Достапни линкови

Обвинителството и Судот ќе одлучуваат кој ќе биде амнестиран


Демонстрантите тепаа пратеници од владејачкото мнозинство откако упаднаа во Собранието на 27 април, минатата година.

Законот за амнестија за инволвираните во „27 април“ набрзо влегува во собраниска процедура. Обвинетите по неговото усвојување ќе имаат рок од пет дена да поднесат барање за амнестија, а дали тоа ќе биде прифатено одлуката ќе ја носат надлежниот обвинител и судија.

Интерпартиската парламентарната група за реформи, интеграција и помирување го одобри нацрт-предлог законот за амнестија и тој за брзо време да влезе во собраниска процедура, изјави кородинаторката на групата и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски. Законот, според неа, ќе биде усвоен пред завршувањето на судскиот процес за настаните од 27 април, при што обвинетите ќе имаат рок од пет дена да поднесат барање за амнестија.

Во законот, како што информираше Ременски, ќе бидат опфатени оние кои што не може да бидат амнестирани, како организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, тие коишто носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои ги прекршиле нивните овластувања. За тоа, кој ќе биде амнестиран ќе оценува надлежниот обвинител и Судот, додаде Ременски.

„Оттука и во следните чекори и процесните аспекти на остварување на правото на амнестија на секој обвинет за настаните поврзани со 27 април е индивидуално. Значи се поднесува барање до надлежен обвинител и до Суд. Судот го носи решението по претходно мислење на јавниот обвинител, надлежен за случајот. Оттука ние воопшто не се ни обидуваме, ниту пак сакаме да вршиме било какво ограничување на правото и надлежноста на Обвинителството и на Судот, да ценат врз основа на какви докази располагаат за лицата коишто ќе поднесат индивидуално барање согласно овој закон“, рече Ременски.

Во предлог-законот не се прецизирани кривичните дела кои влегуваат во амнестијата, посочи Ременски, која не сакаше да коментира дали треба да бидат амнестирани и обвинетите пратеници.

„Немам право јас од оваа позиција како копреседавач на Интерпартиската парламентарната група да давам оценка за тоа дали треба и не треба“, додаде Ременски.

Координаторката и пратеничка од независната група на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова истакна дека законот за амнестија ќе има обврзувачко дејство за сите органи во државата.

„И судиите и јавните обвинители и ние сите постапуваме по закон. Овој закон е многу јасно дефиниран. Законот за амнестија. Така да Судот верувам дека воопшто нема да има пречки да процени врз основа на докази кое лице остварува право на амнестија, а кое лице не“, посочи Александрова.

Ни таа не сакаше да коментира дали некој од нејзината пратеничка група ќе бара амнестија, туку истакна дека тоа е нивно лично право.

„Тоа ќе мора нив да ги прашате. Дали ќе поднесат или нема да поднесат барање“, рече Александрова.

Обвинетите што сметаа дека се невини, пак според Ременски, имаат право да не бараат амнестија и својата невиност да ја докажуваат во судскиот процес.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG