Достапни линкови

Димитров: Уставните измени не се напишани, ниту преговарани


Министерот за надворешни работи Никола Димитров ги објаснува одредбите од Договорот со Грција за името.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров ги објаснува одредбите од Договорот со Грција за името.

Четирите амандмани на Уставот ќе ги формулира Собранието до крајот на годинава, а засега тие не се ниту напишани, ниту преговарани, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој на прес конференција зборуваше за повеќе точки од Договорот со Грција.

На првиот ден од неделата што завршува со референдум, министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес конференција во Владата преку табли со напишани конкретни членови од договорот ги „доразјаснуваше клучните елементи” од спогодбата со Грција.

Уставните измени не се напишани, ниту се преговарани и нив ќе ги формулира Собранието, рече Димитров. Оваа реакција следува по неколку дневните прозивки од ВМРО-ДПМНЕ да одговорат на нивното тврдење дека амандманите веќе се стигнати од Грција како нонпејпер, а дека нив во Македонија веќе ги доработувал професор по уставно право.

Димитров спомена четири амандмани на Уставот - првиот се однесува на додавање на одредницата северна, вториот на неменување на границите, третиот за грижата за македонското национално малцинство во соседните земји, кое, како што рече, ќе се прошири во грижа за правата на целата дијаспора. Четврто, во преамбулата нема да се чепка ништо од државно правниот наратив, кој почнува од Илинденското востание преку АСНОМ до референдумот за независност, рече министерот.

„Колку повеќе луѓе ќе речат, да, сакаме да одиме напред, толку полесен ќе биде политичкиот процес во Собранието, каде што ќе треба да се формира мнозинство од 80 пратеници. Ние ќе се обидеме тој процес, со такво мнозинство за овие четири уставни амадмани да заврши заклучно со крајот на декември оваа година”, рече Димитров.

Нема да се викаме Северно од Република Македонија

Објаснувајќи ги другите нејаснотии за Договорот, за кој причина рече дека се и постоењето многу дезинформации во јавноста, Димитров нагласи дека кон името Македонија се додава географска одредница Северна и земјава нема да биде Северно од Република Македонија како што се уште мисли дел од јавноста. Терминот „nationality” во кој според Договорот ќе пишува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија значи државјанство, а не етничка припадност објасни Димитров додавајќи дека идентитетските одредници се во друг член од договорот.

„И во него јасно се укажува дека Македонија се однесува на нашата територија, јазикот е македонски, народот е македонски со сите одлики”, рече Димитров.

Меѓународните кодови остануваат МК и МКД со исклучок на регистарските таблички, а влегувањето во сила на спогодбата е врзана со ратификација во Грција на протоколот за зачленување на земјава во НАТО, додаде Димитров.

Димитров за ставот на Иванов - срамно бегство од одговорност

Тој на новинарско прашање го коментираше и ставот на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да гласа на 30 септември.

„Да се каже дека не се гласа е срамно бегство од одговорност и тоа не се кажува од Македонија туку од преку океанот”, рече Димитров.

Претседателот Иванов викендов на средба со претставници на дијаспората во Детроит во Соединетите Американски Држави. рече дека на 30 септември нема да излезе и да гласа на референдумот за Договорот со Грција. Според него со оваа спогодба се обидувале да не понижат, како што ниту еден народ не бил понижен, а како што вели сакале да не направат „недоветни сметајќи дека не знаеме како се викаме“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG