Достапни линкови

Собраниска дебата за добивање време за преговори за мнозинство


Архивска фотографија- седница на Собрание на РМ за уставни измени

Пратениците втор ден дебатираат за уставните измени со позиции веќе познати во јавноста. Политичките аналитичари сметаат дека со тоа се дава дополнително време за преговори за обезбедување двотретинско мнозинство.

Договорот од Преспа е добар и ќе ги отвори вратите на ЕУ и на НАТО и со него се зачувани македонскиот јазик и идентитет е позицијата што ја застапува мнозинството во парламентот на пленарната расправа за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ останува на тврдењето дека договорот е лош, мртов по референдумот и дека со него се загрозуваат идентитетските прашања.

Познатите партиски ставови искажани претходно на прес конференции и во изјави сега се слушаат и од собраниската говорница. Според политичките аналитичари со ова одолговлекување и повторување на истите позиции со денови политичарите, пред се, си даваат простор за меѓусебни преговори за обезбедување на двотретинско мнозинство. Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека такви преговори се одвиваат зад сцената.

Овој простор од десет дена се користи за да се постигне политички пазар со кој ВМРО-ДПМНЕ би гласал за уставните измени, ако не цела пратеничка група, тогаш дел од партијата” вели Незири.

Тој спомнувајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев за помирување за случувањата од 27 април лани во Собранието, која во дел од јавноста е протолкувана како амнестија, вели дека со тоа Заев ја поставил почетната позиција за преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

Според аналитичарот Петар Арсовски парламентарната говорница се користи за праќање политички пораки, кои се условно речено, во насока на политичка кампања и комуникација, но одолговлекувањето на дискусиите им дава простор на партиите и тој напор како што вели, се гледа за партиите да постигнат договор во Собранието.

И меѓународната заедница притиска на некаков таков договор, на решавање на проблемот во Собрание и мислам дека ова одолговлекување на дебатата е повеќе простор за постигнување на таков договор” смета Арсовски.

Инаку според деловникот најмногу десет дена може да трае оваа седница на која се разгледува потребата од менување на Уставот, а која треба да заврши со двотретинско гласање. Рокот може да се намали ако нема доволно пријавени за збор, но на првиот ден од седницата се пријавија 66 пратеници, чии говори предизвикуваат реплики и контрареплики така што очекувањата се дека таа ќе трае со денови.

Сето ова се случува и во временски теснец поврзан со Договорот со Грција. Во него е наведено дека уставните измени треба да се усвојат до крајот на годинава, но владата на премиерот Алексис Ципрас најави дека е можно да се почека уште некое време.

Целиот процес е гамбит кога немате политички консензус, но мислам дека десет дена е секако помалку време што би се изгубило во шансата да се обезбеди двотретинско мнозинство, отколку времето што би се изгубило кога би морало да се оди на избори” вели Арсовски.

Проценките се дека работите ќе станат поизвесни кон крајот на оваа недела, па ако не се обезбеди потребно мнозинство, тогаш би се одело кон брзи предвремени парламентарни избори.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG