Достапни линкови

Дали МПЦ е само маска за бизнисот со плацот кај ГТЦ?


Без вработени и без приходи фирмата „Обновители“, чиj косопственик е МПЦ, купила имот од државата во вредност од 2,3 милиони евра. Партнерот во купувањето на плацот спроти ГТЦ е фирмата „М.Г.Фешн“ каде сопственикот во дел од медиумите се поврзува со бизнисите на Мијалков.

Фирмата „Обновители“, која е основана од Македонската православна црква и од сопственикот на Фешн, Зоран Антиќ, две години немаат никакви приходи и нема ниту еден вработен, покажуваат годишните завршни сметки на оваа фирма. Па оттука се поставува и прашањето како може ваква фирма да учествува во купувањето на атрактивната локација спроти Градскиот трговски центар во Скопје кога, според тековната состојба на фирмата и нејзините завршни сметки, за тоа нема пари.

„Обновители“, заедно со фирмата „Фешн“ од Министерството за транспорт и врски докупија 9 илјади метри квадратни државно земјиште на кое планираат да изградат три висококатници со што станаа сопственици на градежен плац од вкупно 14 илјади метри квадратни.

Според одговорите кои ги добивме од министерството, фирмата „Обновители“ на државната сметка уплатиле два милиона и триста илјади евра, додека останатиот половина милион евра ги уплатила фирмата „Фешн“.

Купопропродажниот договор го потпишале министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и консултант кој како полномошник ги претставувал двете компании. Токму овој договор во 4 очи, односно непосредната спогодба, привлече големо внимание во јавност особено поради досегашното искуство кога државата во вакви ситуиации продала актрактивни локации во центарот на градот за ниска цена на луѓе блиски до власта. Негодувањата во јавноста ги предизвика и фактот што имотот во центарот на градот е продаден за цена од 312 евра за метар квадратен, што доколку било со јавно наддавање таа парцела можеби би постигнала и повисока цена, односно повеќе пари во буџетот.

Од Министерството велат дека во ваквиот договор нема ништо спорно, односно дека е склучен според законот за градежно земјиште, каде што се предвидува лицето кое има 30 проценти сопстевност од одредена парцела да може да си го докупи останатиот плац поради дофорумување на парцелата. Но, останува нејасно како фирма која, според податоците од Централен регистар, не е активна на пазарот може да купи толкав имот за два милиона евра.

Тековната сметка на фирмата „Обновители“ покажува дека основачи се Македонската православна црква со влог од недвижности во вредност од 2 милиони евра и влог од 7 илјади евра од Зоран Антиќ.

Во завршните сметки за 2016 и 2017 година на оваа фирма, како тековни средства со кои располага фирмата се заведени 5 илјади евра. Според податоците во завршната сметка, фирмата личи како да е подготвена за ликвидација или како да не е воопшто активна, со расчистени обврски и побарувања.

Податоците од Централен регистар покажуваат дека градежната фирма „Обновители“, изминативе две години не платила никакви давачки кон државата затоа што не остварила никаква добивка и затоа што нема вработени, а од приходи пријавиле само 20 денари во 2017 и 236 денари во 2016 година. Минатата година имале расходи од работењето од 9.605 денари, додека во 2016 година трошоците им изнесувале 2.885 денари кои се водат како финансиска загуба. Според податоците од Централниот регистар, црковната градежна фирма Обновители е основана пред 8 години со вкупна основна главнина од 2,5 милиони евра, со цел изградба на станбени и нестанбени објекти.

Од МПЦ не го негираат сопственичкиот удел, но велат дека досега не се занимавале со градежни зафати, дека не учествуваат во купувањето на државното земјиште, туку својата парцела ја отстапиле на инвеститорот. Купувањето, тврдат од МПЦ, го извршила фирмата „Обновители“.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека во изминативе 4 години ова е прв пат фирмата Обновители која е основана во 2010 година да учествува во купување државно земјиште по основ на дооформување на парцела според Законот за градежно земјиште.

Антиќ кој е партнер на МПЦ и косопственик на М.Г.Фешн е и донатор за изградба на црква. Тој е ктитор на црквата Христос Спасителот во општина Карпош чиј камен темелник е удрен на 19 декември 2015 година. Во дел од медиумите е посочено дека тој има бизнис релации и со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а неговите бизниси се поврзуваат со многу атрактивни локации во центарот на Скопје.

Државата има право да провери потекло на пари на верските заедници

Поранешниот претседател на Комисијата за односи со верски заедници Цане Мојановски вели дека законски верските заедници може да учествуваат на пазарот преку разни дејности за да се самофинансираат.

„Финансирањето, стекнувањето на приходи на верските заедници е правно поставено како и за другите субјекти во државата. Тие немаат никаква посебна положба и привилегија во однос на остварувањето со располагањето на сопственоста. Оттука државата има еднакво право да го провери потеклото на парите и имотот на секој субјект кој се вклучува во стопанските активности“, вели Мојановски.

Од друга страна, пак, Слаѓана Тасева од Транспаренси интернејшнл - Македонија вели дека досегашното искуство покажува дека не е првпат МПЦ да влезе во бизнис зделки и посочува дека нема конфликт на интереси во тоа црква да купи државно земјиште.

„Не гледам зошто би било судир на интереси, МПЦ и друг пат имала такви активности. Хотелот Изгрев во Струга, нели беше сопственост на МПЦ. Не гледам дека е тука со нешто забрането или исклучено. Тие впрочем располагаат со многу имот, наоколу низ целата држава“, вели Тасева.

Самата продажба на државното земјиште на кое беше паркингот и најавата за градење на висококатници ја разбранува јавноста. Покрај негодувањата за тоа дали воопшто треба да се градат висококатници на оваа локација, отворени се и етичките дилеми за учеството на МПЦ во зделката.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG