Достапни линкови

Дрисла има дозвола за транспорт на опасен отпад


Депонијата за азбест во депонијата Дрисла

Последен пат инспекција во депонијата Дрисла е направена кон средина на минатиот месец, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање. Во одговорот на новинарските прашања на Радио Слободна Европа, тие велат дека инспектори ги посетиле за проверка на дозволата за користење на вода и дека редовно се прават инспекции во областа за заштита на животната средина и управување со отпад согласно нивната годишна програма. Од таму објаснуваат дека првата недела од месецов имале консултативна средба со Град Скопје и другите општини околу Депонијата Дрисла и други правни субјекти околу состојбата со аерозагадувањето. Во однос на инспекцијата, наведуваат дека летово инспектори за животна средина заедно со инспектори од МВР за економски криминал биле во посета на Дрисла.

„Констатирано е дека моменталните сопственици на Депонијата Дрисла се градот Скопје со 20 проценти сопственост и италијанската фирма ФЦЛ Амбиенте со 80 проценти сопственост. Депонијата поседува А-интегрирана еколошка дозвола и дозвола за транспорт на опасен отпад со важност до 2026. Поседува инсинератор за согорување на медицински отпад кој од медицинските установи се прима со соодветна законска документација. Дневно на депонијата се складира околу 600 тони комунален отпад, годишна околу 200 илјади тони“, се вели во нивниот одговор.
Во продолжение е наведено дека италијанскиот инвеститор планирал на депонијата да изгради и фабрика за селектирање на комунален отпад и да постави нов инсинератор за согорување на медицински отпад.

Претходно градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов обвини дека во Депонијата Дрисла има сериозни проблеми и индиции за криминал околу сопственоста, додавајќи дека имало и шпекулации за радиоактивен отпад и дека се прават анализи кои подоцна ќе ги сподели со јавноста. Од Дрисла на ваквите обвинувања одговараат дека дека од самото отворање до денес кај нив не се складирал и обработувал радиоактивен отпад, ниту пак има можности за такво нешто.

„Што се однесува до правните нерегуларности околу сопственоста и управувањето на депонијата Дрисла, постои соодветна документација за тоа која може да се провери како и годишни извештаи за тековното работење на Дрисла кои се доставуваат до Градот Скопје и се гласаат на Седница на Совет на Град Скопје, па може актуелниот градоначалник прво да ги провери пред да шпекулира“, велат од Дрисла за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG