заедно со земјите од регионот ќе ја решиме нашата безбедносна дилема. Од друга страна Русија не поставува услови за нас туку бара ситуацијата да остане таква каква што е, но се со цел да се одржи нестабилност на регионот, нестабилност од која руската држава би имала корист“, објаснува професорот.

Руски елементи од студената војна

Веднаш по интервјуто на Путин, во иста насока со изјава излезе и шефот на грчкото МНР, Сергеј Лавров кој рече дека „Москва не е против новото име, туку дека прашањето е колку овој процес е легитимен и колку е условен со намерата да се постигне консензус меѓу Скопје и Грција или пак, е предизвикан со намерата на САД, сите балкански земји колку што е можно побрзо да ги вовлече во НАТО и да запре какво било влијание на Русија на овие простори“.

Во изјавата на Путин и во ривалитетот на Западот и Русија што се гледа сега на Балканот, а со тоа и во Македонија, професорот Малески гледа елементи од студената војна.

„Ако се напакости на другиот, како во случајов Русија со Македонија и НАТО, за да не се дозволи другата страна да ги оствари своите цели, тогаш тоа е успех на ривалот и во случајот Русија игра на таа карта“, вели Малески.

XS
SM
MD
LG