Достапни линкови

(Не)основан страв од двојазичноста


Патоказен знак за Вевчани

Домашните аналитичари велат дека стравот кај македонската јавност од Законот за употреба на јазиците е резултат на континуираните барања од албанската заедница. Според нив, влезот во НАТО ја гарантира безбедноста и ги отфрла стравувањата од прекројување на границите

За политичките аналитичари стравот и отпорот кој голем дел од македонската јавност го чувствува од стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците се должи на искуствата од политичкото минатото, кога не ретко политичарите едно зборуваа, а друго правеа.

Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот Центар за меѓуетничка соработка (МЦМС) вели дека и нивните истражувања поврзани со конкретниот закон покажале дека голем процент од македонската етничка заедница во земјава не се согласува со неговото донесување.

„Таквото противење и страв од законот веројатно се должи на прашањето: кога е крајот? Дали е ова последно бидејќи беше претставено како заокружување на Охридскиот рамковен договор, а од друга страна, неколку пати претходно сме слушале изјави дека тој е целосно исполнет. Па прашањето е дали има крај ова или ќе има нови и нови барања и концесии?”, вели Кржаловски.

Според Кржалоски отпорот и стравот од двојазичноста е и поради недостигот од отворена дебата преку која, како што вели, консензуално ќе се прифатеше одредено решение.

Стравот и сомнежите дека албанската етничка заедница нема да престане да бара повеќе права секогаш ќе постои, но тоа не значи дека сè ќе биде прифатено или дека ќе се оствари сценариото на прекројување на границите и создавање „Голема Албанија”, вели професор Мирјана Малевска од Факултетот на Југоисточна Европа, потенцирајќи дека токму влезот во НАТО ја гарантира нашата безбедност и стабилноста на државата.

„Денеска не може ниту едно барање од кој било да се добие со насилни средства. На пример денеска ќе се отцепиме и ќе прогласиме автономна држава. Секогаш се очекува во една демократска држава, што и да се бара, од која страна и да се бара, тоа ќе мора да помине низ демократска процедура, низ согласност”, објаснува професорката Малевска.

Перцепцијата и стравот од можните идни барања на албанската етничка заедница се присутни, иако влезот на Македонија во Алијансата е се поизвесен, особено во последната фаза од спроведувањето на Договорот од Преспа. Иако и албанските политичари постојано повторуваат дека членството во НАТО и ЕУ се клучните стратегиски приоритети.

„Прашањето за НАТО и ЕУ треба да се заокружи. Сметам дека сега целата политичка енергија треба да се фокусира врз членството во НАТО и ЕУ и на имплементација, 2019 да биде година на економијата“, изјави неодамна вицепремиерот Бујар Османи.

Кржаловски вели дека приемот на Македонија во НАТО и ЕУ ќе ги елиминира ваквите стравови кај македонската етничка заедница.

„Со приемот во НАТО и подоцна во ЕУ, овие стравувања ќе се ирелеванти, зошто нема да има граница и на крај ќе излезе дека џабе некои се бореле за некакви права, а другите попречувале, зошто на крајот сите ќе ги имаат истите права и воопшто нема да биде важно кој на која етничка заедница и припаѓа”, заклучува Кржаловски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG