Достапни линкови

Димитров – Со Грција ќе преговараме без страв


Македонија не смее да се плаши да влезе во преговори со Грција. Во преговори ќе се влезе со добра верба и без страв, во обид да се надминат разликите, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Димитров, колку Македонија е блиску до компромисот со Грција, на кој се работи во Њујорк, Брисел, Атина и Скопје?

Компромис значи кога не го добивате тоа што најмногу го посакувате, кога има извесно отстапување од идеалното решение за двете страни, подразбира и исчекор од двете страни, и бидејќи сме во Европа, во 21 век, компромис е единствено можен ако двете страни можат да излезат од проблемот со исправена глава. Тоа значи дека клучните грижи на Македонија и клучните грижи на Грција, треба да бидат покриени.

Колку тој компромис ќе биде болен за Македонија?

Ние кога размислуваме за ова прашање, прво треба да размислуваме за нашето достоинство и за тоа каде сакаме да ја видиме Македонија, пет или 10-15 години од денес. Ако има целосно победена страна, тоа нема да биде добро ниту за победникот, ниту за губитникот, бидејќи тоа ќе развие ужасен национализам. Значи, мора да најдеме начин двете страни да излезат со чувство дека најважното го заштитиле.

До каде е спремна да оди вашата влада? Ете се спомнува промена на имиња на автопатот, на споменици, се спомнува ревизија на учебници?

Македонија не смее да се плаши да влезе во овие преговори, и ние ќе влеземе во овие преговори со добра верба, во обид да ги надминеме разликите. Истовремено нема да преговараме од страв и не можеме да излеземе со решение што нема да ни ги покрие главните грижи. Јас кога бев преговарач за името во 2006 од амбасадор на една значајна членка на НАТО уште пред да се преименува аеродромот добив порака дека овој потег најверојатно ќе ни го искомплицира патот кон НАТО.

За ова прашање во Владата не сме разговарале, мислам дека е клучно да разбереме дека патриотизомот значи грижа за државноста и дека е клучно да одземеме аргументи на оние политички сили во Грција, коишто имаат интерес да ја држат блокадата.

Целото интервју со министерот за надворешни работи Никола Димитров, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG