Достапни линкови

Уставните измени поизвесни, отпорот помал


Архивска фотографија - Гласање на собраниската седница за уставни измени во првата фаза.

Со разгледување на предлог уставните амандмани и предлог законот за спроведување на амандманите започнува третата и последна фаза од уставните измени, кои произлегоа од Договорот за името со Грција. По првата фаза од измените пораснала поддршката за собранискиот процес за промена на Уставот.

Предлог амандамните прво ќе се разгледуваат во собраниската Законодавно-правна комисија, потоа и на Комисијата за уставни прашања. Пред пратениците се четири амандмани во кои владата вметна предлози од партиите и од стручната јавност.

За секој амандман може да се расправа по три дена, а пратениците можат да достават и амандмани на владините амандмани, што веќе најавија дека ќе го сторат опозициските партии на Албанците. Откако ќе завршат комисиските расправи, следува пленарна седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека пленарната седница треба најрано да биде закажана на 9 јануари идната година, а гласањето да се случи на 15 јануари.

За да поминат уставните измени повторно е потребно двотретинско мнозинство, а за амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

Власта во првата фаза од уставните измени двотретинско мнозинство обезбеди со осум пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Поддршката во последна фаза, пак, е условена со помирувањето за 27 април, кое доби форма на предлог-закон.

Извршениот директор на МЦМС, Александар Кржаловски вели дека ,според нивните испитувања, сега 56,5 насто од испитаниците сметаат дека е оправдана собраниската расправа за уставните измени, додека околу 41 отсто се против. За споредба, пред референдумот 50,7 отсто беа против, а 38,4 отсто за продолжување на процесот во Собранието.

Истражувањата покажуваат дека ,сепак, мнозинството односно 54 проценти етнички Македонци се против тоа Собранието да се занимава со ова прашање.

„Пресудно за растењето на поддршката на уставните измени мислам дека беше гласањето кога Владата демонстрира дека може да обезбеди двотретинско мнозинство, и публиката, јавноста, гледа дека тоа може да се случи и станува дури и извесно, особено и со шпекулациите дека не се само тие осум пратеници, туку дека и други се подготвени да гласаат за уставните промени и така јавното мислење се менува во таа смисла“, вели Кржаловски.

Испитувањата покажале и дека 54,4 проценти даваат поддршка и за осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои дадоа поддршка во првата фаза од уставните измени. Тие поголема поддршка имаат од етничките Албанци, додека етничките Македонци речиси се поделени во однос на поддршката. (Процентот на оние кои се против е 47,4 отсто, додека тие што ја поддржуваат нивната одлука се 46,1 отсто). За забележување е, вели Кржаловски, тоа што секој четврти симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ има разбирање за овие свои сопартијци, кои по гласањето беа исклучени од партијата.

Анкетата покажала и дека повеќето граѓани не се согласуваат со одлуката за исклучување на пратениците, што може да води до зголемен број пратеници од опозицијата кои на крајот ќе гласаат за уставните промени.

Противниците, пак, на уставните измени, откако почна собраниската процедура, ја блокираат крстосницата пред Собрание, протестирајќи против уставните измени, потоа имаше еден голем протест организиран од движењето „Бојкотирам“. Од иницијативата „Македонија блокира“, пак, се обидоа со поставување шатори пред Собрание да го попречат процесот. А од оваа иницијатива протестираа и пред домовите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ја поддржаа првата фаза од измените. Но, овие собири не се карактеризираа со голема посетеност.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, како да ја избегнува темата за името. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на еден од антивладните протести рече дека не зборува на оваа тема, оти го боли.

„Зошто да зборувам за нешто што ме боли, јас на оваа тема не сакам да градам кариера. Ниту политичка, ниту човечка“, изјави Мицкоски.

Аналитичарот Алајдин Демири вели дека не очекува турбуленции во последната фаза од уставните измени.

„Турбуленција во поголем облик не може да има, затоа што атмосферата е таква што не можат тие групи да произведат поголеми турбуленции, затоа што се обидоа со протести, со бојкот, со митинзи, итн., но од тука понатаму не можат да одат“, вели Демири.

Тој вели дека третата фаза ќе помине лесно, ако се има предвид моќта на власта кој осумтемина пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

Кржаловски вели дека проблем може да биде како ќе се уреди тоа што премиерот го нарече помирување. За таканаречената амнестија има отпор кај поддржувачи на Владата, кои сметаат дека не треба да се амнестираат пратениците кои ги отвориле собраниските врати, но тие пак од друга страна се клучни за гласањето.

„Владата треба да одлучи со кое ниво ќе оди, за ниту едното, ниту другото не наруши многу од довербата од своите поддржувачи, а да обезбеди да помине Договорот, но мислам дека на сите од владејачкото мнозинство приоритет им е изгласувањето на уставните промени и испочување на Договорот со Грција и верувам дека тоа ќе се случи, па макар и по штета на сопствениот имиџ и рејтинг во пресрет на претстојните претседателски избори“, вели Кржаловски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG