Достапни линкови

Стотици милиони од даноци, трошки за мерки против загадувањето


Загаден воздух, смог и магла во Скопје.
Загаден воздух, смог и магла во Скопје.

Граѓаните на Македонија дишат најзагаден воздух во Европа, а власта не ги зголемува средства за намалување на аерозагадувањето и покрај тоа што државата прибира милиони од даноци за животна средина. За решавање на проблемот се потребни најмалку 100 милиони евра годишно, велат активистите.

Во изминативе три години државата од граѓаните собрала околу половина милијарда евра (500.000.000 евра) од даноци поврзани со животна средина, според податоците на Државниот завод за статистика, додека властите во изминативе години за заштита на животната средина не издвоија ниту приближно до оваа сума.

Владата во Предлог-буџетот за 2019 година, за заштита на животната средина, предвидува околу 11 милиони евра за Министерството за животна средина и околу половина милион евра за работата на Државниот инспекторат за животна средина.

Минатата недела заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули најави нов Владин фонд од 1,6 милиони евра со цел 50 отсто да се намали аерозагадувањето во Скопје во пeриод од две години, а во другите градови од 30 проценти до 50 проценти. Макрадули рече дека другите министерства поврзани со животна средина заедно имаат средства од околу 20 милиони евра.

Активисти од еколошките организации сметаат оти средствата издвоени за следната година, покажуваат оти решавањето на проблемот со аерозагадувањето не е приоритет за власта.

„Сметаме дека Програмата која Владата ја издвои како стратешка, треба да добие многу поголеми средства. Проблемот со аерозагадувањето сметаме дека е многу сериозен и скап проблем и без 100 милиони евра не може да се зборува воопшто дека ќе имаме некоја воочлива разлика за наредната година“, вели Невена Георгиевска од граѓанската организација „О2 Коалиција.“

Според последните податоци на Европската агенција за животна средина, во Македонија има 3.000 предвремени смртни случаи годишно како последица на аерозагадувањето.

Исто така, според индикаторот на Агенцијата за просечна изложеност на честичките ПМ2,5, Македонија е на врвот на листата во Европа, со просек на концентрации на ПМ2,5, во периодот од 2014 – 2016 година, од над 50 микрограми на метар кубен. Европа на земјите им наметнува обврска просекот да биде под 20 микрограми на метар кубен.

Георгиевска смета дека 1,6 милиони евра се малку средства за намалување на аерозагадувањето во период од две години:

Тука ние прашуваме, кога по основ на такси за животна средина се собираат 183 милиони евра само од 2016 година, зошто не се доделат барем 100 милиони евра за оваа програма, да имаме сеопфатни мерки кои ќе направат видлива разлика во намалување на аерозагадувањето?“, вели Георгиевска.

Минатата недела додека медиумите известуваа дека Скопје и Тетово се на листите најзагадени градови во светот, заменикот министерот Макрадули ја претстави Програмата за намалување на аерозагадувањето.

Тој изјави дека со парите во 2019 година ќе бидат набавени нови инструменти за 18-те постоечки станици за мониторинг, 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор и оти ДДВ-то на испорачаната топлинска енергија ќе се намали од 18 проценти на 5 проценти за дополнително стимулирање на приклучувањето.

За транспортот Макрадули рече дека ќе се воведе посебен зимски режим за сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко, за урбанизацијата и зеленилото ќе се реализираат плановите за зазеленување со средства од кои се компензација од изградбата на гасоводот на Водно, а ќе има и засилени контроли во градежништвото, рече тој.

Георгиевска смета дека Владата треба да издвои повеќе средства со оглед на тоа дека граѓаните даваат стотици милиони евра за даноци.

„Ние на некој начин како даночни обврзници сме излажани. Ни земаат пари за даноци, меѓутоа тие даноци не знаеме каде одат“, вели Георгиевска.

Додека властите во Македонија сметаат дека со 1,6 милиони евра ќе го преполоват аерозагадувањето за две години, познати се бројките за штетите кои ги трпи македонската економија од загадениот воздух.

Македонската економија претрпува загуби од над 253 милиони долари годишно, главно поради трошоците во здравството и во компаниите, според студијата „Зелен раст“ на Светската банка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG