Достапни линкови

Граѓани пријавуваат аерозагадувачи, надлежните молчат


Загадување во Скопје: поглед од планината Водно.
Загадување во Скопје: поглед од планината Водно.

Палење отпад на отворено, загадување од фабрики и помали погони, затоплување на домаќинствата со недозволени материи. Вакви загадувачи најчесто пријавуваат граѓаните, а власта вели оти ќе направи напор за зголемување на капацитетите на инспекцискиот надзор.

Според официјалните студии, главните извори за загадувањето на воздухот во Македонија се домаќинствата, сообраќајот, третманот на отпадот, рударството, металургијата, индустријата, согорувањето на фосилни горива, градежните активности.

Но, извори на загадување исто така се горење на различни видови опасни материи на отворено, кои властите тешко можат да ги утврдат.

Токму за вакви извори на загадување има бројни пријави на проектот „Архива на загадувачи“ на апликацијата „Мој воздух“, кој е започнат пред околу еден месец.

Граѓаните кога ќе забележат загадување можат да прикачат фотографија или видео од загадувањето, да дадат краток опис и локација на загадувањето.

На апликацијата најмногу пријави за загадувачи има во главниот град Скопје и неговата околина, но и во Тетово, Гостивар, Битола, Струмица, Кавадарци. Досега пријавени се вкупно 164 загадувачи или потенцијални загадувачи.

Пријави за загадување има скоро од сите делови на Скопје: горење на кабли, греење со отпаден материјал, запалена пластика од несовесни граѓани, загадување од погони на помали компании и работилници, а бројни пријави има за загадување од фабриките „Железара“ и „Усје“.

Активистот Горјан Јовановски, кој ја креираше апликацијата „Мој воздух“, објаснува дека и покрај големиот број на пријави, важно е да се знае оти освен оганот на отворено кој е очигледен и јасен загадувач, за другите пријави на граѓаните не може со 100 проценти сигурност да каже дека станува збор за загадувачи.

„Ниту јас, ниту граѓаните не сме експерти во оваа област. Затоа јас ги нарекувам потенцијални загадувачи и целта на самата апликација и проект е да се помогне и да се поттурне државниот инспекторат и општинските инспектори да ги проверат овие пријави и да донесат вистински заклучок дали станува загадувачи или станува збор за чад кој не загадува“, вели Јовановски.

Тој вели оти комуницираат со Државниот инспекторат за животна средина за да најдат начин како платформата најдобро да се искористи, за да има поголем надзор во деловите од денот кога инспекторите не се на терен, а тогаш се активира најголемото загадување.

„Целата поента е луѓето да бидат будно око и да можат да контролираат можни загадувачи кога инспекторите не се на терен, со цел да се санкционираат тие кои го прекршуваат законот“, вели Јовановски.

Вкупно 16 инспектори од Државниот инспекторат за животна средина се задолжени за инспекцискиот надзор за заштита на животната средина.

За тоа дали е можно да се зголеми капацитетот на оваа институција, првите луѓе од Министерството за животна средина и просторно планирање, министерот Садула Дураки и заменик министерот Јани Макрадули, на брифинг со новинарите река дека ќе се потрудат бројот на вработени инспектори во иднина да биде поголем.

Но, тие потенцираат оти е потребна иницијатива за работата на инспекторите од локалните самоуправи исто така да биде поефикасна.

Од неодамна, со одлука на Владата, Државниот инспекторат за животна средина работи одделно од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инспекторатот е една од клучните институции за спроведување на регулативата за заштита на животната средина.

Инспекторите Законот го спроведуваат преку посети на лице место на загадувачите и потенцијалните загадувачи, со поднесување на извештаи за прекршоците, како и со разгледување на информациите поднесени од страна на индустриските капацитети.

Од друга страна, според Законот за инспекција на животната средина, инспекција се врши и на локално ново преку овластени инспектори за животна средина на општините. Инспекторите можат да вршат редовен, вонреден и контролен инспекциски надзор.

Но, според Јовановски постоењето на различни инспекторати за животна средина предизвикуваат „сеопшт хаос“, бидејќи како што вели граѓаните не знаат каде да пријават загадување.

„Државниот инспекторат за животна средина се бави со одреден тип на производители кои имаат А-лиценца, потоа има општински и градски инспекторат, па Министерството за животна средина. Надлежностите им се поделени врз типот на загадување, што според мене е хаотично поделено, посебно бидејќи кога граѓанин ќе сака да пријави загадување, ќе треба да знае 15 можни видови на загадување за да знае на кој да се јави“, вели Јовановски.

Инспекторите за животна средина на Град Скопје овој месец извршија вонреден инспекциски надзор на Јавното претпријатие Македонски Шуми, при што издаде забрана за користење на котел со нафта.

Исто така инспектори од Општина Гази Баба запленија еден тон стари гуми во скопската населба Ченто кои биле планирани за греење, а во слична акција уште еден тон гуми заплени инспекторатот на Град Скопје на дивата депонија Вардариште, кои биле палени на отворен простор.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG