Достапни линкови

Во учебниците ќе се исправаат грешки, нема да се менува историјата


Илустрација за терминот „власт“ во учебникот по Граѓанско образование за 8 одделение во 2014 година

За темата која во јавноста предизвика внимание, дали учебници по географија и историја ќе се ревидираат во рамки на договорот за добрососедство на Македонија, министерката Рената Дескоска посочува дека такви процеси не се почнати, нити тоа е официјално побарано од ресорното министерство.

По детектирањето на низа грешки во учебниците воочени од наставниот кадар во основните и средните училишта, од Министерството за образование велат дека експертска група прави дополнителни анализи, претежно на учебници од природни науки и граѓанско право. Министерката за образование Рената Дескоска посочува дека има погрешно презентирани податоци, формули и дефиниции, како и погрешни преводи, најчесто во предметите хемија и физика, потенцирајќи дека целта на ова министерство е сè што е воочено како грешка да биде исправено со помош на експерти.

„Не станува збор за бришење на историја или измени, тоа е апсурдно кој било да помисли да го прави. Ние сакаме да им дадеме можност на нашите ученици да учат од учебници кои не содржат грешки како што видовме. Во делот на говорот на омраза за жал во Македонија сè уште не е целосно развиена свеста што значи говор на омраза, а тоа всушност значи забранет говор. И во тој дел треба некогаш стручна експертиза да се провери дали она што постои во учебниците содржи говор на омраза или не со цел да овозможиме современо образование во склоп со европските стандарди за човекови права“, изјави министерката за образование и наука Рената Дескоска, која е гостинка во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

За актуелната тема која во јавноста предизвика внимание, дали учебници по географија и историја ќе се ревидираат во рамки на договорот за добрососедство на Македонија со земјите од регионот, министерката посочува дека такви процеси не се почнати, нити е тоа официјално побарано од ресорното министерство.

Историчарот Новица Вељановски, кој речиси две децении е автор на повеќе учебници по историја во основно и средно образование, вели дека и поарно имало иницијативи за пишување заеднички учебници со земјите од Балканот, но сите биле безуспешни.

„Последно имаше случај со Бугарија, се формираа заеднички комисии, требаше да се пишуваат заеднички учебници, кога се собраа историчарите на иста маса видоа дека не може тоа, бидејќи имаме различни гледање. Прво не како држави што имаме различни гледања, туку и меѓу двајца автори не можеш да најдеш исто гледање за некоја работа“, вели Вељановски.

Тој истакнува дека по обидот за заедничко пишување учебници по историја со балканските земји, донесено е соломонско решение - објавени се неколку документи и оставена е слобода на авторите од земјите секој да ги толкува овие документи во пишувањето на историјата.

Тој со сомнеж гледа и на последната иницијатива за ревизија на учебници во име на добрососедски односи на Македонија со Бугарија и Грција, зашто, како што вели, историското минато на Македонија е спротивставено со минатото на балканските земји.

„Како ќе ги толкувате Балканските војни на пример, кога се воделе за освојување на делови од интегрална Македонија која остана како последна неослободена за време на османското владеење. Ќе ги толкуваме ли Балканските војни како братски војни за поделба на Македонија или треба да се каже што всушност беа тие, дека беа завојувачки и секоја од балканските земји сакаше да заземе што поголем дел од оваа територија денеска“, вели професор Вељановски.

Тој дополнува дека обично политичарите сакаат историчарите да пишуваат историја која оди во прилог на актуелниот политички миг, а не вистински одговори на прашањата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG