Достапни линкови

Кој ќе биде амнестиран со најавеното помирување?


Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стојат додека нивните колеги Елизабета Канческа - Милевски и Љубен Арнаудов гласаат за почеток на уставните измени

Ако опсегот на амнестијата биде преголем, ќе пропаднат најавите на власта за борба против криминалот, но ако биде премал, опозициските пратеници нема да го прифатат.

Опсегот на амнестијата ќе биде клучниот предизвик на најавеното собраниско тело за помирување, велат аналитичарите. Разговорите за формирање на телото беа најавени за во понеделникот, па за денеска, па сега се споменува петок како ден кога може да се формира телото. Според информации од парламентот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да го координира формирањето на телото и оти владејачкото мнозинство се обидува да ги убеди пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во неговата работа.

Од власта избегнуваат да го употребуваат зборот амнестија, туку велат дека се работи за помирување и простување за настаните од 27 април. Пратениците од опозицијата, кои гласаа за уставните измени, соопштија дека ја прифаќаат иницијативата на премиерот Зоран Заев за „простување“ за настаните од 27 април. Во соопштението до јавноста, тие меѓу другото, побараа формирање собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието, кои ќе изготват и во рок од 30 дена ќе предложат план за национално помирување.

Тројца од пратениците од опозицијата, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои гласаа за уставните измени се обвинети за настаните од 27 април. Но, други имаат проблем со СЈО. Синот на пратеничката Владанка Авировиќ е осуден на казна затвор за случајот Труст на СЈО, а поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, е исто така обвинета од СЈО во случајот „Тендери“.

Пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ во понеделникот изјави дека комисијата што ќе се формира треба да утврди „дали помирувањето ќе биде само за настаните од 27 април или пошироко“.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека опсегот на амнестијата сега е клучниот предизвик.

„Ако е тој преголем, тоа ќе ѝ создаде проблем на владејачката партија која со тоа би ги намалила своите најави за прогон на криминалот и враќање на правната држава. Ако биде премал, тогаш можеби нема да ги задоволи барањата на сегашната опозиција. Мислам дека токму поради тоа двете партии молчат за тоа како ќе изгледа таа комисија и што всушност таа ќе разговара и со што ќе се занимава. Јас мислам дека доколку компромисот, кој таа комисија би можела во политичка смисла да го направи, се задржи само на оној неопходен компромис поврзан со двотретинско мнозинство, тоа е горчливо апче за јавноста, но јавноста ќе може да го проголта“, вели Арсовски.

Тој посочува дека е важно помилувањето да не значи прекин со општата борба против криминалот и враќање на правната држава.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара амнестија за сите обвинети за настаните од 27 април без разлика дали гласале за почеток на уставните измени или не. Тие се скептични за формирањето на комисијата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG