Достапни линкови

Среќна нова „историска“ 2019 година


Центарот на Скопје украсен за Нова година
Центарот на Скопје украсен за Нова година

Се зготви новото име со уставните амандмани. Пратениците кои на 27 април им ги отворија вратите на насилниците во Собранието, потоа ги отклучија портите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО, за ним да им се откучат портите од Идризово. Груевски доби затвор за тоа на М, па се „оддалечи“ во Унгарија.

Драги пријатели, другарки и другари, браќа и сестри, интелектуалци и земјоделци, војници и мировници, предавници и патриоти, судии, судени и помилувани, боси и голи, стари и млади...со или без вратоврска или било каква врска, нека ни е среќна Новата 2019 година.

Да сте ни здрави, радосни и весели. Со убави мисли и широки насмевки опкружени, од црвено вино и лута ракија опиени.

Изминатава година беше година на секој против секого. Ама и секој со секого. Македонија личеше на експрес лонец. Се зготви новото име со уставните амандмани. И сето ова во името на светата Европска унија и НАТО. Нам демек, како што рече Премиерот, ни треба камшик. Опа.

Арно ама излезе дека ДОМАШНИОТ ЕСАП НА ПАЗАР НЕ ИЗЛЕГУВА. Има, нема, има... сепак има АМНЕСТИЈА.

Македонија личеше на експрес лонец
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:02 0:00
Директен линк

Искуството уште еднаш се покажа како пресудно. Крсто Мукоски откако на 27 април им ги отвори вратите на насилниците во Собранието, овојпат ги отклучи портите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО. И се тоа нему со цел да не му отворат оние во Идризово. Згора фирмата на Муковци го лапна и тендерот за молерисување на државни ѕидови по двојно повисоки цени или во превод вреден 700.000 евра. На здравје. Кречење.

По кратки драмулетки кадијата Заев вети помирување без помилување. И после се пишмани. Политиката демек ги тргна рацете од судството. Ајде ви се молам.

И додека на огнот се крчкаа името и амнестијата во реалноста ни се случува и куп трагикомедии својствени за животот што дојде и пројде.

Тоа на М му донесе на лицето НГ две години затвор. Арно ама наместо да си ја одлежи тој пред очите и ушите на полицијата, судот, агентите преку пет државни граници ја скубна кај побратимот Орбан. И експресно си доби азил.

И додека МРВ го бараше по гепеци, подруми и паркинзи, Груевски им ја олесни работата – се јави од Будимпешта.

Но, откако Оливер Спасовски е прв полицаец многу лица ја здувнаа од нашава мила мајка Македонија. Најпрво началниците од УБК, Грујевски и Бошковски или Христо и Неџби. По нив и убиецот на Мартин Јанушев се оддалечи во непознат правец. А се „оддалечи“ и осудениот гинеколог што девет месеци лажел жена дека е трудна, дури со соседна Бугарија, каде уредно си продолжил да лекува жени.

Откако храбро побегна да се бори за каузата од странство по секое јавување на Фејсбук на Груевски, по еден од неговите сопартијци завршуваа во Шутка. Досетливите твитерџии напишаа: Миле ми текна, а ти да идеш во затвор а ја во Будимпешта!

Па така по третото кукурикање на петелот, почнаа од шефот да се откажуваа најнапред Миле Јанакиевски, па Гордана Јанкуловска, па Елизабета Канческа Милеска, па Владимир Пешевски...

Затворот во Шутка полека се наполни со ВИП личности, на Јанкиевски друштво во затворска ќелија му прави Кирил Божиновски, а специјален третман доби и основачот на Империја, бизнисменот Орце Камчев. За него велат бил сместен во „хашките ќелии“. А со себе си повлече и десетина други побратими.

А во Шутка има и разузнавачи. И тоа поранешните шефови Сашо Мијаков и Владимир Атанасовски. Иако обвинет во неколку предмети на СЈО, началникот не очекуваше да заврши во притвор.Ова следуваше откако партијата се откажа од него.

Мицковски ниту е Елена, ниту е од Едрене ама Мијалков реши да му пише за се што му лежи на душата. На шест страници падна обвинување за лажен патриотизам.

И, додека во земјава се води натпревар кој е поголем патриот истрагата во соседна Бугарија покажа дека илјадници Македонци добиле бугарски пасоши со адреса на бандера за струја.

А во земјава се повторува приказната. И натаму и без да се клати врата, некој си зема плата.

Арно ама парите и името настрана. Се отрувме. Исто како и лани. И преклани. Умот никако да ни дојде. Министерот за здравство Венко Филипче со генијален предлог за спас од загадувањето: Да не излегуваме надвор, да не проветруваме и да јадеме овошје и зеленчук.

Единствена шанса за почист воздух ќе имаат свештениците од МПЦ кој ќе добијат станови во шеесеткатниците што ќе се градат кај Холидеј Ин.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG