Достапни линкови

Што би донеле нови брзи избори?


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кампања за референдумот

Постојат неколку опции ако се оди на предвремени брзи избори, а со некои од нив може да дојде и до закочување на Договорот со Грција, или пак до негово целосно поништување.

Власта останува на позицијата за брзи избори во ноември воедно и со тврдењето дека ќе се почитува обврската за техничка влада. Опозицијата, пак, вели дека ќе одат на предвремени избори ако има нов јавен обвинител, анкетна комисија за референдумски нерегуларности и пржинска влада со комлетен мандат.

Скратените рокови за предвремени избори, пак, не овозможуваат доследно почитување на Законот за влада, кој предвидува техничка влада да се формира сто дена пред избори. Според измените на Законот за влада кои беа усвоени летово „100 дена пред денот на одржување на избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство”.

Партиите ги доутврдуваат позициите

Засега изгледа како никој да не отстапува од своите позиции, иако остануваат малку денови за носење одлука. Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето дали ако се оди на брзи избори на кои не би имало време за пржинска влада со „комлетен мандат”, како што бараат, ќе учествуваат на нив, велат дека деновиве имаат состаноци на партиските тела на кои ќе ги разгледале опциите и ќе ги утврделе своите позиции.

Од СДСМ, пак, го повторуваат ставот дека волјата на граѓаните на референдумот е јасно изразена и тие се за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО, но дека поради неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ ако тие продолжат да ја блокираат иднината, ќе мора да има предвремени парламентарни избори.

Засега постојат неколку опции за изборите, ако партиите не се договорат за поддршка на уставните измени за што останува уште една седмица.

ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира изборите?

Во случај опозициската партија да одлучи да ги бојкотира изборите поради нивното барање за пржинска влада со комлетен мандат и смена на јавниот обвинител, што СДСМ засега го отфрла, ќе биде доведена во прашање легитимноста на изборите, оценуваат аналитичарите.

„Во случај ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира изборите тие би биле дискутабилни, зошто избори без опозиција не се одлика на демократските земји”, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ досега има бојкотирано избори во 1994 година. Тогаш партијата тврдеше дека претседателските избори на кои победи Киро Глигоров биле фалсификувани и одлучи да го бојкотира вториот круг на парламентарните избори кои се одржуваа заедно и немаа свои пратеници до 1998 година.

СДСМ, пак, досега нема бојкотирано избори, но ги нема признавано резултатите од нив, по што ја бојкотираа работата на Собранието.

Има избори, учествуваат сите - резултати слични

Другата опција во случај на предвремени избори е тие да се одржат и на нив да учествуваат сите, но резултатите од нив да не сменат многу во распоредот на силите во Парламентот, па владејачката коалиција повторно да нема двотретинско мнозинство. Изборите нема да сменат ништо, само ќе ги одолговлечат обврските од Договорот со Грција, смета аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје.

„Тие нема да решат ништо, оти ако се оди на избори со цел СДСМ да обезбеди двотретинско мнозинство, тоа нема да се случи”, вели Божиновски.

Во Договорот за името со Грција, пак, е предвидено дека Македонија треба да ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 година. Ако изборите се случат на 25 ноември, тогаш прегласувањата по приговорите би се одржале на 9 декември. Новите пратеници се состануваат на конститутивната седница најдоцна 20 дена по изборите. Претседателот на Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Ова значи дека најмалку до крајот на годината, а можно и во почетокот на следната да течат постизборните процедури.

Потоа ако ситуацијата остане слична би требало повторно да се преговара за двотретинско мнозинство.

Има избори, ВМРО-ДПМНЕ победува - Договорот е мртов

По референдумот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веднаш излезе со оцена дека граѓаните одлучиле дека Договорот со Грција е мртов, а целиот процес околу неговото спроведување завршен. Во интервју за Радио Слободна Европа, партискиот потпретседател Александар Николоски летоска рече дека ако референдумот не пројде, тие кога би дошле на власт, ќе го препреговарале овој Договор и ќе постигнеле подобар.

Во таков случај, нема да се реализира брзото зачленување во НАТО следната година, оти Грција повторно ќе ја активира блокадата, а се очекува слична постапка и во ЕУ каде што Македонија го почна скрининг процесот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG