Достапни линкови

Врските, а не образованието пресудни за работа на младите на Балканот


Илустрација

Земјите на Балканот се мачат со најголема невработеност на младите во Европа. Младите се жалат дека за да се вработат им требаат познанства и пари. Само некои од нив имаат среќа да најдат работа и се решени да не ги напуштат своите родни земји.

Младиот Дадо од Србија знае многу луѓе во неговиот роден град Нови Пазар, но веројатно не ги знае и оние „вистинските“. И покрај универзитетската диплома, тој бара работа во изминатите 8 години. Слична е ситуацијата со многу млади луѓе на Балканот.

„Зад тоа стојат корупцијата и економската стагнација на Србија“, посочува Дадо, кој не сака да го сподели своето презиме во јавноста.

„Тажно е, но тие што најдоа работа успеаја да го сторат тоа само преку познанства или со пари. Оние кои жртвуваа многу во текот на студиите немаат вработување, бидејќи нивниот татко не знае никој во бизнис заедницата или нема пари“, вели тој.

Според него, интелегентните и талентираните се на маргините на општеството. На младите падот на комунизмот требаше да им отвори врати на можности. Но, наместо тоа тие се борат да бидат иднината на регионот каде нема просперитет за вработување.

Според Светска банка, БиХ има највисока стапка на невработеност кај младите од 67,6 проценти. Недостигот на работни места ги принудува да ја напуштат нивната земја. Бројката на Босанци кои што живеат надвор од земјата, како што наведува Светска банка, е 44,5 проценти од вкупната популација на земјата од 3,8 милиони жители.

„За жал дојде време кога не можете да најдете работа ни во приватниот сектор без врски“, вели Владимир Марковиќ, невработено момче од Сараево.

Во извештајот на Светскиот економски форум, Србија е рангирана на 137 место од 138 земји кои имаат капацитет да ги задржат младите таленти. БиХ е на 134 место, додека Хрватска, Албанија се на некое место погоре, како и Македонија која се наоѓа на 115 место.

Последниот извештај на македонските власти покажа дека 85 проценти од студентите по дипломирањето ја гледаат својата иднина надвор од земјата.

Во меѓувреме, неодамнешното истражување на Центарот за граѓанско образование од Црна Гора покажува дека половина од младите размислуваат да ја напуштат земјата.

Аналитичарите стравуваат дека одливот на мозоци во регионот ќе има негативен ефект во годините кои доаѓаат. 27-годишниот Василиј нема илузии, но имал врски и среќа кои му помогнале да најде работа во приватна компанија во Црна Гора, каде невработеноста на младите е 40 проценти. Според него, добро е да имаш диплома, но најважните се врските.

„Тоа е првото нешто што ви треба, инаку постојано ќе треба да тропате на врати. Вашето резиме не е толку важно“, вели тој.

Врските се важни насекаде низ светот, но владите на Балканот треба да помогнат во создавањето услови за отворање нови работни места, вели Амер Осмиќ, професор по политички науки на универзитетот во Сараево.

„Додека факултетите се добри за образование на студентите на теоретско ниво, тие мора да воведат и пракса со цел да ги подготват младите за пазарот на труд по дипломирањето“, вели Осмиќ.

Сепак, не сите се согласуваат дека се потребни врски за вработување. Александар од Нови Пазар смета дека претприемачкиот дух е најважен.

„Младите кога ќе видат дека нема работа во јавниот сектор тие најверојатно ќе започнат сопствен бизнис и ќе вработат членови на семејството и пријателите“, вели тој.

Александар порачува и дека донел одлука да остане во Србија. Сака да патува, но како што истакнува, секогаш е среќен да се врати дома покрај неговото семејство и пријатели и смета дека Нови Пазар има иднина.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG