Достапни линкови

Медиуми - Новата „бомба“ на СЈО ги засени уставните измени


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

СЈО отвори нови истраги во време кога во собранието почна комисиската расправа за уставните измени, пишуваат медиумите.

Нова „бомба“ одекна во средата во македонската јавност, но не од оние снимените со разговори на поранешни високи функционери на бившата власт, туку од СЈО. Ја засени дури и седницата на Уставно-правната комисија на Собранието каде што, исто така во средата, почна дебатата за Предлогот за пристапување на измени на Уставот согласно Преспанскиот договор.

СЈО со шест нови истраги, буџетот оштетен за 80 милиони евра“ – гласи насловот на информацијата во Нова Македонија во која се наведува дека поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување се отворени истраги против Никола Груевски, ексминистрите за сообраќај и за здравство, Миле Јанакиевски и Бујар Османи, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, ексградоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, поранешниот главен извршен директор на Т-мобиле Македонија, Жарко Луковски и уште десетина други лица.

Оваа вест ја објавува и Слободен печат. Вечер и Независен издвоено објавуваат: „СЈО го сомничи Бујар Османи дека ја злоупотребил службената положба како министер за здравство“ и реакцијата на Османи: „Изненаден сум од информацијата за отворена истрага од СЈО“.

Слободен печат оди со наслов: „Изненаден сум, но стојам на располагање на СЈО“. Исто така издвоено, Вечер насловува: „Ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески прв пат осомничен во истрага на СЈО“, при што наведува дека со Миле Јанакиески овозможил на руска фирма да гради гасовод како надомест за долгот од поранешниот СССР кон Македонија. Вечер уште објавува: „СЈО му отвори уште две нови истраги на Никола Груевски, ’Пропаганда‘ и ’Хармонија‘“.

Внимание предизвикува веста што Слободен печат ја објавува со прашалник: „РТС: Заев веќе има мнозинство?“, во која се вели дека повикувајќи се на информации на ТВ Алсат-М, српската државна Радиотелевизија објавила дека „власта на Зоран Заев успеала да обезбеди двотретинска поддршка за уставните измени и да избегне вонредни избори“. Вечер, пак, се повикува на информациите на некои медиуми во соседна Грција: „Грчки медиуми: Заев се пофалил на Брисел и на Атина дека обезбедил 76 пратеници, дека 2 начелно биле ЗА, фалеле уште 2“.

Слободен печат го цитира премиерот Заев од излагањето на седницата на собраниската Комисија за Уставни прашања: „Во јануари нè чека столче во НАТО“. Весникот додава дека на седницата учествуваат пратеници од сите пратенички групи, како и од ВМРО-ДПМНЕ“. Слободен печат на насловната објавува: „Премиерот Заев апелира за поддршка на уставните измени – Пратеници, време е, историјата чека на вас!“

Вечер со два наслова од седницата на собраниската Комисија: „Димовски до Заев: Постигнете консензус со Мицкоски, најдете заедничко решение“ и „Вељаноски: Нема да учествуваме во менување на Уставот, немате двотретинско мнозинство“, додавајќи дека експретседателот на Собранието потоа ја напуштил комисиската седница.

Независен ја објавува веста дека „ЕПП, Европската народна партија, ѝ се заканува на ВМРО-ДПМНЕ со исклучување“. Во информацијата се додава дека тоа е најголемата и највлијателна политичка група во која членуваат речиси сите демохристијански партии од земјите членки на ЕУ. На насловната, Независен објавува: „Се зголемува притисокот врз опозицијата – ВМРО не го плаши укорот од ЕПП?“ Електронското издание на истиот весник ја објавува изјавата на Мицкоски: „Не сме изолирани, на состанокот на Европската народна партија ќе оди потпретседателот Александар Николоски“.

Нова Македонија ја објави изјавата на владиниот портпарол, Миле Бошњаковски: „На 18 и 19 октомври во Брисел официјално почнуваат пристапните преговори за членство на Република Македонија во НАТО“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG