Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ на протест - револт, спин или тест за раководството?


Архивска фотографија - претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прославата на 23 октомври

Попладнево ВМРО-ДПМНЕ изглегува на протест чиј повод е годишнината од приведувањата за случувањата во Собранието на 27 април. Според аналитичарите, ова ќе биде и тест за партијата, но како што велат и спин за да се одвлече вниманието од нив.

Да се крене глас дека состојбата во Македонија не води никаде, да се укаже дека не е направено ништо од ветеното, дека земјава тоне во економска смисла, се случува само криминал, а во меѓувреме СДСМ го води процесот за промена на Уставот. Накратко, вака политичарите од ВМРО-ДПМНЕ го објаснуваат поводот за денешниот попладневен протест кој треба да заврши пред зградата на Владата.

Првично, пак, како повод за протестот беше најавено навршувањето на точно една година од приведувањето на, како што ги нарекуваат од партијата, невините патриоти и родољуби кои на 27-ми април се нашле во Собранието од патриотски побуди.

Според аналитичарите, овие протести на опозициската партија ќе бидат и своевиден тест за состојбите со партиското членство по внатрепартиските превирања. Не мислам дека примарната цел е да видат колку граѓани може да извадат на протестот, туку тоа ќе биде попатен ефект од нив, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Но, бидејќи се доста дисциплинарана партија тие ќе се потрудат што е можно поголем број луѓе да излезат на протести, а преку тоа да ги зајакнат и своите позиции“, вели Муслиу.

Последниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата во Скопје беше во почетокот на јуни оваа година. Но, тогаш и состојбите во државата и во самата партија беа доста поинакви. Петнаесетина дена подоцна Македонија и Грција го потпишаа договорот од Преспа, кој наиде на широка поддршка од меѓународниот фактор. Решението на името беше и причина повеќе странски политичари да го прозиваат лидерот на партијата Христијан Мицкоски и да бараат поддршка од неговата партија.

Но, откако тоа не се случи, а Мицкоски повикувајќи се пред се на референдумот на кој немаше цензус одби да даде поддршка, тоа го сторија осум пратеници од опозицијата. Од тогаш почнаа и внатрешните политички расчистувања и исклучувања од партијата. Последно опозиционерите ги засегна веста за бегството и добивањето на азил во Унгарија на нивниот почесен претседател Никола Груевски.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ со овој потег се труди да го спинува јавниот дискурс кој во моментов е актуелен, а тоа кај повеќето општествени чинители е бегството на Груевски“, вели Муслиу.

Денешниот протестен марш, според најавата, ќе почне во 17 часот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG