Достапни линкови

Уставните измени најдоцна до крајот на јануари


Архивска фотографија- собраниска комисија за уставни прашања

Деловникот на Собранието предвидува строги рокови за дебата за измените на Уставот. Собраниски извори посочуваат дека може да има мало скратување, но само во услови ако нема доволно пријавени за дебата.

Уставните измени влегоа во собраниска процедура, а роковите од Деловникот на Собранието предвидуваат тие да траат околу сто дена. Евентуално, според предвиденото во деловникот, може да се намали времето предвидено за пленарна седница, комисиски расправи и јавна дебата, но само во случај ако нема доволно пријавени за збор. Два рока од по триесет дена не може да се скратат во ниту еден случај.

Тие се предвидени во членот 197 и 199 од Деловникот на Собранието. Во првиот се наведува дека „текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието“.

Во другиот член 199 се предвидува текстот на предлогот на амандманите на Уставот со образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, предлагачот да го достави до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.

Можно одложување на пленарната

Ова значи дека ако нема доволно заинтересирани за збор дебатата за уставните измени би можела да заврши најрано во средината на јануари. Во услови да има доволно пријавени таа би завршила кон крајот на истиот месец, брифираат собраниски извори.

Седницата на уставната комисија, која е веќе почната, пак, е предвидено да може да трае десет дена. Но, земајќи предвид дека се предвидува член на Комисијата и пратеник во текот на претресот да може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, координатор на пратеничка група вкупно 30 минути, а претставникот на предлагачот повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно, ако нема доволно пријавени таа може да заврши и побрзо.

Пленарната седница за уставните измени е закажана за в понеделник, но истите извори велат дека ако не се исцрпат сите дискутанти на уставната комисија можно е и да се одложи седницата.

Првиот претседател на Собранието во независна Македонија Стојан Андов, пак, сугерира дека роковите би можело да бидат и пократки. Тој присетувајќи се на носењето на Уставот во 1991 година, вели дека по оддржаниот референдум на 8 септември кон крајот на истиот месец ги добиле предлозите.

„Во собраниска процедура Уставот влезе некаде во почетокот на октомври, а беше донесен на 17 ноември, што значи дека процедурата траеше вкупно околу 40 дена“, вели Андов.

Според Договорот со Грција, амандманите на Уставот треба да бидат усвоени до крајот на 2018 година. И министерот за надворешни работи Никола Димитров непосредно пред референдумот рече дека тие ќе се обидат процесот на уставните измени да го завршат заклучно со крајот на декември оваа година.

Атина ќе почека

Но, според изјавите од официјална Атина, тамошната влада е можно да ги почека уставните измени. Ако тие се донесат во македонскиот парламент, тогаш тој треба да се достави на ратификација во грчкиот парламент и само ако се ратификува и таму тогаш измените, според договорот, ќе влезат во сила и во Македонија.

Грчкиот весник Катимерини неодамна излезе со анализа во која пак предвидува политички импликации и во Грција при гласањето за Договорот од Преспа. Весникот времетраењето на грчката Влада го поврза директно со Договорот од Преспа, по изјавите на Панос Каменос и Алексис Ципрас за нивната соработка во коалиционата влада поради различните ставови во однос на решението меѓу Македонија и Грција.

Доколку договорот се достави за одобрување од грчкиот Парламент во февруари или во март 2019, повлекувањето на Независни Грци ќе ја принуди СИРИЗА да продолжи како еднопартиска малцинска влада и да ја одведе земјата на избори. Секако, господинот Ципрас го спомена октомври 2019, но сепак е јасно дека продолжувањето на животот на владата за 6 месеци по гласањето на Договорот од Преспа со малциски владин состав веројатно е невозможно“, анализираше весникот во минатиот месец.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG