Достапни линкови

Сите екс министри на апанажа


Владиниот тим на Груевски, 2014.

Речиси сите министри од претходната власт земале апанажа по завршувањето на мандатот. Дел од нив тоа право го користеле половина година, најголем дел од нив цела година, а поранешниот министер за земјоделие Цветковски се уште е на апанажа. Треба да се провери дали ова законско право правилно се користи, велат експерти.

Речиси сите министри од поранешниот владин состав го искористиле правото за плата од една година на државна сметка по завршетокот на нивниот мандат. Со тоа сумата од милион ипол евра за бенефиции на поранешни функционери, за кои претходно пишувавме, расте за дополнителни 300 илјади евра. Според одговорите на Владата, на листата на корисници на апанажа се поранешните министри од редовите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешните министри за здравство, одбрана и финансии Никола Тодоров, Зоран Јолевски и Кирил Миновски правото на апанажа го користеле само половина година, додека поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков се уште го користи ова право, односно до пензија.

Аналитичарите сметаат дека трошоците за поранешните високи функционери од извршната власт и од законодавната власт се големи и треба законски да се намалат. Поранешниот антикорупционер Ариф Муса додава дека е потребно да се создаде и систем на проверка за искористеноста на ова право кое го плаќаат граѓаните.

„Иако е одредено со закон, тие земаат плата по основа на закон, треба да се разгледа можноста да се види точно дали тие се реално вработени на некое друго место или како луѓе во тој период се без работа. Не верувам дека некои како што се пратениците или високите функционери, бившите министри или заменици министри се луѓе кои остануваат без работен ангажман. Ова ја чини државата повеќе отколку што треба“, вели Муса.

Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески откако го искористиле правото на апанажа во 2016 година во дел од медиумите беше објавено дека се пријавени како вработени во ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително дел од поранешните функционери се и осомничени за злоупотреби на службена положба со цел стекнување на имотна корист.

Професор Темелко Ристески чија стручна област е јавната и државна администрација, вели дека треба да се започне проект со кој ќе се разбива алчноста на луѓето кои се на функција. Тоа е проект за кој ќе треба повеќе време, вели тој.

„Тие се сервис на граѓаните и не треба да ја користат својата функција да ги ограбуваат граѓаните. Онаму каде е направена очигледна злоупотреба на власта, на позицијата, работата во свои раце треба да ја земат и органите на кривично гонење, обвинителствата пред сè и тие злоупотреби да се санкционираат“, вели Ристески.

Апанажа користеле и вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски. Тоа се луѓе кои на овие функции дојдоа од меѓународни финансиски институции. Министрите од дијаспората за странски инвестиции Горан Мицовски, Џери Наумоф и Бил Павлески заедно со нивниот колега Веле Самак, пак, на функционерките столчиња седнаа со искуство од мултинационални корпорации.

Не останале покуси ниту министрите кои доаѓаат од редовите на ДУИ. Апанажа земале и Фатмир Бесими кој беше вицепремиер за евроинтеграции, потоа неговите колега од животна средина и правда Валдет Џафери и Башким Амети, како и сега покојниот Абудлаќим Адеми кој беше министер за образование и Муса Џафери кој беше задолжен за спроведувањето на Рамковниот договор.

Антикорупционерот Муса смета дека една од мерките кои треба да се спроведат е процентуално намалување на правото на апанажа со цел заштеда на буџетски пари и укинување на правото на поранешен премиер да користи обезбедување според принципот колку дена како премиер толку денови и бенефиции по симнувањето од власт, односно да се намали во разумен рок од максимално три години.

„Апсолутно така, во проценти треба кај апанажата да се намали, а во временски рок да се намали обезбедувањето на бившите функционери. А не се многу, ако не се лажам, а според ова право како да не се ставени во ист ранг претседател на Влада, претседател на Собрание и претседател на државата, иако треба да бидат во ист ранг. Претседателот на Собрание не е во ист ранг со премиерот, затоа што нема такво обезбедување, зашто тогаш да има Груевски?“, вели Муса.

Освен премиерот, министрите и нивните заменици, и пратениците, и други функционери кои ги назначува Владата, Собранието и Претседателот имаат законско право да добиваат плата од државата и по завршувањето на нивниот мандат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG