Достапни линкови

Бојкоти па блокади, а со чии пари?


Колаж од фотографии од домовите на пратениците кои гласаа за уставни измени

Разни иницијативи за бојкотирање, блокирање, протестирање организираат и најавуваат протести против промена на Уставот и зачувување на името на државата. Освен протести пред институциите, се прават собири и пред домовите на пратениците. Полицијата ги обезбедува сите за кои е направена проценка.

Собири пред домови на исклучените пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа за отворање на уставните измени, а потоа и протести пред Собрание, блокади на патишта и гранични премини и друг вид на отпор, најавува движењето Македонија блокира, кои претходно беше Македонија бојкотира. Зад оваа иницијатива стојат 84 организации од земјата и од странство, а како што пишуваат, се против уставни измени, бараат распуштање на Собранието и нови избори без да ги организира Зоран Заев.

Потписници на оваа повелба се здруженија, друштва и организации на македонски иселеници во Австралија, Америка, Канада, Европа, патриотски здруженија, и опозициски партии како проруската Единствена Македонија на Јанко Бачев, Филип Петровски и неговата ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција, потоа тука е и здружението Тврдокорни, Семакедонскиот национален Совет на Страшко Олумчев, политичкото движење ФРОДЕМ...

Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев во разговор за Слободна Европа вели дека во битката ги користат сите дозволени средства. Тој смета дека на соодветен начин го посетиле домот на пратеникот Крсто Мукоски и биле добро примени, а од разговорот со него се охрабрени дека засега ништо не е готово.

Запрашан зошто не им ги дале писмата пред Собрание, каде што се вработени пратениците, а не пред нивните домови, Бачев вели не е ништо спорно и дека тоа не било протест, туку народен собир, но забележува дека имало многу полицијата, како што вели цела полициска станица од Струга. Бачев вели дека пред домот на Мукоски се собрале неколку стотини луѓе од организациите кои ја сочинуваат Македонија блокира, според негови проценки имали од 350 до 400 луѓе. Снимките пак покажуваат неколку десетици присутни.

Што се однесува до трошоците вели дека засега нема потреба од финансии.

До домовите на пратениците патуваме со сопствени возила, а евентуално би имале потреба од пари кога ќе се организира голем митинг во Скопје, па тогаш ќе има потреба од закуп на бина и озвучување“, вели тој.

Се надева дека и тогаш ќе добијат пари од дијаспората, како што добиле пари додека беа Македонија бојкотира. Тогаш, вели Бачев, добиле околу 15 илјади евра, кои ги искористиле за кампањи низ Македонија, за автобуски превоз, флаери...

Што се однесува пак за најавите за блокади, Бачев вели дека треба прво да се видат законските регулативи што може да се блокира и кои се правилата за блокирање на меѓународни патишта. Планираат и голем митинг во Скопје, но се уште не е одреден датумот.

Прво посета на Мукоски, потоа и кај Василевски, Арнаудов, Канчевска

Пратеникот Крсто Мукоски ги покани тие што протестираа пред неговата куќа во Вевчани на гости и ги почестил. За следните денови, е палнирано да се оти и пред домовите на пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов во Охрид, а ќе се посетат и домовите на пратничките Елизабета Канчевска - Милевска и Емилија Александрова. Кај останатите пратеници кои гласаа за почеток на уставните измени нема да се оди, оти како што вели Бачев, не се толку битни и влијателни.

Од МВР велат дека ја гарантираат безбедноста на сите граѓани и на пратениците. Министерот Оливер Спасовски деновиве рече дека за сите за кои има закани, се направени процени и ако има потреба за обезбедување се обезбедуваат. Што се однесува пак до најавите за блокада на граничните премини, гранични премини не можат да се блокираат.

Обвинувања за финасирањето

По исклучувањето на Стефан Влахов-Мицов од партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев, двајцата почнаа да го вадат и „валканиот веш“ на виделина, меѓу што и за финансирањето на партијата и нивните активности. Мицов го обвини Бачев дека барал пари од руската амбасада, но не добил. Бачев, пак, го обвини Мицов дека парите што ги праќала дијаспората си ги присвојувал за себе.

„Тој оди на политички разговори и бара средби со руски тајни служби, тоа ме буни, нормално. Второ, и тука кога однесов кај рускиот амбасадор, зашто тој не знаеше кај е руската амбасада, тој знаеше дека е некаде околу црквата, во близина, ама не знаеше, кај Шчербак и овој почна да му бара пари и со какво образложение – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ организираат митинзи и за таа работа носат луѓе со автобуси. Ние може да организираме големи минтинзи, но за тоа ни се потребни пари, бидејќи овие делат сендвичи, даваат пијалок, даваат пари“, рече Влахов-Мицов во интервју за емисијата „360“ на Алсат-М, пред околу две недели.

Бачев, пак, го обвини Мицов дека ги присвојувал парите кои дијаспората ги праќа за зачувување на уставното име.

„Во текот на референдумската кампања, од Австралија дојде претставник на македонскиот бизнисмен од Австралија Илија Андонов да се запознае со кампањата и во разговорот спомна дека се надева оти парите што ги пуштиле завршија работа во кампањата, на што зачудено му беше одговорено за какви пари зборува, по што излезе дека парите за референдумот се пуштени на банкарската сметка на Мицов, оти истиот рекол наводно така било договорено, но такви пари никојпат не дојдоа во кризниот штаб“, соопшти Единствена Македонија минатиот месец.

Патриоти на хартија и на социјални мрежи

Во меѓувреме секојдневно координативната мрежа „Сите за унитарна Македонија“ започна со блокирање на крстосницата пред Собранието. Протестирачите се малубројни, но велат дека на нивните списоци против промената на името се потпишале илјадници луѓе. Тие со помош на клупи и гајби ја блокираат крстосницата, а неизбежен декор се и патриотските песни. Имаат и кутија за оставање на донации и од тие пари се финансираат.

Бојкотирам

За десет дена се најавува протест пред Собранието против уставните промени. На ФБ страницата на која се најавува „Протест за македонцките работи“ се наведува дека се против уставните промени со фингирано двотретинско мнозинство. И тие бараат запирање на процесот за уставни промени, поништување на Договорот за името, почитување на правото, трајна заштита на името на државата Македонија, распуштање на собранието и нови избори. Дел од поддржувачите на Бојкотирам се професори, интелектуалци, Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров, Солза Грчева и нејзината партија Глас, Димитар Апасиев од Левица, поранешни амбасадори, поети, писатели, аналитичари, невладини организации, здруженија од дијаспората.

Правда за Груевски

Во средата вечера која во Собранието на комисија беше предложено одземање на мандатот на поранешниот премиер, сега пратеник Никола Груевски и кога почна втората фаза од уставните измени, а додека се чека и од судот да одлучи дали Груевски ќе оди во затвор, група симпатизери се собраа да му изразат поддршка на Груевски. Протестирачите самоиницијативно се организирале како членови на ВМРО-ДПМНЕ со цел да упатат порака да запре, како што сметаат, политичкиот прогон против Груевски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG