Достапни линкови

Исклучена можноста уставните измени да не поминат?


Архивска фотографија - Гласање во првата фаза од уставните измени, 19.10.2018.
Архивска фотографија - Гласање во првата фаза од уставните измени, 19.10.2018.

Според аналитичарите, извесно е дека во јануари уставните измени ќе поминат во Собранието, но неизвесно е кој се ќе гласа за нив. Поддршката од осумте пратеници не е докрај извесна, оценуваат тие, но очекуваат зголемување на владиното мнозинство со други пратеници.

Кој сè ќе гласа во последната фаза од уставните измени следниот месец е прашањето што се отвори по неколку случувања на политичката сцена и изјави на политичари. Има повеќе опции, оценуваат аналитичарите, сепак исклучувајќи ја можноста уставните измени да не поминат.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, по приведувањето на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, за кој во јавноста се шпекулираше дека посредувал при првото гласање на уставните измени, можно било еден до двајца пратеници од независната пратеничка група да не гласаат во последната фаза.

„Но, во меѓувреме мислам дека и владиното мнозинство работи на зголемување на бројот на пратеници кои би гласале за уставните измени”, вели Незири.

Пратеникот Панчо Минов, кој беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и во првата фаза од уставните измени не гласаше „за”, сега најави дека ќе гласа, наведувајќи дека бил задоволен од корекциите во амандманите. Во нив се внесени и забелешките на осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а за в понеделник се очекува на собраниска седница да се гласа и за законот за амнестија. Двете работи беа дел од нивните барања за понатамошна поддршка на уставните измени.

Токму затоа Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, смета дека нивната поддршка за амандманите во последната фаза може да се смета за извесна. Тој очекува и зголемување на бројот на пратеници кои ќе гласаат „за”.

„Сведоци сме и дека во меѓувреме неколку други пратеници се дистанцираа од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и сметам дека и тие ќе дадат поддршка така што мислам дека со уште поголемо мнозинство ќе поминат уставните измени”, вели Гаџовски.

Инаку, дилемата дали ќе помине последната фаза ја отвори лидерот на ДУИ Али Ахмети кој во неделното интервју на Радио Слободна Европа рече дека чувствува немир за процесот. Заев, пак, изјави дека гаранција оти независните пратеници ќе гласале во последната фаза била „вграденоста на нивните сугестии во амандманите”.

Процесот на измени поврзан со Договорот од Преспа почна на 19 октомври кога првпат беше собрано двотретинско мнозинство. Втората фаза помина во почетокот на месецов, а последното финално гласање, според најавите, ќе се случи на 15 јануари. По завршувањето на јавната расправа Владата го усвои финалниот текст и го достави до Собранието.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG