Достапни линкови

Владата со четири уставни амандмани, процесот продолжува во Собрание


Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски

Владата на денешната вонредна 92 седница го усвои предлогот за пристапување кон уставните измени. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски по седницата на прес-конференцијата изјави дека Владата денеска го започнала процесот и дека очекува оти од утре ќе почнат со работа пратениците и ќе се изјаснат по него. Тој уште еднаш повтори дека сите пратеници имаат историска можност и должност да го изберат патот по кој ќе се движи Македонија во иднина.

Првиот уставен амандман, според него, се однесува на додавање на придавката „Северна“ во името на Република Македонија. Вториот уставен амандман се однесува на измени во преамбула во Уставот при наведување на државнo правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на прогласот од првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ со неговите конститутивни одлуки.

Со третиот уставен амандман, како што посочи Бошњаковски, ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Македонија нема територијални претензии.

Четвртиот амандман се однесува за грижата за Македонците и дијаспората во странство. Со амандманот, како што посочи тој, сега ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите граѓани на Македонија во странство без да значи мешање во внатрешните работи на земјите.











XS
SM
MD
LG