Достапни линкови

Уставни измени или избори - на потег е ВМРО-ДПМНЕ


Седиштето на ВМРО ДПМНЕ
Седиштето на ВМРО ДПМНЕ

По референдумот има две опции, како што најави премиерот Зоран Заев, за имплементација на договорот за името со Грција, а упатените не исклучуваат ниту една од нив. Првата е усвојување на уставните измени во Парламентот за што е потребно да гласаат и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а доколку тоа не се случи втората опција се предвремени парламентарни избори кон крајот на ноември.

Усвојување на уставните измени или предвремени избори? И двете сценарија, според упатените, се во игра откако премиерот Зоран Заев по референдумот најави дека ако не се обезбеди потребното мнозинство од 80 пратеници во Собранието за усвојување на уставните измени, тогаш двотретинското мнозинство ќе се обезбедува на предвремени парламентарни избори. Заев денеска порача дека веројатно од утре ќе почнат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени и оти се надева дека тие ќе бидат успешни.

Денеска е ден на сублимирање на сите анализи на сите планови и сл. Веројатно од утре ќе почнеме со разговори“, рече Заев.

Заев: Од утре разговори со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:53 0:00

Тој порача и дека има време за организирање на евентуални предвремени избори кои би се одржале на 25 ноември, како и воспоставување на техничка влада. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи од тоа дали партијата е спремна да влезе во предвремени парламентарни избори вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.

„Доколку смета дека не е доволно консолидирана и состојбата во партијата не гарантира добар резултат на изборите, мислам дека ќе се најде начин како дел од пратеничката група да ги поддржи уставните амандмани и со тоа да чекаат подобро време за парламентарни избори. Во спротивно, доколку нивните проценки би биле дека нивната состојба е консолидирана во партијата, тогаш сигурно дека ќе одбијат каква било поддршка на уставните измени“, смета Зибери.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски смета дека постои шанса уставните измени да поминат во Собранието.

„Не ја исклучувам таа можност од причина што ВМРО-ДПМНЕ има десет пратенички групи, кои според вчерашните насоки кои ги имаше дадено претседателот на партијата Христијан Мицкоски, односно со самиот негов став дека ќе го бојкотира гласањето, сепак одреден број на пратеници излегоа и гласаа. Внатре во ВМРО-ДПМНЕ има неколку групи кои различно го гледаат и толкуваат договорот и моментот пред кој се наоѓа Република Македонија, така што не ја исклучувам можноста сепак да се најдат пратеници кои што би гласале“, истакнува Гаџовски.

Зибери додава дека очекува и меѓународниот фактор да биде поактивен и да изврши влијание за договор за името сепак да биде имплементиран.

На државата не и требаат предвремени избори, на државата ѝ треба една стабилизација, внатрешна и меѓународна а тоа секако оди преку имплементација на преспанскиот договор и отворање на преговорите и за членство во НАТО и во ЕУ“, посочува тој.

Мицкоски порача дека референдумот бил дебакал и пораз за договорот за името. Според него, референдумот бил битка за Македонија, а не за предвремени парламентарни избори и ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со активностите за обезбедување на подобар живот за граѓаните.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG