Достапни линкови

Азилот на Груевски ќе создаде непријатности за Унгарија и ЕУ


Архива:Унгарскиот премиер Виктор Орбан на средба со Никола Груевски во Македонија.
Архива:Унгарскиот премиер Виктор Орбан на средба со Никола Груевски во Македонија.

Доколку Унгарија му одобри политички азил на Груевски ќе значи дека во Македонија се врши политички прогон, оценуваат експерти. Тие сметаат дека ваквата ситуација ќе создаде проблеми за Унгарија и премиерот Виктор Орбан во ЕУ во однос на владеењето на правото.

Однесувањето на унгарската влада ќе биде предмет на испитување на Европската унија како нејзина членка од аспект на владеењето на правото и борбата против криминалот, доколу на Никола Груевски му одобри политички азил, оценуваат експерти по бегството на поранешниот премиер мината недела во членката на ЕУ. Според нив ситуацијата создава непријатности за Унгарија и за Европската комисија.

Претседателката на Институтот за човекови права и поранешна судијка во Судот за човекови права со Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, објаснува дека прво треба да се разгледа прашањето по кој основ Груевски ќе бара азил, односно дека на властите во Унгарија тој ќе треба да им објасни и докаже што му било попречувано и што е проблемот во Македонија.

„Под претпоставка власта во Унгарија да го прифати барањето за азил, кое што ние не знаеме по кој основ ќе биде прифатено, секако дека прашањето на владеење на право, во кое што влегува и извршувањето на одлуките на надлежен суд кој во одредена постапка ја има донесено одлуката имајќи ги предвид стандардите кои се предмет во македонското национално законодавство, а од друга страна нежалењето и неподнесувањето на апликација пред Европскиот суд за човекови права, можеме да прифатиме дека таа постапка била фер и дека нејзиното извршување со ваквото однесување на Груевски е доведено во прашање, што значи дека не се испочитувало владеењето на правото“, вели Николовска.

Груевски на 13 ноември на Фејсбук објави дека е во Будимпешта и оти побарал политички азил од унгарските власти, откако во последните денови добил закани по негеовиот живот.

Информацијата ја потврди кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, наведувајќи дека унгарските власти му дозволите на Груевски да поднесе барање за азил и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта, нагласувајќи дека процедурата ќе биде спроведена во согласност со унгарските и меѓународните закони, се наведува во дописот на унгарската влада.

Срамота или секоја чест - коментари за бегството на Груевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

На прашањето што ќе значи за земја членка на ЕУ од аспект на владеењето на правото, доколку на Груевски му биде одобрен азил во Унгарија, зборува и амбасадорката на Велика Британија во Македонија Рејчел Галовеј во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

„Нашиот став постојано бил дека владеењето на правото е од витално значење за иднината на Македонија. Земјата излегува од политичка криза и за тој излез од кризата да биде одржлив и успешен, со оглед дека кризата беше и за понесувањето одговорност, мораме да видиме дека се следи владеењето на правото и мораме да видиме изнесените наводи да се процесуираат во согласност со македонскиот Устав и со владеењето на правото“, вели Галовеј.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика​ вели дека се уште е рано да се зборува дали на Груевски ќе му биде одобрен политички азил, како основа дека во Македонија не може да му се обезбеди фер судење, но доколку тоа се случи, објаснува Кацарска, ќе значи дека Унгарија проценила оти во Македонија се врши некаква форма на политички прогон.

“Тоа само по себе би отворило дискусусии за владеење на правото и би отворило некоја форма на спор или отворено прашање кои би го имале со земја членка на ЕУ, што дефинитивно не е во нашиот интерес, а веројатно не ни во интерес на Унгарија. Орбан дефинитивно има и свои проблеми во однос на владеењето на правото и како тој тоа го разбира“, вели Кацарска.

Кацарска смета дека на средината меѓу овие прашања се наоѓа Европската комисија која, како што вели, е бранител на договорите на ЕУ и е најгласна во барањата кон Македонија во односн на потребата да се постигне напредок во борбата против корупцијата и во случаите со висок ризик, но посочува дека од друга страна „нејзните раце се врзани од земји членки“ како Унгарија.

Груевски - од лидер и премиер до бегалец и азилант
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:29 0:00

Европската комисија на 14 ноември одби да го коментира барањето азил на Груевски во Унгарија и потсети дека владеењето на правото е темелен европски принцип.

„Владеењето на правото е темелен принцип на Европската унија за земјите членки исто како и за земјите кандидати. Очекуваме сите страни да се однесуваат строго во согласност со релевантните правила“, велат од Европската комисија додавајќи дека ова е „судска процедура која не смее да се политизира“.

Македонија во јуни годинава доби условен датум за почнување на преговори на средината на 2019 година за членство во Европската унија, со поставени услови за владеење на правото и тоа е областа со која треба да започнат преговорите со ЕУ.

Груевски беше осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“ и на 9 ноември требаше да се јави на отслужување во затворот во Шуто Оризари, откако Кривичниот совет донесе одлуката за нејзино неодложување.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG